Ако не се договориме сега, додека Заев е премиер, ќе влеземе во нова неизвесност. Ќе изгубиме пак многу време, а ние веќе немаме време за чекање! Предолго ја чекавме Бугарија да има политичка Влада, истакна специјалниот претставник на македонската влада за Бугарија, Владо Бучковски за „Дојче Веле“, додавајќи дека Заев останува на позицијата за затворање на овој процес на преговори со новиот бугарски премиер.
Бучковски, кому пред една недела му беше продолжен мандатот на функцијата, посочува дека разговорите траат подолг период.
– Петте точки се тема на разговори повеќе од една година. И за време на службената влада во Бугарија продолжи комуникацијата на нашето и бугарското МНР, на министерско и експертско ниво. Евентуалните конкретни резултати од преговорите водени досега, треба да се верифицираат од новата влада во Бугарија, потоа да се одржи Меѓувладина седница со претседавање на двата министри за надворешни работи. Јас лично сум оптимист дека ќе има резултат, но за нас е побитно – кога? Ние очекуваме еден од приоритетите на новата влада во Бугарија да биде токму македонското прашање. Впрочем, извесниот иден премиер Кирил Петков, тоа го навести во интервју за Дарик Радио пред четири дена – заклучува Бучковски.