Анализите на бројките на новоинфицирани лица покажуваат дека вирулентноста на ковид-19, односно процентот на позитивни од тестирани, се движи од пет до седум отсто, што е значајно намалување од деновите кога беше 10 и повеќе проценти
Дали опаѓа трансмисијата на вирусот?
Намален број на тестирања, помал број на заразени, но и намален број на хоспитализирани лица со потешки симптоми како последица на коронавирусот е сликата што изминатиот период ја карактеризира состојбата со ковид-19 во државата. Последните неколку дена е забележан значаен пад на бројот на позитивни случаи на вирусот, за разлика од претходно. Според епидемиолозите, ова е добар тренд, но рано е да се каже дека Македонија излегува од корона-кризата, бидејќи претстои есенскиот период, кој може повторно да ја влоши епидемиолошката слика и да ја врати државата во црната статистика.
Од исклучителна важност, според епидемиолозите, е да продолжи одговорното однесување на граѓаните за заштита и почитување на препораките за физичка дистанца, носење маски и одржување лична хигиена.
Иако викендов биле направени помал број тестирања, поради тоа што матичните лекари и центрите за јавно здравје каде што се вршат тестирањата не работеа поради продолжениот празничен викенд, сепак, анализите на бројките покажуваат дека вирулентноста на ковид-19, односно процентот на позитивни од тестирани, се движи од пет до седум отсто, што е значајно намалување од деновите кога беше 10 и повеќе проценти.
Сепак, за истакнување е и дека статистиката секој ден бележи нови смртни случаи, најмногу на лица над 60-годишна возраст, кои починале како последица од компликации со вирусот.
Епидемиологот Александар Стојанов, член на Комисијата за заразни болести и директор на Институтот за јавно здравје во Скопје, смета дека не треба да се избрзува со заклучоци, односно дека треба да видиме какви ќе бидат бројките до крајот на неделава.
– Состојбата со справувањето со ковид-19 во земјата е стабилна, здравствениот систем е функционален. Имаме и помал број хоспитализирани по болниците. Веќе имаме доволен број празни кревети. Болницата во Козле во која беше формиран оддел за ковид-центар и во која беа сместени и возрасни пациенти, сега ќе се растовари и ќе биде во функција само за деца – посочува епидемиологот Стојанов.
И микробиологот Никола Пановски вели дека не треба да бидеме премногу опуштени и оптимистички насочени, зашто искуствата покажале дека вирусот е непредвидлив, а и есента е пред нас и може да се соочиме и со нови предизвици.
– Според бројките се гледа дека трансмисијата на вирусот од еден на друг човек е намалена, но, сепак, треба да почекаме. Во јавните институции има малку направени тестови. Но можно е да има и малку случаи со симптоми што се пријавиле кај матичните доктори. Поголем број од тестовите се направени во приватните болници, каде што овој период масовно се прават и тестирањата наменети за патувања во странство – нагласува Пановски.
Статистиката од понеделникот, на 31 август, посочува дека од 450 направени тестови се регистрирани 11 позитивни на ковид-19 и тројца починати. Претходниот ден, пак, во неделата на 30 август имало 817 тестирања и 39 позитивни случаи и четворица починати.
Нови 115 случаи со ковид-19, од направени 1.665 теста, се регистрирани во изминатиот ден во земјата, информираа вчера од Министерството за здравство.
Институтот за јавно здравје регистрирал 368 оздравени пациенти, а во болнички услови починал пациент од Гостивар на 76 години.