Премиерот Зоран Заев вели дека Собранието вчера требало да ја следи досегашната пракса во однос на одлучувањето за одземање на имунитетот на пратеникот и поранешен претседател на Собранието Трајко Вељаноски. Со тоа, смета, ќе се покажело дека сите пратеници се еднакви, а ќе се оставело и можност на судот да одлучува.
-Процедурите и правилата мора да важат за секој пратетеник подеднакво без разлика дали е тоа поранешен претседател на Собрание или не, затоа што сакаме на граѓаните да им испратиме порака дека сите се еднакви пред законот, а останатото е работа на правосудните органи. Парламентот треба да ја примени досегашната пракса. Во однос на тоа што се случи изразуваме големо незадоволство и револт- рече Заев одговарајќи на новинарско прашање пред презентацијата на Оперативниот план за вработување за 2019 година.
За повеќе детали премиерот Заев упати на координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски. Во меѓувреме, СДСМ преку изјава на Митревски побара одговор од претседателот на Собранието Талат Џафери зошто синоќа ја прекинал пленарната седница на која се одлучуваше за одземање на пратеничкиот имунитет на Трајко Вељановски.
На прес-конференција во Собранието, Митревски рече дека имало кворум за гласање и пратениците од мнозинството биле подготвени да донесат одлука со која ќе му се овозможи на судот да ги продолжи непречено своите процеси.
– Пратениците беа подготвени да овозможат правдата за 27 април да се тера до крај, но претседателот на Собранието, Талат Џафери ја прекина седницата и не дозволи да има гласање за одземање на имунитетот на обвинетиот пратеник Трајко Вељаноски. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, должи одговор на јавноста, на граѓаните, зошто ја прекина седницата за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Велјановски и зошто дозволи да настане неред на синоќешната седница- истакна Митревски.
Додаде дека за Велјановски мора да важат истите процедури и правила како и за секој друг пратеник и оти Собранието мора да постапува како што постапувало секогаш за сите други пратеници кои биле обвинети и за кои се барало одлука за нивна одговорност.
– Поради ова, во Собранието денеска нема услови да продолжат останатите активности- рече Митревски.
Претседателот на Собранието Талат Џафери синоќа ја прекина пленарната седница по забелешките на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски дека е прекршен Деловникот, бидејќи на неговата пратеничка група не и е дадена пауза од еден час.