Македонскиот премиер Зоран Заев нагласи денеска по потпишувањето на Договорот со Грција за решавање на спорот за името, дека државата е горда што одбрала решение што обединува.
– Горди сме на овој наш договор. Горди сме зашто се обединивме околу решение на спор којшто нè делеше, и избравме решение што нè обединува. Со потпишувањето на конечниот Договор за решавањето на прашањето за името и за стратешко партнерство меѓу нашите две земји – поместивме планини. Тогаш кога многумина се сомневаа, ние потврдивме дека е – возможно! Денес ставаме крај на еден спор. Ставаме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите – нагласи премиерот Заев.
Тој додаде дека ова е свечен чин и израз на посветеноста да се најде решение што е во интерес на иднината и на граѓаните на двете држави.
– Научивме дека треба да учиме од историјата, а не да ја повторуваме. На темелите од минатото – градиме иднина – рече Заев.
Тој додаде дека решението и процесот што е поминат во преговори од Грција направил пријател, „за кој до вчера некои во нашите средини нè убедуваа дека е непомирлив непријател“.
– Градиме пријателство со Грција. Ќе бидеме партнери и сојузници. Тие ќе бидат наши поддржувачи. Заедно трасираме пат за стратешко партнерство, за придобивки за граѓаните на двете земји – истакна македонскиот премиер.
Со Договорот што е потпишан денеска се создава шанса и тоа е историска можност за засилена соработка, посилни економски врски и повисок раст и развој.
Според него, од изолација или самоизолација, ниту Македонија ниту Грција немале полза.
– Европски е да му дадеме шанса на понуденото решение. Целиот демократски свет, сите наши заеднички пријатели, партнери и поддржувачи порачаа дека овој договор е чекорот со кој нашите две земји се извлекуваат од минатото и тргнуваат кон иднината – рече премиерот Заев.
Тој упати и порака до противниците на Договорот во двете држави.
– Да се има став е европски манир. Исто како што е eвропски да се разговара и да му дава шанса на решението низ институционалниот систем на одлучување…. Нашите држави имаат обврска да застанат позади еднаквоста меѓу нациите, човечкото достоинство и солидарноста. Европскиот концепт е цивилизациска вредност која е демократска и која се противи на манипулациите на популизмот и на стравот. Европа е посилна од стравот. Грците, Македонците, Европјаните се посилни од стравот. Европското семејство не познава ѕидови. На Европа ѝ е туѓа ксенофобијата. Тоа не сè, и никогаш не смее да бидат опции за Европа – нагласи македонскиот премиер Зоран Заев .