Во своја анализа за „Нова Македонија“, за последните случувања и за бугарското вето, митрополитот повардарски Агатангел вели дека ние како нација непобитно растеме, со секоја нова мака, со секоја нова повреда, со секоја нова неправда стануваме посилни. Се „калиме“. И тоа е добро. Ако не за нас во моментов, ова секако е добро за иднината на Македонија и за нашите нови генерации Македонци. Македонија ќе постои. Како духовен застапник на моите чеда Македонци не можам да премолчам, ниту можам да правам компромис со мојата историја, со мојот идентитет, со мојот македонски јазик, со нашето македонско црковно, културно, идеолошко историско наследство и со нашата иднина, порачува митрополитот Агатангел.
Постои една анегдота, во која едно дете, сакајќи да ги покаже својата сила и надмоќност, малтретирало друго помало и послабо дете, и непрестајно измислувало нови и нови барања и услови, само за да ја докаже својата „величина“ пред другите, но најмногу и за да ги затскрие пред самиот себеси своите недостатоци и фрустрации. И овој процес трае сѐ додека послабото дете не порасне и зајакне доволно, за ова условно појако дете веќе да не може да го прави тоа.
Мојата анализа во редовите подолу е инспирирана токму од дејствието на оваа анегдота.
Македонија во случајов е „послабото дете“ и во моментов, а и пред овој момент ги трпи фрустрациите и малтретирањето од „поголемите деца“. Нереални барања, непрестајни услови, ајде уште ова, ајде уште она и кругот нема крај. Никако да дојдеме до затворање на овој мачен процес.
Но има и утеха, драги мои. А тоа е вториот дел од анегдотата, во која послабото дете сепак расте и зајакнува, и физички и ментално, и веќе не го трпи ова „изживување“. Така и ние како нација непобитно растеме, со секоја нова мака, со секоја нова повреда, со секоја нова неправда стануваме посилни, прераснуваме во човек што ги истрпил овие неправди врз својот грб и поради тоа станува поискусен и похрабар за сите нови предизвици. Се „калиме“. И тоа е добро. Во животот има и убави и неубави искуства. Но човекот секогаш по какво било искуство излегува помудар и посилен. Ако не за нас во моментов, ова секако е добро за иднината на Македонија и за нашите нови генерации Македонци. Македонија ќе постои.
А кои се моменталните околности и аргументи?
За Бугарија, за нејзината државност и правото што си го припишува себеси за да расудува за нас
Уредувањето на односите помеѓу државите е старо колку и постоењето на самата држава. Државата е вид „правна личност“ што е признаена од меѓународното право. Државата како субјект на меѓународното право ја препознаваме преку правните критериуми што ја определуваат, и тоа: постојано население, дефинирана територија, суверена власт, правен капацитет да влегува во односи со други субјекти на меѓународното право и волја да ги почитува основните начела и норми на меѓународното право.
Историјата ни кажува дека Бугарија својата државност ја потврдува најпрво со Првото бугарско царство или дунавска Бугарија на чело со на Симеон Први Велики во 9 век, кога кон првоначалните територии по долниот тек на Дунав се присоединети области во Тракија и Македонија, делови од денешните Албанија, Србија и Романија. Потоа со Второто бугарско, па отоманска Бугарија, па сѐ до ослободувањето на Бугарија во 1878 година по крајот на Руско-турската војна (1877-1878). На 3 март 1878 г. во местото Сан Стефано, во близината на Истанбул, бил потпишан познатиот Санстефански договор, кој ги поставил темелите на идната бугарска држава, скоро следејќи ја територијата на Бугарската егзархија. Овој договор не бил прифатен од големите сили поради стравот дека ваква голема словенска држава на Балканот би била слуга на руските интереси, но одиграл огромна улога во формирањето на бугарскиот национализам.
Бугарија покрај Австро-Унгарија, Германското Царство и Отоманското Царство во Првата светска војна учествува против сојузничките сили на чело со САД, Руската Империја, Франција, Британската Империја и Италија, а во Втората светска војна учествува на страната на силите на Оската, заедно со Германија, Италија и Јапонија, наспроти сојузничките сили предводени од САД, СССР, Обединетото Кралство, Кина, Франција и преостанатите.
