Во случајот „Титаник“, изминатите денови сведоци сме на сведочењето на Јадранка Гулевска, поранешна началничка во МВР во Одделот за управни работи во Скопје. Во нејзиното сведочење јасно и детално е опишан процесот на манипулација со гласовите на граѓаните во Центар, изјави Саша Богдановиќ, член на Централниот одбор на СДСМ.
– Слушнавме, видовме и прочитавме како функционирала полициско-партиската спрега и како само за неколку месеци, 600 жители од албанската општина Пустец, добиле право за гласање во Центар и со самото тоа, влијаеле на резултатите од локалните избори во 2013. Од позиција на тогашна централна власт, поранешниот премиер – актуелен осуденик, во бегство, Никола Груевски, заедно со екс-генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски и министрите Јанакиески и Јанкуловска и останатите, свесно се впуштиле во криминални активности, без притоа да бидат свесни за последиците од истите – рече тој.

Тој додаде дека трите круга на локалните избори во Центар во 2013 биле симболот и главната пресвртница, со што се означил почетокот на крајот на криминалното владеење на ВМРО – ДПМНЕ.

– Свежи се сеќавањата на сцените со организираното носење на гласачите од Албанија во Центар, но се потсетуваме и на одговорот на центарци и јасно изразената победа во сите три круга. Но, да се изразам со зборовите на бегалецот Груевски, „Вистината е како шило, ќе врти, ќе врти, па ќе излезе на виделина“. Така и сега, вистината излегува на површина. Случајот „Титаник“ е веќе во напредна фаза и со секое наредно сведочење, јавноста дознава што и како точно се случувало зад сцената во 2013 – рече Богдановиќ.