Новиот патријарх на СПЦ, Порфириј, се смета дека гравитира кон конзервативното крило на црквата, близок на бачкиот епископ. Порфириј е всушност и негово „духовно дете“, а нему му беше и викарен епископ. Но, сепак, поаѓајќи од карактерот, Порфириј ќе сака и да покаже и да остави свои лични карактеристики и белези. Овој пат изборот за патријарх беше толку брз што покажува дека имало консензус на световните и на духовните власти за Порфириј. Од тој аспект, треба да се очекува дека тој ќе ги продолжи актуелните политики на СПЦ во однос на Косово (соработка со државните власти), кон Црна Гора, кон МПЦ-ОА, кон Вселенската патријаршија, кон прашањето за Украинска православна црква и Руската православна црква. Имено, во тој контекст не треба да се очекуваат големи промени, при што голема е веројатноста СПЦ да остане на досегашниот курс
Можна ли е промена на позициите на Српската православна црква кон Македонската православна црква-Охридска архиепископија со новиот патријарх Порфириј? Дали умерениот во тонот митрополит Порфириј ќе биде и умерен или, пак, поригиден патријарх? Колку политиката на СПЦ кон МПЦ е креација на еден човек, а колку е стратегија на целата црква?
Сите овие дилеми ден по изборот на новиот патријарх на СПЦ се предмет на анализи. Верските аналитичари засега имаат поделени првични впечатоци. Иако немаат дилема дека патријархот Порфириј е дел од конзервативното крило во СПЦ, предводено од бачкиот епископ Иринеј Буловиќ, сепак некои од аналитичарите сметаат дека токму тој може да има и поумерени ставови. Но колку тие негови ставови ќе бидат доволни за СПЦ да ја признае реалноста за МПЦ? Многумина, пак, велат дека нашата црква нема што да очекува и треба да го продолжи процесот пред Вселенската патријаршија за признавање на нејзината автокефалност.
Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека изборот на новиот српски патријарх во ликот на митрополит загрепски Порфириј е максимумот што можеше да се случи во овој момент во рамките на Српската православна црква. – Добра страна од неговиот избор е тоа што се добива млад владика (60 години), што значи дека прашањето на водството на црквата е решено во подолг период. Се одбегна менувањето на патријархот по неколку години, доколку изборот беше на постара личност. Порфириј покажа дека е умерен владика, дека не е екстремен во своите ставови, а тоа го потврдува и неговото однесување во главната епархија во Хрватска, каде што покажа умешност да воспостави добри односи со хрватските власти и Католичката црква. А знаеме дека односите меѓу Србија и Хрватска се секогаш деликатни и изложени на предизвици. Во изминативе години не паметиме ниту, пак, лоши изјави во однос на МПЦ-ОА – посочува Ѓорѓевски.
Поради сето тоа аналитичарот вели дека е добро што еден претставник на силното конзервативно крило во рамките на СПЦ, кое е доминантно и чиј предводник е бачкиот епископ Иринеј, дојде на чело на СПЦ.
– Нема дилеми дека тој ќе биде под влијание на тоа крило и на бачкиот епископ, бидејќи тој е и негово „духовно дете“ и му беше викарен епископ, но, сепак, тој ќе сака и да покаже свои лични карактеристики и белег. Мислам дека неговиот избор им одговара и на српските световни власти и фактот што изборот беше толку брз како да покажува дека имало консензус на световните и на духовните власти околу новиот патријарх. Од тој аспект, треба да се очекува дека тој ќе ги продолжи актуелните политики на СПЦ во однос на Косово (соработка со државните власти), кон Црна Гора, МПЦ-ОА, кон Вселенската патријаршија, кон прашањето за Украинска православна црква и Руската православна црква. Тука не треба да се очекуваат големи промени и СПЦ ќе остане на досегашниот курс – додава Ѓорѓевски.
Од таа причина, Ѓорѓевски вели дека не треба да се очекува ниту промена на односот кон МПЦ-ОА.
– И натаму ќе биде став дека автономна положба ни е единствено нешто што ни се нуди како решение и дека во тој спор не треба да се вклучуваат посредниците како Вселенската патријаршија. Тоа ќе значи дека и новото раководство на СПЦ ќе ја одбие покана на Вселенската патријаршија за тројна средба. По тоа ќе остане на Вселенската патријаршија да го решава нашиот црковен проблем како второстепена (судска) црковна инстанца. А тоа МПЦ и го бараше во своите писма на Синодот и на државните претставници. Каква ќе биде одлуката на ВП не може да се прејудицира. Но радува тоа што вселенскиот патријарх во последните интервјуа ја потенцира потребата за вклучување на сите православни христијани во рамките на православието – заклучува аналитичарот.
Кој е новиот патријарх Порфириј?
Новиот српски патријарх Порфириј е еден од тројцата најмлади поглавари на помесните православни цркви. Роден е на 22 јули 1961 година, под световно име Првослав Периќ во Бечеј, блиску до Нови Сад. Освен Порфириј, помлади од него поглавари на православни цркви се архиепископот на Чешка и Словачка, кој е роден во 1978 година, и митрополитот на Украинската православна црква, роден во 1979 година.
Порфириј во својата кариера беше претседател на Советот за радиодифузија во Србија од 2008 до 2014 година.
Завршил во 1986 година на Богословскиот факултет во Белград, а една година претходно во Дечани бил замонашен. Потоа оди на постдипломски студии во Атина, каде што се наоѓа до 1990 година.
Потоа почнува неговата кариера во СПЦ, под благослов и патронат на бачкиот епископ Иринеј Буловиќ. На 6 октомври 1990 година заминува во манастирот „Ковиљ“, каде што на 21 ноември 1990 година е ракоположен во чин на јеромонах. По предлог на Буловиќ, Соборот на СПЦ на 14 мај 1999 година го избира за викарен епископ на Бачката епархија.
Во 2014 година, Соборот на СПЦ го избира за митрополит загрепско-љубљански.