Извинувањето би се однесувало за сите неправди нанесени кон граѓаните, и тоа од осамостојувањето и стекнувањето на независноста на државата во 1991 година, па до денес. Политичарите и аналитичарите имаат различни размислувања за целта, ефектите и потребата од една ваква резолуција на државата, но и за можните рефлексии врз општеството. Што значи едно вакво извинување до македонските граѓани?
Шеснаесет пратеници од владејачкото мнозинство и владејачката коалиција, деновиве, до Собранието доставија Резолуција за осуда на масовните повреди на човековите права што ќе резултира и со извинување до граѓаните. Извинувањето на државата би се однесувало за сите неправди нанесени кон граѓаните, и тоа од осамостојувањето и стекнувањето на независноста на државата во 1991 година па до денес.
Во документот пишува дека со резолуцијата парламентот, како највисок претставнички орган на државата и од нејзино име, ги осудува масовните повреди на човековите права од стекнувањето на независноста на Македонија па досега.
Натаму, во резолуцијата се вели дека на овој начин ќе се изразува жалење и ќе се врши извинување до граѓаните и до членовите на нивните семејства, на кои им е нанесена неправда со акти на кривично гонење и други видови репресија, кои се осудени без основа и без докази, без правна постапка или со нејзино кршење или други видови кршење на слободите и правата.
– Сметаме дека е потребно да се создадат законски, процесни и други правни основи, секаде каде што тоа е можно, за остварување на правото на правда, еднаков и ефективен пристап до правда, утврдување поединечни случаи на неоправдано репресирање, услови за правично повторување на процесните постапки преку правни лекови и враќање во првобитна состојба за оние за кои ќе се докаже дека биле жртви – наведуваат поднесувачите на документот.
Во текстот на резолуцијата, се бара Владата, односно надлежните министерства и органи на државната управа, а особено МВР и Министерството за правда, да се стават на располагање на репресираните граѓани, членовите на нивните семејства и нивните застапници, за да имаат пристап во вистината, до фактите и податоците што овозможуваат утврдување на вистината. Дополнително, се очекува народниот правобранител на Македонија да даде свој придонес кон спроведувањето на оваа резолуција и се апелира Јавното обвинителство, но и судовите да ги имаат предвид заложбите на оваа резолуција.
Во меѓувреме, за тоа која е целта на овој документ и какви ефекти ќе има тоа врз државата и општеството, во целина побаравме официјални ставови и од власта и од опозицијата во парламентот. Дотолку повеќе што во моментов е нејасно какви правни, економски и политички импликации би имала резолуцијава врз државата, на кои целни групи документот се однесува, за каков вид повреди на човековите права од т.н. транзициската правда станува збор, како би се спровело извинувањето кон граѓаните и што ќе им значи тоа по толку години. Конечно, нејасно е кој и од чие име се извинува сега, бидејќи и временскиот период опфатен во резолуцијата (од 1991 па досега) и наводите во неа се и прешироки и преопшти.
Од СДСМ велат дека официјалното извинување е високо морален државен чин за сите оние што биле неправедно осудени и репресирани.
Пратеничката од НСДП Соња Мираковска, која е потписничка на резолуцијата, истакнува дека официјално извинување за сторените повреди е високо морален државен чин, кој дава силен демократски поттик за реафирмација на темелните вредности на уставниот поредок.
Таа нагласува дека Собранието со оваа резолуција ќе побара од Владата да им дозволи на граѓаните, кои претрпеле штети и репресија, пристап до документите со кои би можеле да ја утврдат вистината.
– Собранието изразува жалење и им се извинува на граѓаните, како и на членовите на нивните семејства на кои им е нанесена неправда со акти на кривично гонење и други видови репресија, кои се осудени без основа или без докази – Мираковска.
Од друга страна, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека овој документ е во собраниска процедура и во предлог-форма. Од најголемата опозициска партија истакнуваат дека својата позиција околу оваа резолуција, како и оцена за импликации на ова случување врз државата ќе објават кога ќе излезе и финалната верзија на текстот на документот.
Во контекст на актуелните случувања, политичките аналитичари со кои се консултиравме се поделени во размислувањата за потребата од ваква резолуција на државата и за можните нејзини рефлексии врз целокупниот државен апарат.
Политички стратег Синиша Пекевски оваа резолуција ја коментира со народната поговорка „си немал ѓаволот работа“.
– Оваа резолуција за извинување на државата до граѓаните за повредите на човековите права во период од независноста досега не е лоша работа, но нејзиниот тајминг е катастрофален. Во моментов во земјава имаме многу побитни работи што треба да ги сработи парламентот отколку да се троши енергија на резолуцијата. Мое мислење е дека пратениците во моментов би требало да работат на носењето на над 150 закони, кои треба да се донесат до крајот на годината и кои се неопходни за спроведување за забрзување на реформите кон ЕУ, а не да се окупираат со вакви теми, кои се т.н. бавно возечки – вели Пекевски.
Тој целта на резолуцијата ја дефинира како случување што треба во јавноста да покаже дека парламентарците божем работат, иако во практика се многу критикувани за својот ангажман.
– Натаму сметам дека содржината на резолуцијата е дополнително проблематична во смисла на тоа дека овој документ потоа може да биде искористен од лица што на меѓународни судови ќе ја тужат државата за отштета дека ним им се извинила. Сметам дека на оваа власт во моментов не ѝ е потребен дополнителен товар од дејствувањето на земјата од минатото, односно од периодот на независноста па досега – вели Пекевски.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, пак, е со став дека ваквите резолуции кога се однесуваат на нешто општо, не се конкретна политичка акција туку како во случајов се повеќе изразување на политичка идеологија, волја и декларација за почитување одредени европски политики.
Според Арсовски, ваквите работи се добри за Македонија бидејќи на тој начин на ЕУ истовремено ѝ признаваме дека во минатото не сме имале доволно капацитети да се бориме со разните дискриминации, а сега покажуваме определба постепено да ги решаваме проблемите.
– Мислам дека во конкретниот случај, нам не ни е познат капацитетот на државата, дали таа воопшто може да ги коригира овие сомнежи за сторени неправди. Но сето е добра основа да се започне решавање на оваа проблематика. Дополнително, мислам дека, освен општата определба на резолуцијата за реституција, според мене, за крајно решавање на овие проблемите треба да се втемели и механизам за индивидуално разгледување и решавање на случаите со повреди на човековите права во земјава – вели Арсовски.