Собраниската седница за законот за Јавното обвинителство доцни скоро два часа.
Според собраниски извори, во Собранието пристигнала нова верзија на законот при што дел од пратениците побарале дополнителни консултации со претседателот на Собранието Талат Џафери.
Во Собранието пристигнала и министерката за правда Рената Дескоска која е на средбата со спикерот Џафери.
Новата верзија на законот, пристигнала доцна попладнево, откако претходно партиите од албанскиот блок Беса и Алијанса за Албанците се изјаснија дека законот за нив е неприфатлив.
Во исчекување на договор за законот, односно обезбедување мнозинство, во собраниската сала има само неколку пратеници што не навестува дека седницата ќе започне наскоро.
Синоќа во Владата беше усвоен предлог законот за јавно обвинителство. Откако законот претрпе измени поради усогласување со независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, од Алијансата за Албанците и Беса се изјаснија дека нема да го поддржат законот. Седницата беше закажана за во 17 часот.
Откако пратениците ќе дадат зелено светло, законот треба да помине на Комисијата за европски прашања и по завршувањето на расправата се очекува да биде донесен со двотретинско мнозинство мнозинство.