Лидерот на ДУИ Али Ахмети вечерва изјави дека Албанците не биле спомнати во Договорот за спорот со името бидејќи никогаш не биле проблем во спорот.
– Албанците биле активен дел кој придонел за решавање на овој спор, да не бидеме заложници на овој нерешен спор…ова прашање беше спор меѓу нашите македонски сограѓани и грчката страна и јавно се познати реакциите кои ги имаше грчката страна, почнувајќи од античкиот период или инсталирањето на ликови, личности кои му припаѓаа на античкиот период. Најголема грижа во тоа време за грчка страна беа именувањето на аеродром „Александар Велики“, на автопатот, поставувањето на споменикот, рече Ахмети додавајќи дека грчките власти сметале дека со тоа се покажуваат територијални претензии во интервју за емисијата „На патот кон“ на ТВ Алсат-М.
Кажа дека имал серија средби со грчките власти вклучувајќи ги и министрите за внатрешни работи на Грција во изминатите 10 години и дека инсистирал на барањето да не прекинат односите меѓу Р.Македонија и Р.Грција и да не се продлабочи јазот, туку да се изнајдат заеднички позиции и дека ги убедил оти нема никаков проект за промена на границите во регионот.
На прашањето дали името Република Северна Македонија го одразува и идентитетот на сите Албанци, Ахмети рече дека тие се согласиле државата да се нарекува така.
– Во Република Македонија, живеат Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи…Ние сме дел од Уставот на РМ и нема никаква дилема дека Албанците се во нивното место и во нивната држава- вели Ахмети.
Во однос на добиенот датум за преговори, оцени дека тоа е важен момет за Република Македонија.
– Ова е многу важен момент за РМ, ова е многу добра можност до јуни следната година да се направат и тие работи, односно да се дојде до тие стандарди кои се неопходни за членство во ЕУ, рече Ахмети.
Одлуката за препорака за датум за преговори, според него е одлука на компромис имајќи разбирање за тие две земји кои не дадоа зелено светло, туку „портокалово светло на семафорот“.
– Но, според мое и мислење на многу политичари, практично Република Македонија ги започнува преговорите со ЕУ- рече Ахмети.
Тој очекува албанската дијаспора да се вклучи во гласањето на референдумот за Договорот за решавање на спорот за името.
– Дијаспората е одговорна и свесна за да учествува и ќе се организира активно да биде учесник на референдумот за да ја запечати евроатлантската иднина на нивната земја и држава- рече Ахмети.
На прашањето дали очекува масовно учество на Албанците од дијаспората на референдумското изјаснување, Ахмети, повикувајќи се на поддршката од над 90 проценти за стратешките цели, вели дека несомнено оти Албанците масовно ќе одговорат на референдумот за да се зачлени нашата земја во ЕУ и НАТО.
– Мислам дека политичките партии ќе работат, ќе ги мотивираат за да се организираат Албанците со цел да се дел од овој процес. Ова е незапирлив процес кој ќе продолжи и понатаму, бидејќи луѓето бараат подобар стандард, подобри животни услови, работни места- вели лидерот на ДУИ.