Меѓу светските лидери, македонските граѓани имаат најголеми симпатии кон турскиот
претседател Реџеп Таип Ердоган, по кого следуваат германската канцеларка Ангела Меркел, рускиот претседател Владимир Путин, американскиот претседател Доналд Трамп и на последно место е претседателот на Франција, Емануел Макрон. Политичките аналитичари имаат интересни видувања зошто се вакви резултатите од истражувањето
Во Македонија најпопуларен светски лидер е турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за кого 60 проценти од анкетирани граѓани во земјава се изјасниле позитивно. Ова се резултатите од последната анкета за популарноста на светските лидери, која неодамна ја спроведе истражувачката агенција „Брима“ како членка на „Галуп интернешнл“.
Во истражувањето се истакнува дека веднаш зад Ердоган следува германската канцеларка Ангела Меркел, со наклонетост на 54 проценти од испитаниците од државата, а трет е рускиот претседател Владимир Путин, кој освоил 47 отсто позитивни коментари од Македонците. Потоа со 42 отсто поддршка следува американскиот претседател Доналд Трамп, а на последното место е претседателот на Франција Емануел Макрон, за кого 21 процент од испитаниците дале позитивно мислење, додека 63 отсто се изјасниле дека не се благонаклонети кон него.
Анкетата била спроведе теренски и со испитаниците се разговарало лице в лице во домот на анкетираните, на репрезентативен примерок од 1.210 испитаници.
На глобално ниво, пак, истражувањето покажувало дека германската канцеларка Меркел веќе втора година едноподруго води на рејтинг-листата за глобалните лидери во светот, а веднаш зад неа е францускиот претседател Макрон. Натаму, иако не е политички лидер, папата Франциск продолжува да биде во самиот врв на рангирањата како најповолно прифатен лидер во светот.
Она што, сепак, побудува најголем интерес кај македонската јавност, а произлегува од резултатите од анкетата, е дилемата зошто токму турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е најпопуларен светски лидер кај Македонците.
Во глобални рамки, перцепцијата за неговото владеење воопшто не е сјајна и тој често е изложен на критика за неговите политики.
Владимир Божиновски, директор на Институтот за политички истражувања – Скопје, вели дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ужива најголема поддршка меѓу граѓаните затоа што луѓето најчесто ги идентификуваат лидерите со перцепцијата на државите од кои доаѓаат.
– Во практика кога се спроведуваат вакви истражувања, граѓаните се изјаснуваат позитивно најчесто за политичари што потекнуваат од држави што се пријателски настроени кон нашата. Имено, затоа скоро секогаш во ваквите истражувања предничат политичарите на Турција, Германија, САД, Русија и слично. Односно земјите што важат за големи македонски пријатели и економски партнери – вели Божиновски.
Според него, токму затоа овој резултат, во кој Ердоган е најпопуларен, не е за изненадување и се поклопува со наодите на слично истражување, кое го спровел Институтот за политички истражувања, а во кое се мерела популарноста на странските држави кај Македонците.
– Јас верувам и дека ако Ердоган не е првиот човек на Турција, туку нов политичар и натаму позитивната перцепција за лидерите од оваа земја ќе биде висока меѓу Македонците – заклучува Божиновски.
Различно размислува политичкиот аналитичар Петар Арсовски, кој верува дека Ердоган е најпопуларен меѓу Македонците бидејќи тој го отсликува она што на граѓаните на оваа земја најмногу им се допаѓа кај еден лидер.
– Докажано е во голем број пригоди дека Македонците сакаат авторитарни лидери, односно политичари што владеат со државите со т.н. цврста рака. Па оттаму не ме изненадуваат резултатите со најновата анкета на „Брима“, бидејќи слични вакви констатации имало и во претходни истражувања на оваа тема – заклучува Арсовски.
Џабир Дерала, пак, од организацијата „Цивил“, која честопати спроведува сондирања и истражувања за политички теми во земјава, вели дека неговото толкување зошто Ердоган ужива најголема популарност меѓу граѓаните во земјата се должи на комбинирани фактори од културолошки и политички димензии за перцепцијата за политичарите во светот.
– Популизмот што го води Ердоган во својата земја очигледно е ефективен и тој ги надминува границите на Турција и допира и до нашата држава. Освен него, сличен ваков популизам практикуваат и други лидери во светот, како на пример Путин, кој исто така високо котира на истражувањето. Но она што мене ме радува во овие резултати, е дека кај граѓаните со незначително помал процент високо котира и германската канцеларка Ангела Меркел, која за разлика од преостанатите не е популист, туку практикува сосема поинаков, односно демократски начин на владеење со својата земја. Овие резултати мене ми говорат дека голем дел од електоратот во државата знае да ги препознае разликите меѓу популизмот и одговорните политичари, но, за жал, првиот начин на владеење разбирливо има помасовна популарност кај граѓаните – заклучува Дерала.