Фото: Игор Бансколиев

Потенцирајќи дека врските помеѓу организираниот криминал, политиката и бизнисот во овие земји постоеле и пред распадот на Југославија и дека продолжиле во континуитет и потоа, од Комитетот за надворешна политика при Европскиот парламент сметаат дека до нивно расветлување може да се дојде, пред сѐ, преку овозможување пристап до досиејата на некогашната Југословенска тајна служба (УДБА) и на, исто така, некогашната тајна служба на Југословенската народна армија (КОС)

ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ДО ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН:

За да се искоренат политичките и административните врски со организираниот криминал, надлежните служби во земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, би требало да ги отворат архивите на бившите југословенски тајни служби, но и на тие што ја продолжија нивната работа, е повикот што пред некој ден го упатија членовите на Комитетот за надворешна политика при Европскиот парламент до владите на државите во регионот. Потенцирајќи дека врските помеѓу организираниот криминал, политиката и бизнисот во овие земји постоеле и пред распадот на Југославија и дека продолжиле и потоа, од Комитетот сметаат дека до нивно расветлување може да се дојде, пред сѐ, преку овозможување пристап до досиејата на некогашната Југословенска тајна служба (УДБА) и на, исто така, некогашната тајна служба на Југословенската народна армија (КОС).
По крајно поделените оцени за ефектите од претходното отворање на досиејата заради спроведувањето на процесот на лустрација, од Владата ја поздравуваат иницијативата на Европскиот парламент, а универзитетскиот професор Звонимир Јанкулоски очекува мошне позитивен ефект од нејзиното евентуално спроведување во земјава.
– Ја поздравуваме и поддржуваме изјавата на известувачот Лукас Мандл дека борбата против организираниот криминал и корупцијата не познава граници, а соработката со сите партнери во регионот, но и со Унијата, е најдобриот пристап за постигнување ефикасни резултати. Владата на Северна Македонија и надлежните институции, пред сѐ Министерството за внатрешни работи, преземаат континуирани активности насочени кон справување со сите форми на организиран криминал и корупција – одговорија од канцеларијата на портпаролот на Владата на прашањето дали се информирани и што ќе преземат во однос на укажувањето од Европскиот парламент.
Професорот Јанкулоски, пак, прогнозира дека ќе биде многу интересно да се види каква реакција ќе има во Македонија.

– Врската помеѓу тајните служби и криминалот кај нас е неспорна. Јасно дека тие што еднаш биле врбувани за определени цели секогаш се подготвени за учество во разни криминални активности и дека, за жал, сѐ уште се присутни, активни и влијателни во јавниот живот. Затоа многу ќе биде интересно да се види каква реакција ќе има во Македонија. Достапните досиеја од лустрацијата упатуваат дека апсолутно има простор да се оди и понатаму за да се видат тие спреги на политиката и бизнисот со криминалот. Досега некако успевавме да ги одбегнеме тие процеси на лоцирање поединци и групи што се податливи за сервисирање на криминалните структури, така што мислам дека тука постои навистина голем простор за дејствување – оцени Јанкулоски.
Инаку, во извештајот, кој членовите на Комитетот за надворешни работи при Европскиот парламент го усвоија деновиве, се наведува дека земјите од Западен Балкан се изворишта, одредишта и транзитни коридори за трговија со луѓе, за шверц на мигранти и бегалци, како и за перење пари, трговија со огнено оружје и дрога, и се посочува на недостигот од политичка волја во борбата против организираниот криминал.
– Изразувајќи жалење поради недостигот од вистинска политичка волја во борбата против организираниот криминал кај локалните владејачки елити, претставниците на Европскиот парламент бараат земјите од Западен Балкан целосно да ги решат недостатоците на своите казнено-правни системи, во чии рамки е и времетраењето на судските постапки. Длабоко свесни за наводите во извештаите и за обвинувањата на поврзаноста на високите политички личности и организираните криминални групи, претставниците на Европскиот парламент ја нагласуваат потребата за искоренување на политичките и на административните врски со организираниот криминал низ прецизно дефинираните антикорупциски мерки и низ ефикасно процесирање на високопрофилираните случаи на корупција – се вели во извештајот.

