Политичката неизвесност околу носењето на новиот закон за ЈО се продлабочува. Партиите од власта и од опозицијата остануваат секоја со својот шпил карти во рацете, а најновото предупредување што доаѓа од лидерот на СДСМ е дека Собранието нема да се распушти доколку не се донесе законот до 12 февруари. Како гледаат експертите и стручната јавност на целата оваа ситуација
Усогласувањето на работните групи на партиите за законот за Јавно обвинителство не се случи во текот на вчерашниот ден, бидејќи од ВМРО-ДПМНЕ не понудиле амандмани и остануваат на ставот дека нема да учествуваат во неговото усвојување. Сепак, министерката за правда Рената Дескоска ќе има средби само со тие партии што дале амандмани, така што можеби веќе денеска или утре законот за ЈО ќе биде поднесен во Собранието, за да се гласа на 11 февруари. Преговорите на Дескоска со помалите пратенички групи претставуваат обид да се обезбедат 80 пратеници без ВМРО-ДПМНЕ, за законот да биде донесен до распуштањето на парламентот на 12 февруари. Дури и поранешниот премиер, а актуелен лидер на СДСМ, Зоран Заев, упати своевидна закана дека Собранието нема да се распушти ако опозицијата го минира законот за ЈО.
– Ако опозицијата се обидува да го минира законот за ЈО, Собранието нема да се распушти. Одложување на изборите сигурно нема. На 12 април се изборите. Убаво е да се случи распуштањето на парламентот, како што наведува законот – изјави Заев.
Аурата на реформски закон што му беше наметната на законот за Јавно обвинителство, кој треба да ги докаже сериозните намери за исполнување на условите за членство во ЕУ, сериозно е нагризана по аферата „Рекет“. Ако на почетокот намерата беше со измената на актуелниот закон да се најде начин како СЈО да се интегрира во редовниот обвинителски систем, по згаснувањето на „специјалното“, главните политички битки преку законските предлог-верзии се водат за преземањето на неговите предмети и истраги. И покрај политичките надмудрувања и спротивставени интереси за законот за ЈО, стручната и професионалната јавност сметаат дека во предлог-текстот на законот нема никакви видливи реформи, а според начинот на кој сега се носи повторно политиката го става во сенка независното функционирање на правниот систем.
– Законот како закон нема да донесе реформи во правосудниот систем. Всушност, овој предлог-текст на законот, за кој беше одржана и јавна расправа во Собранието, многу наликува на актуелниот закон, а главниот акцент на измените е ставен на персоналните решенија, односно кој, кого и до кој степен ќе избира. И покрај предлозите на стручната јавност, сепак ова што сега се нуди како решение е предлог на партиите. Тоа само значи дека и понатаму правниот систем ќе биде во зависност од политиката, а суштината на реформите е да се создаде правен систем што ќе функционира без оглед на тоа која политичка опција е на власт, каде што судиите и обвинителите ќе бидат ослободени од политички притисоци и влијание, односно функционирањето на правната држава ќе овозможи еднаква правда за сите во општеството – вели адвокатот Звонко Давидовиќ, кој и самиот беше дел од Советот за реформи во правосудството.
Тој истакнува дека овој предлог-закон за ЈО е далеку од предлозите што ги дал Советот. Давидовиќ нагласува дека во сите европски извештаи, вклучувајќи го и извештајот на Прибе, било нагласено дека постојат доволно законски и уставни рамки за непречено да функционира правосудниот систем, а главните слабости во кои треба да се насочат реформите се во слабиот квалитет на Судскиот совет и на Советот за јавни обвинители. Но и покрај формирањето на СЈО, поради нефункционалноста на редовното обвинителство, сепак во целиов овој период од неколку години немало евалуација на работата на јавните обвинители, и никаква одговорност во редовното судство.
Во сличен тон за реформскиот капацитет на предлог-законот за Јавно обвинителство на јавната расправа во Собранието, а и во медиумите говореше и професорот на Правниот факултет при УКИМ Гордан Калајџиев.
– Овој текст на законот јас практично и не го препознавам. И за разлика од професорот Камбовски, јас лично не го признавам овој текст на законот. Бидејќи министерката се вади дека тој текст главно е напишан од експерти, каде што сум бил и јас, морам да нагласам дека јас овој текст во битни решенија не го признавам… Во тешки ситуации се применуваат принципите, а еден од принципите е и правната сигурност. Кај нас овие прашања се решаваат на мускули, при што на пример во конкретниов случај, конкретната власт има влијание врз Основниот суд и тие носат едни одлуки, политички инспирирани. Потоа Врховниот суд носи втори одлуки, Министерството за правда и обвинителството си даваат право да го караат Врховниот суд и да го нарекуваат криминален, ваков или онаков… Во јавноста моментално се форсира реториката од страна на двете партии еднакво, дека едните се подобри од другите, а всушност и едните и другите се за беззаконие, во смисла дека прават пречки за ефикасна правда. Треба да се оттргнеме од таа практика секоја влада да има свој обвинител, кој ќе ги штити едните и ќе се бори против другите. Овој закон не е воопшто со концепт да го реформира обвинителството – вели професорот Калајџиев.
И покрај декларативните заложби за реформи во судството, се чини дека законот за Јавно обвинителство не може да се отплетка од плетканиците на политичките интереси.