Востановената практика да се бара од Западот да направи повеќе за балканските земји се соочува со две непријатни вистини. Прво, Балканот е далеку од врвот на приоритетната листа на ЕУ и САД, што значи дека потенцијалните средства што тие би ги вложиле се повеќе од недоволни. Второ, конкурентите за влијание во регионот, како Русија и Кина, станаа поактивни и понаметливи од порано, отежнувајќи им го така дејствувањето на Брисел и на Вашингтон. Ова значи дека до потраен ангажман ќе дојде најверојатно откако кризите ќе се „врамат“ преку призмата на натпреварот меѓу големите сили, нешто што во овој момент претставува доминантна безбедносна парадигма за ЕУ и за САД
Секогаш кога на Балканот почнува да се наѕира политичка нестабилност, вообичаена реакција е повикувањето на поголем ангажман од страна на ЕУ и САД. За жал, дојде време да се соочиме со фактот дека најверојатно ќе бидат залудни сите повици до ЕУ и САД за реинвестирање во мировните сили и посредување во однос на големите политички реформи на Балканот. Востановената практика да се бара од Западот да направи повеќе, треба да се соочи со две непријатни вистини. Прво, Балканот е далеку од врвот на приоритетната листа на ЕУ и САД, што значи дека потенцијалните средства што тие би ги вложиле се повеќе од недоволни. Второ, конкурентите за влијание во регионот, како Русија и Кина, станаа поактивни и понаметливи од порано, отежнувајќи им така го дејствувањето на Брисел и на Вашингтон. Ова значи дека до потраен ангажман ќе дојде најверојатно откако кризите ќе се „врамат“ преку призмата на натпреварот меѓу големите сили, нешто што во овој момент претставува доминантна безбедносна парадигма за ЕУ и САД, пишува Горана Гргиќ за „УорондРокс“.
Балканот се соочува со една нова спирала на нестабилност
Патот пред нас остава малку оптимизам во однос на потенцијалот за големи чекори и напредок. Со оглед на тоа дека регионот одбележува три децении од избувнувањето на војните што следуваа по распадот на Југославија, времето е повеќе од „зрело“ да се мисли на ограниченоста на странските интервенции и на напорите за изградба на државата. Онаму каде што постои можност за склучување договори, императив е ЕУ и САД да ги сфатат последиците од надмената реторика, комбинирана со разочарувачки активности.
Што е уште поважно, Западот би требало да биде свесен за ризиците од ангажман во регионот, кој е мотивиран само и единствено од ривалството меѓу големите сили. Како што е веќе очигледно, ваквиот пристап носи ризик од поткопување на демократскиот прогрес и, во крајна линија, поткопување на западните интереси во овој регион.
Во моментов, Балканот се соочува со една нова спирала на нестабилност. Најопасните невралгични точки, донекаде и очекувано, вклучуваат нерешени прашања што водат корен од распадот на Југославија. Во септември, во Косово се случија насилни нереди во врска со една најбанална работа – регистарски таблички. Малку посеверно, лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, неодамна се закани со ставање крај на српското учество во босанските државни институции. Имајќи го предвид сево ова, новиот висок претставник за Босна и Херцеговина предупреди дека државата се наоѓа пред бездната на насилството.
Секако, присутни се и други проблеми. Во Црна Гора во септември, среде и онака затегнатите политички релации по парламентарните избори во 2020 година, неколку десетици луѓе беа повредени за време на протестите против устоличувањето на новиот поглавар на Српската православна црква. Голем број Црногорци ја поддржуваат независната Црногорска православна црква, а претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, јавно ја обвини Србија дека ја инструментализира црквата како институција, со цел да се меша во суверенитетот на неговата држава.
Паѓа моќта на ЕУ и САД да влијаат врз ситуацијата на теренот на Балканот
Како одговор на овие кризи, ЕУ и САД испратија свои претставници, чија задача е да бидат посредници во преговорите и трговските зделки. Ова беше очекувано. Балканскиот регион сè уште е територија каде што Брисел и Вашингтон може да вршат влијание во многу поголем степен отколку на други места. Сепак, многу често одбиваа да го искористат ова влијание, преферирајќи банални изрази на загриженост и бесмислени повици за дијалог, кои немаат никаква моќ да влијаат врз ситуацијата на теренот.
Како производ на сево ова, со секоја нова криза, полека станува сè појасно дека фиксацијата за ангажман на ЕУ и САД, имајќи ја предвид променливата природа на тековните меѓудржавни односи, воопшто не е во допир со реалноста. Државите ривали сега се натпреваруваат за поголемо влијание во регионот, додека домашните ограничувања на двете страни од Атлантикот ги поткопуваат шансите за поамбициозна регионална политика. Најверојатно ниту еден од овие два тренда нема да трпи промени во блиска и средна иднина, што во превод значи дека не е многу веројатно дека Западот ќе посвети долгорочно внимание или позначајни средства во регионот што бавно се придвижува напред.
