Предлог-законот за спречување на корупцијата и судир на интереси во скратена постапка, со европско знаменце, вчера беше ставен на дневен ред на седницата на Собранието, која требаше да започне во попладневните часови.
Во претпладневната расправа пратениците со 84 гласа „за“ го усвоија предлогот на Владата за донесувањето на законот по скратена постапка, откога во јавноста се појавија голем број забелешки поради доцнењето со неговото донесување, поради што, пак, речиси цела година не функционира ниту Државната комисија за спречување на корупцијата.
Министерката за правда Рената Дескоска во обраќањето пред пратениците ги повика да го дадат својот глас за законот, нагласувајќи оти тоа е важно за да се испочитуваат роковите за избор на нов состав на Државната комисија за спречување корупција во пресрет на претседателските избори. Таа објасни дека, по предлог на Владата, на законот му е ставено европско знаменце, поради, како што рече, обидите да се блокира неговото донесување со доставување преголем број амандмани.
Претходно, како што напомена, законот е испратен на експертско мислење до ЕК и оттаму е добиена позитивна оцена.
– Во согласност со амандманите проблем имаше околу контролата на финансирањето на политичките партии. Овој пат ве повикувам прво да ја поддржиме потребата од донесување на овој закон по скратена постапка и да овозможиме на наредните претседателски, а можеби и парламентарни избори да имаме ДКСК, која ќе ги регулира финансирањето на изборната кампања и буџетското трошење во овој период – рече Дескоска.
Таа напомена дека со новото законско решение се зголемуваат надлежностите на ДКСК заради зголемување на капацитетите на нејзиното работење.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, истакна дека е крајно несериозно да се каже дека некој сака да го спречи донесувањето на антикорупцискиот закон.
– Зборувавме само за еден амандман. Собранието стана приватна институција на парламентарното мнозинство и власта. На дневен ред е важен реформски закон, по третпат поднесен во Собранието – истакна тој и нагласи дека станува збор за закон за кој има согласност од сите политички партии, а неговата партија амандманите ги поднела во насока на подобрување на текстот.
Владата кон крајот на минатиот месец го повлече предлог-законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, кој беше во собраниска процедура, а пратениците на 24 декември го усвоија во прво читање, со 59 гласа „за“ и 16 „против“. Во образложението на Владата се наведува дека на последната седница е донесена одлука за повлекување на антикорупцискиот закон од собраниска процедура за тој да добие европско знаменце и да се забрза постапката на неговото донесување, а со тоа и постапката за избор на нова државна комисија за спречување на корупцијата според новите критериуми утврдени со законското решение.
ДКСК не функционира речиси 11 месеци, откако во март лани, по објавувањето на ревизорскиот извештај за нејзиното финансиско работење, ревизорите забележаа сериозни сомневања за малверзации од страна на членовите, како фалсификувани сметки, лажни патни налози, нереални суми за изнајмување станови во Скопје, по што петмина од седумте члена поднесоа оставки, меѓу кои и претседателот Игор Тантуровски. П.Р.