Македонскиот претседател Ѓорге Иванов ќе учествува на утрешната лидерска средба што ја свика премиерот Зоран Заев, соопштено е од кабинетот на Иванов.
– Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, имајќи ги предвид важноста на прашањето за името и државните интереси на Република Македонија, ја прифаќа поканата за информативна средба, иницирана од Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија, закажана за утре, 19 мај 2018 година – соопшти кабинетот на Иванов.
Оттаму велат дека до нив до денеска не се доставени целосни одговори на барањата упатени на 29 март 2018 година, вклучително и нацрт-текстот на билатералната спогодба за надминување на разликата околу името, доставен од Министерството за надворешни работи на Република Грција.
– Сметаме дека на тој начин се врши селективно информирање на македонскиот претседател. Иванов на утрешната средба очекува да биде информиран за суштината и за деталите од разговорите во процесот за надминување на разликата околу името – се додава во соопштението.