Иако Европската Унија има многу поголем влог на Балканот, таа се соочува со поголем дефицит на кредибилитет од САД. Изгледите за нестабилен Балкан имаат директен ефект на прелевање кон соседните држави – од кои сите се членки на Унијата. А сепак, дури и во својата реторика, Унијата има малку да му понуди на регионот. Таа цело време зборува за некакви ангажмани, продолжувајќи да ја залажува со морковот наречен членство т.н. шесторка на Западен Балкан (WB6): Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија. Меѓутоа, не успева да ги одржи своите ветувања поради спорови во внатрешната европска политика, замор од проширувањето и цел пакет други поитни прашања на агендата, кои ја „скратија“ брановата должина на ЕУ. Во октомври, словенечкото претседателство со Советот на ЕУ го организира самитот на Западен Балкан, на кој се очекуваше „инјекција“ за процесот на пристапување. И покрај „недвосмислената поддршка за европска перспектива на земјите од Западен Балкан“ што Унијата ја понуди, сите референции што се однесуваа на датуми и рокови беа изоставени од финалната заедничка декларација.
Тврдата моќ сѐ уште пресудна за вразумување на Балканците
Недоволната воена сила на Европската Унија ѝ оневозможува одвраќање на оние што имаат намера да го дестабилизираат регионот, ниту пак ѝ дозволува да реагира секогаш кога безбедноста се влошува. Од друга страна, поголемата воена сила на САД не придонесе и за нејзина поголема ефикасност. Се разбира, регионалните моќници се сигурно посклони да го слушаат Вашингтон. Оттука, не е изненадување што изборот на Џо Бајден за американски претседател предизвика различни реакции, кои се движеа од топло одобрување до вообичаено непријателство – во зависност од искуствата од американската воена интервенција во 1990-тите. Оние во регионот што навиваа за „враќањето“ на САД, се понадеваа дека администрацијата на Бајден ќе помогне да се надмине политичката безизлезност во нивните држави. Од друга страна, оние што им се спротивставија на американските интервенции сметаат дека Бајден претставува само континуитет во докажувањето на американската моќ. Меѓутоа, сè досега, и покрај законодавната и извршната сфера на интерес што ја имаат на Балканот, САД не му дадоа приоритет на овој регион. Тешко е да се верува дека ќе го направат тоа со доволно посветеност за разбивање на актуелните политички застои или за превенирање на заострените кризи.
Оние што ги повикуваат ЕУ и САД „да направат нешто“ за да го спречат насилството на Балканот изнесоа низа предлози, кои се движат од поголем дипломатски ангажман и забрзано членство во ЕУ и во НАТО, па до распоредување војници. Нивната надеж во добра завршница се заснова на верувањето дека координираното учество на ЕУ и САД може да ги запре негативните безбедносни трендови и одново да ги активира позитивните демократски развои. Во теорија, сиве овие предлози се солидни. Сепак, реалноста остава малку простор за оптимизам. Најлошото можно сценарио најверојатно е она во кое би имало уште повеќе мешање, бидејќи тешко е да се замисли комплетно откажување од регионот од страна на која било светска сила. За жал, продолжувањето со досегашните практики веројатно ќе придонесе само за влошување на безбедноста, со оглед на тоа што условите на терен навистина може да станат „зрели“ за насилни промени. Имено, со продолжените ветувања за членство, додека истовремено ја подига летвичката за тоа и ги легитимира лидерите што придонесуваат за нестабилност, Европската Унија дополнително ги усложнува проблемите со кои се соочува регионот. Исто така, селективното внимание што Вашингтон му го посветува на Балканот се покажа контрапродуктивно, имајќи предвид дека поранешните американски администрации од залагање за уставни реформи што би креирале поцентрализирани држави го сменија курсот кон поддршка за поделби и „мирно етничко чистење“.
