Претседателот на СДСМ, Зоран Заев посочи дека досега тие освоиле три мандати повеќе од ВМРО-ДПМНЕ и остава можност за уште плус два. Според него, граѓаните кажале да за победа на иднината, а не на опасноста. Коалицијата „Можеме“, Заев ја прогласи за победничка.
– Нека е честита победата. Можеме и тоа како можеме. Успеавме народе мој. Со убедлива и стабилна предност, во моментот од над три пратенички мандати пред ВМРО-ДПМНЕ, со можност за еден или два повеќе. Нашата коалиција „Можеме“ е победничката коалиција на овие парламентарни избори. Најголемата, најразноликата, најмоќната и победничка, тоа е „Можеме“. Волјата на народот се потврди, победуваме. Излегоа граѓаните и гласаа за сигурна иднина, за заедништво и солидарност, за економски патриотизам, за ред и правда, излегоа граѓаните и избраа подобро денес и подобро утре. Патот напред е потврден. На опасноста и кажавме јасно – не. Имавме избори како што доликува на земја членка на НАТО, која граби кон Европската Унија, мирни, достоинствени, слободни и демократски, безбедни и современи. Благодарам на сите кои денес бевте активни учесници од ова ново поглавје од современата македонска демократија. Сите вие кои излеговте на овие најспецифични избори досега, сите кои го остваривте избирачкото право и кои учествувавте во враќањето на капацитетите на институциите и сите кои презедовте одговорност, ви благодарам на сите. Денеска победи иднината, напредокот – рече Заев.
Тој ги уверува граѓаните дека следува уште поголема грижа за сите граѓани на кои им е потребна, но и дека ќе подадат рака на сите кои им треба поддршка и помош. Заев посочи дека следуваат и преговори со Европската Унија, но и правда.
– Ќе има правда. Ќе направам се твојот став гласно да го кажеш веќе на следните избори. Се обврзуваме и работиме макотрпно за да дојде правда за секој. Има една стара македонска поговорка која вели, како ќе си постелеш, така ќе си легнеш. Епилогот на денешните избори се отсликува со оваа поговорка. Тоа значи дека сите учесници на денешните избори добија порака од гласачите според тоа како и на кој начин ги спроведуваа своите политики. Среќен сум што граѓаните ги препознаа вистинските вредности и ни дадоа можност да ги продолжиме нашите прогресивни заложби за убава иднина на Република Северна Македонија. Денеска концептот „Парите кај граѓаните“ го порази концептот „Обнова на режимот“. Концептот на интеграција го порази концептот на изолација. Концептот кој влече силно напред, го порази концептот кој сакаше да враќа назад. Концептот „Едно општество за сите“, го порази лажниот патриотизам, конфликтите и поделбите. Време е конечно сите мрачни и назадни концепти да завршат во неповратно минато, а партиите кои нудеа вакви поразителни политики да започнат процес на обновување, реформирање – додаде Заев.
Тој ги повика граѓаните на уште поголем ангажман на есен за да покажат дека можат уште повеќе и уште подобро за сите, откако ќе се одморат летово.