По повод информација за поднесената иницијатива на Државната комисија за спречување на корупција за поведување постапка за утврдување одговорност на заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, на денешната седница е утврден одговорот на Владата кој ќе биде испратен до ДКСК.
Во текстот на одговорот се наведува дека точката предлог-одлука за укинување на царинската стапка за електрични јон-литиумски акумулатори била повлечена од 29-тата седница на Владата на 26 септември и повторно била вратена на усвојување на 36-тата седница на 7 ноември, откако во меѓувреме заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, со писмен поднесок ја информирал Владата дека се иззема од учеството за донесување на предлог-одлуката.
Во образложението за оваа точка утврдено на оваа седница се истакнува дека членовите на Владата немаат неограничени овластувања и моќ и дека нивните поединечни овластувања се контролирани од Владата како колективен орган, согласно Уставот и Законот за Влада и дека во овој случај не е утврдена повреда на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, поради што нема правен основ за поведување одговорност.