Владата ќе достави нов предлог закон за јавно обвинителство според кој специјалното јавно обвинителство ќе се интегрира во Јавното обвинителство, а ќе го води шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, соопшти премиерот Зоран Заев.
Тој најави дека законот ќе содржи дел од точките кои се на барање на опозицијата и очекува поддршка од повеќето пратеници.
– Не наидовме на искрен пристап. Од ВМРО-ДПМНЕ се соочивме со неразумни барања за јавното обвинителство и максималистички барања. Го наметнаа прашањето дали Мицкоски искрено се залага за европска иднина, владеење на правото и расчистување на криминалот. Ние докажаве дека криминалот не штити партиски бои – рече Заев.
Со предлог законот СЈО се интегрира во ЈО за гонење организиран криминал и корупција и добива нов назив – Обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција. Ќе има самостојност како СЈО што има сега, но ќе биде под Јавното обвинителство. Ќе го води Вилма Русковска, а сите обвинители од СЈО ќе продолжат со работа во обвинителството, со право на реизбор како другите обвинители.
Случаите пред судот ќе продолжи да ги застапува новото обвинителство. Архивата, средствата и опремата од СЈО ќе се префрлат во ЈО.
Според предлогот на владата, клучна гаранција за самостојност ќе биде финансиската независност, со предлог буџет на шефот на ова обвинителство.
Првиот човек на обвинителството ќе се разрешува со двотретинско мнозинство во Советот на обвинители.
Заев ги повика сите пратеници да го поддржат предлогот и да ги надминат партиските интереси.