Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратенички прашања во Парламентот зборуваше и за судската одлука во врска со масакрот кај Смилковското Езеро.
– Секој заслужува правда, повторување на постапки и одговорност ако се огрешил пред законот. Дел од процесите завршија успешно како Сопот, дел со казни. Овој случај доби повторување. Сите докази, транскрипти беа презентирани пред судот. Процесот е воден на транспарентен начин. Правосудниот систем е тој кој ги носи одлуките – посочи Заев.
Тој посочи дека судството и обвинителството треба да работат независно од политичарите.
– Политичарите мора да ги тргнат рацете од судството и од обвинителството. Зошто таа година кога бевме заедно не направивме нешто?! Затоа што тоа не е наша работа. Имаме должност да охрабруваме доверба во правосудниот систем – се обрати премиерот Заев кон пратеникот од Алијанса за Албанците кој го постави пратеничкото прашање.