Фото: Игор Бансколиев

Речиси на сите предизборни митинзи е забележливо дека не се носат маски, дистанца исто така нема, особено не меѓу граѓаните што се собрани. Особено разочарувачки е што здравствените работници и докторите што ги има на сите листи молчат за ова и како да забораваат на Хипократовата заклетва дека ќе го штитат здравјето на граѓаните

МИТИНЗИ БЕЗ ПРОТОКОЛИ

Како наближува крајот на изборната кампања за локалните избори, сѐ позабележителен стануваат опуштеноста и непочитувањето на здравствените протоколи на митинзите на кандидатите со граѓаните. Изминатиот период поради временските услови и врнежите од дожд често ваквите средби беа во затворени простории, каде што исто така не се носеа маски и не се почитуваа мерките за заштита од ковид-19. Интересно е што во изборната трка за советници и градоначалници учествуваат и многу здравствени работници и лекари, на кои како да не им пречат ваквото однесување и непочитувањето на мерките.
На повидок ли е кластер „Изборна кампања“?
Речиси на сите предизборни митинзи е забележливо дека не се носат маски, дистанца исто така нема, особено не меѓу граѓаните што се собрани. Друг тренд последните денови е партиите да се фалат со масовност, што значи дека работат на активно организирање луѓе што треба да присуствуваат.
За да биде парадоксот поголем, на листите на овие партии има доктори што во првите редови на партиските митинзи како да не гледаат како се прекршуваат мерките за заштита од ковид-19.

Особено е разочарувачки што докторите што ги има на сите листи молчат за ова и забораваат на Хипократовата заклетва дека ќе го штитат здравјето на граѓаните.
Според последните одлуки донесени на Владата, а кои важат од средината на август, за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни посетители/гости/лица, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувачници, казина), задолжително е поседување, приложување и проверка на сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација), односно примена најмалку прва доза вакцина или сертификат/потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст. На митинзите како да не важи ништо, па дури и носењето маски.
Есенскиот и зимскиот период ќе бидат предизвик за епидемиолозите, особено откако во август почна четвртиот бран. Една од причините е што епидемиолошката слика не се смирува, а дополнително може негативно да влијае есенско-зимскиот период што следува.

Проблем е и целата епидемиолошка слика во регионот, каде што бројот на позитивни расте, како што расте и смртноста, а процентот на вакцинирани стагнира.
Д-р Злате Мехмедовиќ, лекар специјалист по медицина на трудот, укажува дека секое одржување настани каде што има голема концентрација на луѓе во затворен простор претставува и висок ризик за ширење на вирусот.
– Делта-варијантата од ковид-19 е 60 отсто повеќе пренослива во затворен простор, што значи дека затворените простории се дополнителна причина за полесен пренос на оваа варијанта – додава тој.
Според него, во зимскиот период и затворањето на луѓето во затворени простории ќе оди во насока да се очекува поголем број новозаразени.
Жанета Трајковска од Институтот за комуникациски студии вели дека правилата не важат за сите во изборната кампања, особено што тоа најмногу го потврдуваат политичарите. Таа посочува дека веќе втора година живее во ковид-стега, а и според бројот на починати во европски и светски рамки ги заземаме високите места.
– На политичарите им е најважно да освојат што повеќе гласови, со кластерите ќе се занимаваат по изборите. Секојдневно гледаме на снимките на телевизиите од митинзите дека сите препораки и насоки за заштита од ковид-19 не важат за нив, зашто се во кампања. Сега приоритетот е друг – посочува Трајковска.
Според неа, тоа е доказ колку политиката е сурова и колку политичарите, односно сите учесниците во кампањата немаат одговорност кон своето граѓанство и кон гласачите.

– Со тоа докажуваат дека немаат одговорност ниту кон тие за кои најмногу се колнат дека ќе работат во нивно име. Има една стара поговорка според која сега се раководат политичарите, а таа е не ме гледај што правам, слушај ме што зборувам – заклучува Трајковска.
Професорот по социологија Ѓорѓи Тоновски вели дека по завршувањето на изборната кампања не е исклучена можноста дека ќе има поголем број заболени, особено зашто митинзите се проследени со маса на луѓе, која тешко може да се контролира, а уште помалку некој да бара сертификат за вакцинација.
– Ризикот е голем, а одговорноста на политичарите во овој период ќе се релативизира. Секогаш постои можност за оправдување дека тие апелирале да се спроведуваат мерките и инсистирале на протоколи – посочува социологот.
Сепак, спред него, не треба ниту да се генерализира, зашто веројатно на одредени места митинзите и средбите со граѓаните се спроведувале уредно.


Намален бројот на ковид-случаи

За 11,8 отсто помалку нови случаи на ковид се регистрирани во земјава во периодот од 4 до 10 октомври. Ова го покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, според кој се регистрирани 2.354 нови случаи во 33 града.
Процентот на позитивност се движи од 7 до 13, со просек 10,2 отсто. Најголем дел регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кратово. Најмногу заболувале лицата над 60 години, а најмалку заболени има кај децата до деветгодишна возраст.
Сепак, извештајот вели дека кај сите возрасни групи има намалување на бројот на заболени. Пријавени се 93 смртни случаи во текот на минатата недела, од кои 40 се од главниот град.
Во текот на минатата недела се регистрирани 34 реинфекции, што е намалување за речиси 15 отсто. Заклучно со 10 октомври, повторно се заразиле вкупно 625 луѓе.

[email protected]