Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во Софија истакна дека политичкиот фокус на Европската унија на нашиот регион не треба да биде маргинален имајќи предвид дека тој е опкружен со земји-членки на ЕУ.
– Ова е регион кој географски не е на маргините на ЕУ, туку остров опкружен со земји членки на ЕУ. Самото тоа е доволен аргумент дека политичкиот фокус на ЕУ кон регионот, исто така, не треба да биде маргинален…И ваквото внимание ние немаме луксуз да не го сфатиме сериозно – истакна во својот говор шефот на македонската дипломатија, соопшти МНР.
Димитров како специјален гостин се обрати на сесијата „Интеграција и поврзаност на Западниот Балкан – нова движечка сила на политиката за проширување на Европската унија“ на Конференцијата на Комисиите за европски прашања на националните парламенти на земјите-членки на Европската унија и на земјите-кандидати, во рамки на бугарското претседавање со ЕУ.
Тој се заблагодари на бугарското претседателство за, како што се наведува во соопштението, широкоградата поддршка и насочувањето на светлото кон регионот.
Во соопштението од македонското МНР се посочува дека Димитров ги претставил историските исчекори кои Република Македонија ги презема во контекст на затворање на отворените прашања со своите соседи, како и последните преземања на планот на домашни реформи, што се сериозна потврда за еден процес на созревање на земјата.
Во рамки на конференцијата, министерот Димитров остварил и неколку билатерални средби и куси разговори со парламентарци од повеќе земји-членки на ЕУ, како и со својот домаќин Кристиан Вигенин и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.
Шефот на македонската дипломатија имал одвоени средби со француската парламентарка и претседателка на Комисијата за европски прашања на Националната асамблеја на Франција, Сабин Тилеј, со холандската парламентарна делегација, предводена од претседателот на Комитетот за европски прашања во холандскиот претставнички дом, Малик Азмани, а имал и работен ручек со членови од германската парламентарна делегација, предводена од претседателот на Комитетот за ЕУ прашања во германскиот Бундестаг, Гунтер Крихбаум, како и разговори со Лилијана Танги.
За време на средбите Димитров информирал за постигнатиот исчекор во контекст на односите со Грција и за претстојните чекори и предизвици на тој план и, како што се наведува во соопштението, замолил за поддршка од европските партнери за отворање на европскиот пат за Република Македонија, кој е од суштинско значење во претстојниот период во однос на натамошна имплементација на договорот со Грција.
– Позитивната одлука на ЕУ ќе биде истовремено и целосно заслужена валоризација на реформските резултати на домашен план – посочил македонскиот министер за надворешни работи.
Во соопштението се наведува дека од соговорниците биле упатени честитки за покажаното водство, искрена политичка волја и храброст во постигнувањето на заемно прифатливо решение меѓу Република Македонија и Грција.