Министерот за надворешни работи Никола Димитров, на покана на бриселскиот тинк-тенк Вилфрид Мартенс Центар за Европски студии (официјален тинк тенк на Европската народна партија), учествуваше на онлајн дебата на тема: „Балканот во нова ера – преглед на хрватското ЕУ претседателство “.
За време на дискусијата се направи осврт на досегашниот тек на т.н. прво „виртуелно“ претседателство со Советот на ЕУ од страна на најмладата земја членка – Хрватска, во контекст на исклучително сложени околности со оглед на пандемијата, кое и покрај тоа успеа да испорача повеќе клучни чекори – како одлуката за почеток на пристапни преговори со Македонија. Притоа фокус се даде и на следните чекори и очекувања за време и по хрватското претседателство во однос на нашата евро-интеграција, како и на новата методологија за пристапниот процес, динамиката во регионалните односи и секако на исходот од вчерашниот виртуелен Загрепски Самит ЕУ-Западен Балкан.
– Можеби хрватското претседателство со Советот на ЕУ може да се нарече „виртуелно“ во логистичка смисла, но за нас дефинитивно беше суштествено во политичка смисла. И за тоа сме им исклучително благодарни на нашите хрватски пријатели. Во однос на вчерашниот Самит ЕУ-Западен Балкан, самиот факт што се одржа во вакви околности, како и досегашната и идната поддршка од страна на ЕУ за справување со здравствените и социо-економските последици од пандемијата, се повеќе од јасен сигнал за значењето и идното место на Западен Балкан во Европската Унија. Чувството на заедништво и солидарност кое се создаде во текот на кризава со пандемијата меѓу ЕУ и Западен Балкан, неопходно е да се одржи и во пост-пандемската иднина и употреби како двигател за конечно комплетирање на ЕУ проектот, што е од несомнен заемен интерес – рече Димитров.
Во дискусијата, покрај Димитров учествуваа и хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман и европратеникот и претседавач на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер (Европска народна партија), а во улога на модератор беше Патрик Волер, секретар за надворешни односи на ЕНП.