Негаторските ставови кон постоењето на македонската држава и народ се континуитет во бугарската надворешна политика, но загрижува тоа што најновите напади не наидоа на осуда ниту од т.н. прогресивна влада на новоизбраниот бугарски премиер Кирил Петков, ниту од Европската Унија, чија членка е Бугарија. Ваков вид брутален и арогантен говор на омраза од земја-членка како Бугарија кон земја-кандидат како Македонија е незапаметен во поновата европска историја и е својствен за некои дамнешни мрачни минати времиња, како на пример времето на фашизмот

ПО ОТВОРЕНИТЕ ПОРАКИ И ЗАКАНИ ОД БУГАРИЈА ЗА ТЕРИТОРИЈАЛНИ ПРЕТЕНЗИИ КОН МАКЕДОНИЈА

Со најновото повторено вето од Бугарија за нашата држава, која пак беше спречена да ги почне пристапните преговори со Европската Унија, високи бугарски претставници продолжија и ги интензивираа говорот на омраза и националистичките изјави со отворени територијални претензии кон Македонија. Најекстремен во искажувањето на антимакедонските ставови е бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој порача дека „Македонија е Бугарија, втора бугарска држава на Балканот“, во неговата реакција до новиот бугарски премиер Кирил Петков, по неговите најави за нов пристап во односите со Македонија. Негаторските ставови кон постоењето на македонската држава и народ се континуитет во бугарската надворешна политика, но загрижува тоа што најновите напади не наидоа на никаква осуда ниту од т.н. прогресивна влада на новоизбраниот бугарски премиер Кирил Петков, ниту пак од Европската Унија, чија членка е Бугарија.
Дотолку повеќе што сето ова се случува на почетокот на новиот мандат на новата бугарска влада и во исто време кога и бугарскиот претседател Румен Радев, како „расипана плоча“, ги извртува тезите и преповторува за наводно постоење на говор на омраза на македонската страна! Изостанаа остра реакција и осуда и од македонските официјални лица и институции за последниот националистички испад на бугарскиот европратеник. Но вакви контроверзни, антиевропски, па дури и фашистички тези на бугарски политичари имаше еден куп во изминатиот период. Претходно, Каракачанов се закануваше дека може да испрати еден воен полк во Македонија, па имаше тврдења од бугарски политичари дека Охрид е бугарски град итн. На бугарските небулози, измислици, уцени и закани кон Македонија им нема крај, само прашање е зошто сѐ уште Европа го толерира тоа. Наспроти инертноста на Унијата, правдољубивата меѓународна јавност остро го впери прстот кон Бугарија, за што пример се и написите на влијателниот германски весник „Франкуртер алемајне цајтунг“ во кои жестоко се критикува Бугарија за нејзините антиевропски и антицивилизациски политики кон Македонија.
Зоран Иванов, новинар и политички аналитичар, смета дека најновите пораки што доаѓаат од Бугарија нема да ги релаксираат односите меѓу двете земји во наредниот шестмесечен преговарачки период, во кој, секако, нашата држава е во неповолна неинтегративна ситуација.

– Toј, Џамбаски, не вреди да се споменува, а камоли да се коментира. Маргинален е и во Европскиот парламент. Арлекин на Каракачанов. Во овие актуелни околности, тежина имаат две поенти: изјавата на бугарскиот претседател Радев во Брисел, според која конечно неговите европски колеги го разбрале на темата спор со Македонија, и втората, шестмесечниот план на премиерот Петков за надминување на спорот. Ниту едната ниту другата изјава нема да ги релаксираат односите меѓу двете земји, во кои, секако, нашата држава е во неповолна неинтегративна ситуација. Напротив. Прво, Радев блефира дека бил „разбран“ откако темата историја ја исфорсира пред Европа. Таа е многу лизгав терен за ксенофобната децениска бугарска политика, па и за бугарското општество, каде што човековите права се на најниска можно европско скалило, и тоа на Европејците им е добро познато и, кај и да е, ќе стане нивен отворен внатрешен проблем – вели Иванов, кој е добар познавач на политички состојби во Бугарија.
Провокациите за непостоењето на македонскиот народ доаѓаат речиси од сите политички партии во Бугарија. Во тоа се истакнуваше партијата ВМРО-БНД на поранешниот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, која настапи и со скандалозен предизборен спот, во кој течеа инсерти од Скопје и од Охрид, во кои тој го нарекува бугарски град. Во еден спот дури е нагласено дека Македонија е бугарска. Красимир Каракачанов е поранешен министер за одбрана и вицепремиер во Владата на Бојко Борисов, во чиј мандат беше потпишан Договорот за добрососедство во 2017 година. Но тоа не ѝ пречи на бугарската страна еднострано и националистички да го чита овој договор, кој се однесува и на тоа дека ниедна од двете страни не треба да презема, поттикнува и поддржува дејства насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер, како и за тоа дека договорните страни немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга. Но Бугарија сиот изминат период грубо го прекршува договорот и од позиција на сила како членка на Унијата настапува империјалистички, хегемонистички, со отворени закани и територијални претензии кон Македонија.
Но и покрај ова, изостануваат реакциите на осуда од новата бугарска влада, како и од ЕУ, од чии институции во кои партиципира и бугарскиот европратеник дава изјави од еден европратеник, кои значат и отворени територијални претензии кон соседна европска земја!

Ваквото однесување на Бугарија и Европската Унија, според Зоран Иванов, е поврзано со „планот на премиерот Петков со предлози за нови тематски меѓудржавни комисии и со загрижувачки рок од шест месеци што тој го наметнува, а кој мириса на класична местенка“.
– Прво, комисија веќе има. Второ, нови комисии се секогаш со неизвесен епилог и со уште понеизвесни рокови за некакви договори. И, трето, ако малку и шпекулираме, од први јануари почнува шестмесечното француско претседателство со ЕУ. Тамам, како што предлага Петков, тајминг да заврши францускиот мандат, а меѓу Бугарија и Македонија да не биде ништо решено. Просто кажано, пак да нѐ извозат и Франција нашето гајле да го проследи натаму. Сомнежите, не отсега туку од поодамна, се дека Бугарија во оваа ЕУ-играрија со нас не е сама и дека има здушна поддршка не од некакваси тајна, туку од сѐ повидлива подземна европска дипломатија. Особено од некои традиционално на Балканов инволвирани моќна волци, кои и сега дрмаат со Унијата. Па, оттука, доколку за време на француското претседателство земјава најпрактично и со сите утврдени процедури не ги почне преговорите со Унијата, волкот Франција докрај ќе си го покаже својот актуелен, но и историски карактер во однос на Македонија и Македонците. А за другите, па се виде дека во ЕУ се само публика – смета Иванов.
За разлика од македонското министерство за надворешни работи, кое избегнува или со задоцнување реагира на говорот на омраза и заканите од бугарските политичари, официјална Софија секогаш се огласува, па дури и за најбанални работи или изјави на наши политичари и потоа тоа го користат пред европските лидери, како „аргумент“ за наводното „системско прекршување на правата на граѓаните со бугарско потекло што живеат во Македонија“.
Во таа насока, не само демократска Европа туку крајно време е и македонската дипломатија и политичките лидери да се разбудат и јасно и гласно да проговорат и да ги осудат сите овие брутални испади на бугарските политичари, кои не само што се противправни туку се и антиевропски и антицивилизациски.