Епилог по оваа точка
Несомнено е дека Македонија, потврдена со државнички атрибути територија и население Македонци, а никогаш Бугари, административно во некои временски интервали била дел од голема Бугарија. Но во составот на оваа историска околност, под владение на таканаречената голема Бугарија, биле и поголемиот дел од Србија, цела денешна Албанија, делови од Грција, поголем дел од Романија, сите денес самостојни држави со потврдена државност. Е, сега, „големото дете“ не може да се задева со „поголемите деца“ од него, па затоа не полага никакво право врз овие територии, држави и население, но неуморно посегнува по условно „помалото и послабото дете“, кое, за жал, и по триесет години од воспоставувањето на својата државност сѐ уште е кревко. Но да пробаме да разбереме дека и триесет години се исклучително мал временски интервал за нормално почнување на државна функционалност. Втората работа што можеме да ја забележиме од оваа кратка историја на бугарската државност е дека таа има исклучително чувство, секогаш да биде на погрешната страна, односно да носи погрешни одлуки за своите, а наспроти другите интереси. Така е и денес, кога нашите „братја“ соседи, го ставија ова несреќно вето, од улога на земја-членка на Европската Унија што негува крајно екстремни неевропски аргументи и постапувања, со што се исмејува и себеси, а исто така и преостанатите земји-членки на ЕУ.
Црковното прашање и барањето до Синодот на БПЦ
Во оваа пригода, анализирајќи ги односите меѓу Македонија и Бугарија, не можам никако да ги заобиколам и црковните односи. Како што „детинесто и инаетливо“ се однесуваат Бугарите во нашите билатерални односи, така се однесуваат и по однос на црковното прашање. Неодговорно, летаргично и без никаква разумна агенда, чекајќи на сигнали од политичката ситуација. Уште поодамна велев дека барањето помош од Бугарската црква за решавање на нашето црковно прашање е неодговорно и нелогично, и нема да има никаков позитивен епилог, како што впрочем и веќе можеме да согледаме. Затоа, ја користам оваа пригода отворено да побарам од моите браќа во Синодот на Македонската православна црква веднаш да го повлечат барањето испратено до Бугарската православна црква за нејзино застапништво на нас. Тоа нема реален црковен фокус, иако некои од моите браќа архијереи со највисоки црковни почести и биење на црковни камбани ги пречекуваа бугарските политички првенци, туку истото тоа е обременето единствено од политичките случувања. Како што државно сме дефинирани со потребните атрибути: територија, население и власт, црковно сме уште посилно утврдени, во споредба и со други сестрински цркви и не постои никаква оправданост за да се потчиниме во однос на нив.
Провокација со бугарско знаме на куќа во Велес
Истовремено со заострената реторика меѓу Македонија и Бугарија, и сега веќе даденото и утврдено вето, во Велес, каде што се наоѓа седиштето на богомдарованата ми Повардарска епархија, со која раководам, во центарот на градот на приватна куќа се исцрта бугарско знаме со големи размери. За жал, ова никако поинаку не може во моментов да се анализира, освен како класична провокација. Во Велес, како и во цела Македонија, живеат Македонци. И од различни етнички и верски состави, но сепак Македонци. Доколку некој се чувствува како Бугарин, тоа секако не може да му биде одземено, но во оваа ситуација и тоа како може да му биде замерено за ваквата постапка, која може да продуцира несакани ефекти. Но она што по малку ме замислува и ме загрижува е молкот на велешките и воопшто македонските медиуми, велешките партиски разграноци, а воопшто и институциите по однос на ова дело. Молк. Гемиџиите не би го премолчиле ова. Да молчеа гемиџиите, не Велес, Македонија немаше да ја биде. Не сакам никој овие мои зборови да ги протолкува како поттикнување какви било насилни акти, туку сакам само да ги потсетам сите „заспани“ надлежни и ненадлежни општествени чинители дека треба да бидат будни и одговорни пред својата држава Македонија. Кога можеа претставници на државните и општинските институции да дојдат со барање да го отстраниме сонцето од Вергина (Кутлеш) од нашите цркви, најмалку што можат да направат во овој момент е отстранување на исцртаното бугарско знаме од куќата во центарот на Велес.
