Што е тоа што предизвика распаѓање на нашите научни идеали и системи? Психологот Стјуарт Ричи, автор на книгата „Научни измислици“, ги идентификува четирите главни виновници – измамата, пристрасноста, немарноста и публицитетот. Предмет на подолу наведениот извадок е измамата. Психологот Ричи се осврнува на научното лицемерство, кое лежи во основата на фамозната студија од 1998 година, во која се тврдеше дека е пронајдена поврзаност помеѓу аутизмот и вакцинирањето. Истовремено, Ричи укажува и дека штетата во јавното здравје што следуваше не беше вина само на некојси пакосен лекар. Тој објаснува дека нѐ изневери и системот на научно издаваштво – потребни беа дури 12 години за да се повлече измамничката студија, која уште од самото објавување посеа многубројни сомнежи за безбедноста на вакцините и, како резултат на тоа, придонесе за слабеењето на јавното здравје
Студија што посеа многубројни сомнежи за безбедноста на вакцините и придонесе за слабеењето на јавното здравје
Една од најопасните научни измами во однос на здравјето беше онаа што не само што ги доведе во заблуда научниците и лекарите туку изврши и огромно влијание врз јавната перцепција на еден витално важен медицински третман. Таа предизвика толку многу страв и конфузија, што и покрај тоа што поминаа повеќе од две децении од нејзиното објавување, сите ние и денес живееме со нејзините штетни последици.
Фамозната студија на британскиот лекар Ендру Вејкфилд
Се разбира, ова се однесува на фамозната студија за вакцините од 1998 г., дело на британскиот лекар Ендру Вејкфилд, објавена во медицинското списание „Лансет“. Врз база на примерок од 12 деца, Вејкфилд и неговите соработници тврдеа дека комбинираната вакцина против мали сипаници, заушки и рубеола (ММР) е поврзана со аутизам. Теоријата гласеше: вирусот на сипаници, внесен во телото преку оваа вакцина, претставува причина за симптоми поврзани со цревата и мозокот (Вејкфилд првично ја нарекол оваа состојба „аутистичен ентероколитис“). На прес-конференцијата и на интервјуата што следуваа по објавувањето на студијата, Вејкфилд постојано изјавуваше дека оваа вакцина би требало да се раздели на три индивидуални, сметајќи дека комбинацијата е премногу силна за имунолошкиот систем на некои деца.
Голем број луѓе знаат дека наодите на Вејкфилд се одамна отфрлени. Но голем број и не знаат за тоа. Од 1998 година наваму, спроведени се неколку големи и детални студии, кои не покажаа никаква можна релација помеѓу вакцината ММР (или која било друга) и нарушувањата од аутистичкиот спектар.
Исто така, испитувањата покажаа дека комбинираните вакцини се исто толку безбедни како индивидуалните. Сепак, она за што многумина не се свесни е фактот дека научниот труд на Вејкфилд беше далеку од обична грешка или разбирлив ќор-сокак во толкувањето на експерименталните резултати – тој беше измама уште од самиот почеток. По објавувањето на контроверзната студија, истражувачкиот новинар Брајан Дир започна да „копа“ по податоците на Вејкфилд, но што е уште поважно – и по неговите мотиви. Во серија од шокантни написи во едно од најпознатите светски медицински списанија, БМЏ, Дир опишува како Вејкфилд погрешно ги претставил или, пак, ги модификувал медицинските податоци за секое од дванаесетте деца што биле вклучени во истражувањето. Тој едноставно го измислил „фактот“ дека сите деца покажале симптоми на аутизам наскоро по примањето на ММР. Вистината е дека во реалноста, некои од децата имале симптоми и претходно, други пројавиле симптоми многу долго време по вакцината, а оние другите никогаш не биле дијагностицирани како аутистични.
Финансиски мотиви за фалсификување на научната студија
Што се однесува до мотивите за измамата, според истражувачкиот новинар Брајан Дир (кој ја разоткрил измамата), британскиот доктор Ендру Вејкфилд имал два големи финансиски интереси да прикаже такви резултати од студијата. Прво, тој се здружил, за добра провизија, со адвокат што планирал да го тужи производителот на вакцината во име на родителите на деца со аутизам.
Впрочем, токму од редовите на групата поврзана со адвокатот, Вејкфилд ги регрутирал своите мали пациенти за студијата. Второ, една година пред објавувањето на неговиот труд, тој аплицирал за патентирање на своја сопствена вакцина против сипаници, па оттука ќе профитирал финансиски ако неговото истражување ги исплашело луѓето во однос на комбинираната ММР-вакцина. Непростливо е што ниту еден од овие лични интереси не биле изнесени на виделина во трудот: едноставно, било кажано дека научната студија е финансирана од страна на „специјални доверители“ и дека родителите на децата дале поттик за целата работа.
Кога Дир во 2004 година првпат стапи во контакт со дирекцијата на „Лансет“, наиде на жесток отпор од уредниците на списанието (истата реакција од одговорните лица се повтори и десет години подоцна во врска со озлогласениот случај на хирургот Паоло Макијарини).
Како резултат на истрагата на Дир, трудот на Вејкфилд конечно беше повлечен во 2010 година, откако цели 12 години беше дел од официјалната научна литература. По најдолгото сослушување во историјата на британскиот Генерален медицински совет, Вејкфилд беше отстранет од официјалниот регистар и му беше одземено правото на лекарска практика на територијата на Велика Британија. Одлуката не се донесе само поради фалсификувањето податоци туку и поради подложувањето на децата на непотребни медицински процедури (вклучувајќи и колоноскопија) без соодветно одобрение. Советот ги опиша неговите дејства како „грубо непочитување“. По сѐ што доживеа во Европа, тој повторно се прослави во рамките на американското движење против вакцинацијата; само како пример – пред да биде повлечен поради негодувања и побуна од страна на јавноста, неговиот документарен филм против вакцините, наречен „Болен од вакцина“, во 2016 година за малку ќе беше прикажан на њујоршкиот филмски фестивал „Трибека“, откако силно беше поддржан од основачот на фестивалот, кој е скептичен за вакцините, Роберт де Ниро.
Новата книга на психологот Стјуарт Ричи, „Научни измислици“, ни овозможува една не толку пријатна прошетка низ актуелната состојба на научниот систем. Имено, науката ни овозможи толку многу добри нешта: лекови за разни болести, откритија во врска со нашето постоење, знаења за овој и за другите светови – но полека почнува да нѐ разочарува. И како што ќе видите подолу, тоа го прави на разни начини. Не станува збор за тоа дека нешто не е во ред со самата наука, истакнува психологот Стјуарт Ричи, туку проблемот лежи во тоа каде се материјализира таа – а тоа се токму човековите (тесни интереси) системи.
(продолжува)