Премиерот Зоран Заев изјави дека парламентарното мнозинство е стабилно, одговорот уследи по новинарско прашање околу одлуката на ЛДП за самостоен настап на политичката сцена.
– Парламентраното мнозинство е стабилно, одлуката на ЛДП за самостоен настап е донесена уште при формирањето на владината коалиција, а причината за тоа е да имаат поголема видливост. Тоа е нивно прво, го почитуваме, но сметам дека сега не е најсоодветниот термин за тоа – истакна претседателот на СДСМ.
Премиерот Заев додаде дека ваквиот потег на ЛДП создава простор за отворање на непотребни прашања во јавноста и може да се толкува како удар врз СДСМ, акцентирајќи дека може лесно да се провери колку тоа Христијан Мицкоски лаже дека имало ново парламентарно мнозинство.
– Во околности кога опозицијата тврди дека може да формира мнозинство, а власта тврди дека тоа апсолутно не е возможно, ваквиот исчекор од страна на ЛДП може да значи порака за повредување на коалицискиот или заедничкиот настап. Јас тврдам дека имаме одлична соработка. Исто така тврдам дека тоа не е потребно токму сега, можело да се почека 15 или 30 денови кога актуелноста на темата ќе помине. Не е вистински временски одмерено, може да се смета како удар врз СДСМ, иако е целосно нивно право и тоа го почитувам – рече Заев.
Според него, ЛДП е посебна политичка партија која има свои органи и тела на одлучување.
– Во Собранието имаме целосен кворум од 62 пратеници, многу брзо време ќе го докажеме тоа дека мнозинството е стабилно а можеби и ќе имаме поголема поддршка – порача Заев.