Претставниците на стопанските комори укажуваат дека за заеднички економски успех на земјите од Западен Балкан, соработката ќе треба да се фокусира на елиминирање на царинските бариери, преку усогласување на царинските тарифи, елиминирање на нетарифните трошоци и, многу важно, поврзување со модерна и адекватна патна инфраструктура, која ќе овозможи побрз и полесен процес на трговија меѓу земјите во Западен Балкан
Ќе ја зголеми ли бесплатниот роаминг комуникацијата во регионот
Колкаво и какво влијание ќе има укинувањето на роамингот меѓу земјите од Западен Балкан, особено врз соработката меѓу бизнис-заедниците? Договорот меѓу шесте земји од Балканот што не се дел од Европската Унија, Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија, предвидува од први јули граѓаните на овие земји да разговараат меѓусебно телефонски по цени исто како дома. Колку оваа одлука ќе помогне и дали ќе ги поттикне бизнисмените од различни земји повеќе да комуницираат и на тој начин да расте трговската соработка прашавме дел од домашните комори и бизнисмени, кои сметаат дека оваа новина ќе има позитивен ефект врз стопанството.
– Укинувањето на роамингот меѓу земјите од Западен Балкан сметаме дека е еден чекор од многуте што нашите земји требаше порано да ги преземаат. Ние, како СКСЗМ, веруваме дека овој чекор покажува волја за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните што живеат во истите земји, но секако дека тоа ќе влијае позитивно и врз економијата и бизнисот, бидејќи тоа ќе им овозможи побрзо решавање на логистичките проблеми, а со тоа ќе заштедат повеќе време – велат претставниците на Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Од Комората потенцираат дека првично голем позитивен ефект оваа новина ќе има врз граѓаните и додаваат дека за раст на бизнис-соработката меѓу земјите се потребни повеќе предуслови.
– Но доколку сакаме да постигнеме заеднички економски успех, тогаш нашите земји ќе треба да ја фокусираат соработката во елиминирање на царинските бариери преку усогласување на царинските тарифи, елиминирање на нетарифните трошоци, а многу важно е и поврзувањето со модерна и адекватна патна инфраструктура, која ќе овозможи побрз и полесен процес на трговија меѓу земјите во Западен Балкан – потенцираат од СКСЗМ.
Бизнисмените се согласни дека одлуката за укинувањето на роамингот меѓу земјите од Балканот е позитивна, но, сепак, сметаат дека за развој на бизнис-соработката меѓу земјите ќе бидат потребни повеќе елементи.
– Факт е дека со укинувањето на роамингот меѓу земјите ќе се олесни комуникацијата меѓу земјите. Сепак, фирми што и досега имале потреба да комуницираат со други фирми во соседството го правеле тоа, без оглед на трошокот. Тоа не значи дека одлуката не е позитивна, напротив, сега се олеснува и поедноставува комуникацијата меѓу граѓаните, а тоа сигурно ќе овозможи големи придобивки за сите, па и за компаниите – вели Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.
Бошков појаснува дека не очекува оваа измена да има голема промена во профитите на компаниите, но смета дека ќе ја олесни комуникацијата.
– Сега комуникацијата станува посигурна, поедноставна и поекономична. Но и досега компании од различни земји соработуваа и комуницираа, било преку телефонијата или, пак, преку интернет-платформи. Сега се олеснува комуникацијата, што би требало позитивно да се одрази на сите – потенцира Бошков.
Од 1 јули се олесни комуникацијата меѓу овие шест земји, со процесот RLH (roam like home), со кој корисниците на мобилни комуникации можат да зборуваат без да плаќаат за услугата роаминг кога се надвор од матичната земја. Процесот почна во 2019 година, кога владите на шесте земји потпишаа спогодба со која се согласија прво да се намалат цените на роаминг, а потоа целосно да се укинат.
– Операторот има историја на потрошувачка на услугите за секој корисник и очекува исто однесување ако патуваат во една од овие земји. На пример, корисник со пакет со 10 гигабајти интернет, кој го троши за четири недели, ако на седумдневен одмор во некоја од овие земји потроши повеќе отколку предвиденото со договорот, разликата ќе ја плати корисникот. Затоа, не опуштајте се со интернетот додека сте на плажа, бесплатниот роаминг не значи и бесплатен интернет – објасни Игор Бојаџиев, советник за радиокомуникации во АЕК.
За да се избегнат проблемите со корисниците што поради неинформираност може да потрошат повеќе интернет отколку што имаат во домашниот пакет, од АЕК велат дека, според правилникот, кога корисникот ќе го искористи својот мобилен интернет, операторот треба да прати барање до АЕК за стопирање на услугата и со тоа да се избегнат неочекувани сметки од 200 до 300 евра.
– Роаминг како дома не значи сѐ да биде бесплатно, туку и да се штеди на услугите, а притоа да се олесни животот на граѓаните во регионот што 80 отсто од своите бизниси ги остваруваат во овие шест земји – појасни Бојаџиев.
Тој посочи дека претплатник што има пакет со разговори кои се наплаќаат по 3 денари од минута и интернет од 10 гигабајти, но плаќа за СМС по 5,9 денари со ДДВ, ќе може да се јавува без роаминг-трошок за воспоставување повик и ќе го плати само повикот од три денари по минута. Исто така ќе му се наплати и СМС по истата цена како и во Македонија.