Како полноправна членка на НАТО Македонија ќе стане постабилна и со зацврстена безбедност дома и во регионот, додека ратификацијата на протоколот за членството во грчкиот Парламент е завршена работа.
Ова синоќа го изјави македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, во текот на дискусија во Атлантскиот Совет посветена на зачленувањето на Македонија во НАТО, а во рамките на иницијативата „Балкан напред“.
Министерот се обрати пред експерти, претставници на невладини организации и дипломатскиот кор во Вашингтон.
-Ова е историски настан, ја пишуваме историјата со тоа што создаваме посветла иднина во регион полн со историја и конфликти – порача Димитров.
На прашењето на директорот на Атлантски совет, Дејмон Вилсон, што понатаму, и какви се подводните сцили и харибди можат да се појават како резултат на Преспанскиот договор, Димитров е убеден дека грчкиот Парламент ќе гласа позитивно за влезот на Македонија во НАТО, „и формално да се затвори прашањето за името“.
-Многумина политичари од регионот создадоа кариери и политички капитал со ширење на страв и омраза, но ако се донесе надеж тоа ќе чини нечиј политички капитал. Двајцата лидери, Зоран Заев и Алексис Ципрас, всушност потрошија голем дел од својот политички капитал, иако тие ќе поентираат, но тоа зависи од успешноста на имплементацијата на овој договор – укажа Димитров.
Шефот на макоднската дипломатија додаде дека „треба нешто да се даде ама и нешто да се загуби. И двете страни го сторија тоа“.
Димитров имаше дводневна работна посета на Вашингтон, со повеќе средби во Стејт департментот, Белата куќа и на некои невладини организации.
Во Стејт департментот тој се сретна со Вес Мичел, заменик на секретарот за Европа и Евроазија во заминување. На средбата се разговарало околу активностите врзани со имплементацијата на Преспанскиот договор, како и претстојните активности околу ратификацијата на Пристапниот протокол за членство на Република Македонија во НАТО.
Во Белата куќа, министерот Димитров се сретна и со директорите во Советот за национална безбедност на САД: за европски прашања, Вилијам Беркли и за НАТО, Маркус Томи. И на оваа средба било разговарано за претстојните активности во контекст на евро-атлантската интеграција на Република Македонија и натамошната поддршка од САД во тој контекст.
Делегација од МНР денеска учестува на министерскиот состанок на Глобалната коалиција за борба против Исламската држава која се одржува во американскиот Стејт департмент.