Свадбата во Грачаница
Морам оваа пригода да ја искористам и да избегам накратко од мојот критички фокус кон Бугарија и да го искажам својот револт и од веќе славната црковна венчавка на еден градоначалник на македонска општина во Црква во Косово, под изговор дека нема услови во Македонија да склучи црковен брак, затоа што нема канонска црква во Македонија. Ова во најмала рака е безобразно и срамно. Но и во овој случај медиумите останаа неми, затоа што веројатно во нивното поимање на описот на нивната работа и агенда е да известат само за оцрнување и стигматизирање на Црквата. Ќе повторам дека правото на верска и етничка припадност е неприкосновено, но припадноста и лојалноста кон државата во која си роден, образован и во која живееш е света и како таква таа никогаш не треба да биде доведена во прашање. Особено ако си носител на јавна функција од тебе се очекува да бидеш првенец во одбраната на државните интереси, а не, како во овој случај, да ги поткопуваш и исмеваш нејзините вредносни параметри. Во рамките на Повардарската епархија имаме некои населени места со жители од српска националност со кои негуваме одлични заемни односи и почит. Овој градоначалник треба да ги посети овие места и да научи некои лекции што намерно или ненамерно ги пропуштил.
До политичката бизнис-елита во Македонија
Власт претставува институционална моќ, заснована на нормативни претпоставки што имаат авторитет, кој произлегува од волјата на граѓаните или општествените организации. Внимавајте, од волјата на граѓаните.
На 1 август 2017 година беше потпишан Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, кој од страна на премиерите беше оценет како историски момент, кој отвора перспективи за двете земји за интензивна и цврста соработка на билатерален и мултилатерален план, унапредување на транспортните врски и комуникации, олеснување на царинските и граничните формалности, издвојување средства за регионални инфраструктурни и прекугранични проекти, олеснување на контактите меѓу граѓаните на двете држави, како и силна поддршка на Бугарија за евроатлантските аспирации на Македонија.
Дали ова беше волја на народот? Мислам дека не. Нејсе, ако е целта ова сѐ што е наведено како точки за остварување, во ред. Нека е и така.
Но само краток период по потпишувањето на овој договор веќе видовме дека сепак со бизнисмени-политичари, кои купи-продај идеологијата сепак не можат да ја стават настрана од политиката, не можеме да бидеме на чисто. Едно велат, друго прават. Па дали се во заднина бизнис-интереси за влез на крупен бугарски капитал во Македонија, секако со интерес и благослов на нашите политички првенци, или каква било друга агенда е во прашање, не можеме да заборавиме со кого си имаме работа. Со држава како Бугарија, која е закована во прангите на својата иредентистичка пропаганда, која е само уште еден доказ колку е голема разликата меѓу членството во Европската Унија и европеизацијата на една држава, и која ја потенцира својата „административна“ дејност во Македонија, тешко нам.
Вашето општопознато „администрирање“ врз македонските Евреи, врз македонските граѓани, врз младите ваташани, многубројните гробови на велешките гробишта со натпис „убиен од бугарски фашисти“ и ред други ваши „административни“ одлично спроведени дела не можат да се избришат, а нема да се избрише ниту оваа, најнова „административна“ забрана.
Драги граѓани на Република Бугарија, ние Македонците сме мирољубив народ и секогаш сме биле коректни кон вас, па дури и повеќе отколку кон други наши соседи, но сепак ниту сме „същото“ народ, ниту некогаш ќе бидеме. Што поскоро треба да го разберете тоа и да го прифатите. Иднината е пред нас и наша е одговорноста за идните генерации. Да им оставиме ним трасирана патека за прогрес.
Јас сум архијереј на Македонската православна црква, црквата закрилничка и застапничка на македонскиот народ пред Господ Бог, духовен застапник на моите чеда Македонци и не можам да премолчам, ниту можам да правам компромис со мојата историја, со мојот идентитет, со мојот македонски јазик, со нашето македонско црковно, културно, идеолошко историско наследство и со нашата иднина. Господ Бог и Царството Небесно се мојот единствен идеал и не сум подготвен да направам никаков купи-продај интерес што ова може да го замени.
Простете ми, но подобро е јас да говорам отколку камењата да говорат, ако не е и веќе предоцна!
Митрополит повардарски
+ Агатангел (Станковски)