ЕУ и САД ќе бидат повеќе мотивирани од желбата да не им се отстапи простор на Русија и на Кина, отколку да ѝ помогнат на ЈИЕ
За разлика од интервенциите во 1990-тите и периодот на постконфликтна реконструкција од раните 2000-ти, кога доминантна безбедносна задача беше кризниот менаџмент, сега ЕУ и САД сè повеќе се стремат кон трендот на стратегиска конкуренција. Следствено, Балканот се перципира низ оваа призма, бидејќи Вашингтон и Брисел сè почесто зборуваат за руското и кинеското влијание во регионот. Ова би значело дека во иднина ангажманот на ЕУ и на САД ќе биде мотивиран повеќе од желбата да не им се отстапи простор на конкурентите, одошто од посветеноста за решавање на посериозните проблеми што го мачат регионот и државите на Југоисточна Европа (ЈИЕ). Историски гледано, во времиња на ривалства меѓу големите сили, нужноста и прагматизмот често ги „истиснувале“ возвишените идеали. Со други зборови, одредени кризи би можеле да бидат решени, но со потенцијални пазарења, кои го компромитираат демократскиот развој. Проблемите со парадигмата на стратегиската конкуренција се веќе видливи во случајот со претстојниот самит за демократија во организација на Џо Бајден, особено кај форсирањето на геополитиката пред принципите во составувањето на списокот со покани. Имено, прелиминарните извештаи најавуваа дека Србија нема да биде вклучена, наводно поради фактот дека под водство на Александар Вучиќ, оваа земја не може повеќе да се смета за либерална демократија. Се чини дека сега оваа одлука е анулирана. Поканата за самитот на Бајден ѝ дава важен легитимитет на српската влада, поткопувајќи ја на тој начин западната поддршка за посилна демократија во најголемата држава од „шесторката на Западен Балкан“.
Геополитичката конкуренција истовремено предизвика периодичен интерес за идејата наречена „прекројување граници“. Надворешните опсерватори, фрустрирани од недоволниот напредок во регионот, или пак националистички ориентираните политичари, желни за свој момент „Никсон во Кина“, на повторното кроење на националните граници по етнички линии отсекогаш гледале како на примамлива опција. Активизмот од ерата на Доналд Трамп ја прошири прифатливоста на ваквиот пристап, на големо разочарување на европските сојузници на Вашингтон. Со Дејтонскиот договор, во кој остануваат уште многу нерешени прашања, како и со сè уште нецелосното признавање на Косово, разговорите за отцепување, поделба и иредентизам продолжуваат непречено да растат. Доколку Западот одлучи дека изградбата на мултиетнички општества е безнадежна и преферира да им се додворува на хипернационалистичките политички лидери во потрага по краткорочни геополитички интереси, народите во регионот ќе платат висока цена за тоа. Иронично, откако ги напуштија институционалната консолидација и развој заради стратегиска конкуренција, кога се работеше за здравјето во регионот, западните сили сепак не успеаја ефикасно да се натпреваруваат со Русија и со Кина. Тоа се покажа за време на неодамнешната седница на Советот за безбедност на ОН за Босна и Херцеговина. Кина и Русија веќе од поодамна се залагаат за укинување на меѓународниот висок претставник што ја надгледува имплементацијата на граѓанските аспекти во Дејтонскиот договор од 1995 година, како и за ограничување на мировната мисија.
По жестока дебата и несогласувања, Советот најпосле одлучи да го продолжи мандатот на мировната операција на силите на Европската Унија (ЕУФОР) во Босна и Херцеговина. Сепак, од текстот на резолуцијата беше целосно отстрането какво било спомнување на Канцеларијата на високиот претставник. Причина? Обезбедување поддршка од Русија и од Кина. Ваквите спогодби и пазарења, иако навидум минорни, најавуваат промени во вложувањата на Западот во регионот и негова подготвеност да им се закани на конкурентите. Како последица од сево ова, нема сомнеж дека оправданоста и легитимноста на Канцеларијата на високиот претставник ќе бидат и дополнително еродирани.
Парадокс на недоволна стабилност
Во основа гледано, Балканот страда од она што најдобро би можело да се опише како „парадокс на недоволна стабилност“. Граѓаните во овие шест држави се заложници на системската корупција и националистичката политика, кои го блокираа економскиот развој, ја запреа демократската консолидација и придонесоа за негативни безбедносни околности. Но регионот, сепак, не е до толку нестабилен, за да има потреба од обновена и постојана инволвираност на ЕУ и САД за решавање на овие прашања. Вниманието што им беше посветено е производ на некои поранешни времиња, кога надворешно помогнатата изградба на нациите се сметаше за теоретски и практично позитивна. За жал, тие напори не беа ни приближно толку добри колку што се очекуваше. Најдоброто што сега може да го сторат Вашингтон и европските престолнини е да бидат претпазливи во однос на ветувањата што ги даваат, како и на последиците од пазарењата што ги прават.
Имајќи ги предвид променетата безбедносна парадигма и менаџирањето на релациите со ревизионистичките сили, најважно е САД и ЕУ – во желбата да ги придобијат балканските држави – да не се фатат на јадицата, впуштајќи се во тендерска војна со своите стратегиски конкуренти. Давањето приоритет на стабилноста и попустливоста кон нелибералните лидери – поради стравот дека ќе ги турнат во скутот на конкурентите – гледано на долг рок, им штети на демократското владеење и на репутацијата на Западот. Конечно, ова е уште еден потсетник за фактот дека сите позитивни и долготрајни политички промени на Западен Балкан ќе треба да дојдат однатре, а не однадвор. За жал, нема многу надеж дека ќе се случи тоа.
Горана Гргиќ