Она што се наметнува како дилема е дали партиите се претвораат во класични вшмукувачи на пари од државниот буџет, наместо овие средства да имаат многу попродуктивна намена, на пример инфраструктура, капитални инвестиции или, во сегашниов здравствено-кризен амбиент, за набавка на вакцини, од што
најголема полза би имале граѓаните…
Политички партии за пет години го зголемиле своето финансирање од државниот
Поголемите политички партии во земјава само за пет години речиси за 40 отсто го зголемиле сопственото финансирање од државниот буџет. Со таквиот факт, политичките аналитичари велат дека партиите сѐ повеќе личат на државни институции, истакнувајќи притоа дека партиите сѐ повеќе се отуѓуваат од граѓаните и стануваат „клуб на привилегирани членови“, иако партиските штабови декларативно го тврдат спротивното. Тоа се чувствува и кај граѓаните, кои покажуваат пад на заинтересираноста за партиските политики, а податоците од изборите последните десет години постојано покажуваат помал одзив на граѓаните, кои токму на тој начин го искажуваат своето незадоволство од дејствувањето на политичките партии во земјава.
Италија и Малта се првите држави во Европа што го укинаа
финансирањето на политичките партии од државниот буџет
Без оглед што политичките битки и борби меѓу партиите никогаш не престанаа во изминатите 30 години, сепак, кога станува збор за носење закони што се во нивен интерес, почнувајќи од кирии, патарини, апанажи, патни трошоци, финансирање од буџет и разни други бенефиции, тие секогаш постигнуваат максимален консензус, без никакви забелешки и без никаква дебата. Имено, кога е во прашање партискиот интерес, носењето на законите тече како подмачкано.
Последниот извештај на Државниот завод за ревизија за финансиското работење на најголемите партии во земјава, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, покажува дека овие партии најголем дел од приходите остваруваат со зафаќања од државниот буџет, отколку од членарини и донации.
Она што се наметнува како дилема е дали партиите се претвораат во класични експлоататори на буџетот, наместо овие пари да се потрошат за помош на социјални случаи, за операции, за инфраструктура, сега дури и за набавка на вакцини, од што најголема полза би имале граѓаните.
Италија и Малта се првите држави во Европа што го укинаа финансирањето на политичките партии од државниот буџет, а во Германија е усвоена измена на Уставот, со што се овозможува укинување на државното финансирање на партиите ако го нарушуваат демократскиот поредок во земјата. И партиите во Белгија, Чешка, Хрватска, Данска, Финска, Грција, Литванија, Португалија, Србија и во Словенија исто можат да бидат лишени од јавно финансирање поради кршење на прописите за финансирање на политичките партии, неподнесување финансиски извештаи, прикажување неточни податоци во извештаите, прифаќање нелегални донации и слично.
Треба ли државата да се ослободи од финансирање на политичките партии и субјекти?
Во Македонија поголемите партии константно ги прават ваквите еквилибристики и наместо да бидат казнети за ваквото однесување, тие уште подлабоко посегнуваат во џебот на граѓаните.
– По 30 години плурализам, мислам дека државата треба да се ослободи од финансирање на политичките партии и субјекти. Општеството е доволно издиференцирано внатре да може партиите сами да си добијат социјална класна заснованост, можни извори на финансирање што законот ќе ги определи, дали членарини, дали донации, и дека од државниот буџет повеќе не би требало да се зафаќаат средства, без оглед на износот и без оглед на рејтингот на политичките партии – вели универзитетскиот професор Живко Андревски.
Според него, ако функционирањето на политичките партии е на доброволна основа, како што впрочем и треба да биде, тие може да се потпираат на членарина, на донации или обезбедување други начини на работење што ќе бидат регулирани со закон.
– Можни се манипулации и корупција при ваквото финансирање на партиите, особено од приватните компании, но општеството мора да гледа напред и да бара солуции за ваквите појави. По три децении самостојност, политичките партии во земјава треба да се развиваат и да имаат таква втемеленост што и нивното работење нема да зависи од државниот буџет. Сите мора да го преземаат ризикот за нивното работење и опстојување. Некои ќе опстојат, некои не – нагласува Андревски.
Социологот Илија Ацевски се согласува дека треба да прекине финансирањето на политичките партии од државниот буџет, бидејќи тие изминатите 30 години повеќе дејствуваат како корпорации.
– Нема дилема дека треба да прекине државното финансирање на партиите. Големите партии се еден вид корпорации, кои поседуваат големи имоти. Поголемите партии владеат со земјава изминатите три децении и токму тие одлучуваат за тоа дали ќе им се даваат државни средства или не. Сметам дека во моментот не постои начин како во парламентот да се изгласа таква одлука државата нив да не ги финансира – вели Ацевски.
Тој додава дека моќта што ја имаат во финансиски поглед ги прави владејачки партии низ годините.
– Не знам дали постои таква сила што ќе им го одземе тоа право, а неоспорно е дека треба да им се одземе – нагласува Ацевски.
Според него, главниот проблем е како улогата и значењето на партијата да се поедностават во формулирањето на програмските начела и вредности, кои нема да бараат толку средства, луѓе итн.
– Ова се големи партии во секој поглед, кои бараат многу средства – констатира Ацевски.