Нагласувајќи ја потребата од регионална и од меѓународната соработка во таа насока, од ЕП укажуваат и на потребата земјите на Западен Балкан да ги споделуваат разузнавачките информации со членките на ЕУ и со други меѓународни партнери, како што се Соединетите Американски Држави, Канада, Обединетото Кралство, НАТО, Групата на држави за борба против корупцијата (ГРЕКО), Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ), Канцеларијата за дроги и за криминал при Обединетите нации (УНОДЦ)…
– Организираниот криминал ја урива довербата на граѓаните во јавните институции, што е огромна пречка за напорите на општествата во земјите од Западен Балкан да ги развиваат своите држави и економии. ЕУ не смее да го користи фактот што таму е распространет организираниот криминал како изговор за одложување на процесот на проширување. Таа треба да застане зад луѓето од Западен Балкан во нивната борба против организираниот криминал – констатирал известителот Лукас Мандл.
Во извештајот се поздравува склучувањето на спогодбата за соработка помеѓу Единицата за судска соработка на ЕУ (Еуроџаст) и владите на Албанија, Македонија, Црна Гора и на Србија. Д.М.М.


Што е направено досега?

Владата и надлежните институции, пред сѐ Министерството за внатрешни работи, преземаат континуирани активности насочени кон справување со сите форми на организиран криминал и корупција, се вели меѓу другото во одговорот на Владата, од каде што ги наведуваат и податоците, како потврда за посветеноста на земјата сериозно да се справува со овој проблем.
Според одговореното, во областа за недозволената трговија со оружје, во периодот јануари-септември 2021 година, се откриени 127 кривични дела, за што кривично се пријавени 137 сторители. Во истиот период, во областа на недозволената трговија со дрога, сузбиени се шест организирани криминални групи, од кои една со полукриминална активност, односно се работи за десетчлена организирана група, во која, покрај вршење кривични дела од областа на недозволена трговија со дрога, четворица членови биле инволвирани и во вршење недозволена трговија со оружје и муниција. Спречени се десет меѓународни транспорти на поголеми количества марихуана, откриени се 509 кривични дела и поведени се кривични постапки против 592 сторители. Во областа на шверцување мигранти, откриени се 35 случаи на шверцување на 420 мигранти и сузбиена е 13-члена организирана криминална група, која подолг временски период дејствувала на територијата на Република Северна Македонија и илегално пренесувала мигранти од Блискиот Исток. Впрочем, и во извештајот на ЕК за 2021 година, во Поглавјето 3.24, Правда, слобода и безбедност, подрачје за борба против организиран криминал, е забележано дека „досието за истраги, обвиненија и пресуди во борбата против организираниот криминал е подобрено“. Во 2020 година беа поведени истраги против 77 лица. Во периодот од јануари до март 2021 година беше спроведена една истрага против четири лица. Беа поднесени обвиненија против 63 лица во 18 случаи во 2020 година и против 16 лица во три случаи во периодот од јануари до март 2021 година. Овие кривични дела вклучуваат трговија со луѓе, шверцување мигранти, трговија со дрога, незаконска трговија со оружје, перење пари. Во тек се 26 судски постапки против 137 обвинети. Во 2020 година беа изречени правосилни пресуди во 15 второстепени постапки против 34 обвинети, како и една второстепена пресуда против двајца обвинети во периодот од јануари до март 2021 година. Во 19 случаи во првостепена постапка беа изречени мерки за заплена или конфискација на имот против 36 лица.

– Ова е доволен показател дека случаите на организиран криминал не само што се откриваат туку и добиваат судски епилог. Свесни дека овој предизвик бара континуитет во спроведување на мерките и постојано јакнење на капацитетите на институциите за спроведување на законите за борба против организираниот криминал и корупцијата, во рамките на ИПА 2020, Проектот за поддршка на владеење на правото, се спроведуваат активности за обуки на припадниците на органите за спроведување на законот во делот на модерните истражни техники за борба против организиран криминал и корупција, имплементација на стандарди и методологии за јакнење на аналитичките капацитети и примената на специјалните истражни мерки, подобрување на капацитетот на националниот координативен центар за организиран криминал, подобрување на капацитетите за водење финансиски истраги и финансиски криминал, конфискација на имот и др. Во исто време, поддршка во различни сегменти се добива од голем број партнери, како што се УНДП, ОБСЕ, САД, Гиз – Германија, СИДА – Шведска, Италија, Австрија, Холандија и други земји од ЕУ, како и Велика Британија – одговорија од владината служба.