Протоколите за заштита од коронавирусот не се почитуваат во целост од ниту една од партиите кои одржуваат собири и митинзи. На собирите, граѓаните седат без дистанца и маски, политичарите се прегрнуваат меѓусебно. Засега, никој не кажа, ниту дека му побарале и сертификат за вакцинација за да присуствува на митинг, иако тоа е предвидено со протоколите. Премиерот Зоран Заев негираше дека тоа е договор меѓу партиите, одговарајќи на новинарско прашање.
– Јас ќе апелирам за да се обратите до соодветните институции за да ви дадат соодветен одговор. Јас сум овде претседател на Влада, не сакам да одговарам за партиски работи, освен што ќе кажам, се гледа распоредот на столчињата како се изместени согласно протоколите, а секако проблемот е тоа што дополнително луѓе од страна кои доаѓаат, не ја пазат неопходната оддалеченост. Нема договори, сите ветивме дека ќе направиме се за да се почитуваат протоколите кои се донесени, имајќи предвид дека граѓаните доаѓаат на митинзите – рече Заев на прашањето што прави полицијата за кршење на протоколите.
Политичките партии секојдневно одржуваат собири ширум Македонија. Дел од нив, се и во затворени простории во партиски простории. За прекршување на мерките против заштита од корона, се дознава од фотографиите кои партиите сами ги споделуваат на социјалните мрежи.