Цензусот е клучен аспект за спроведување на успешен референдум за Договорот од Преспа. По нејасната позиција на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за плебисцитарното изјаснување, премиерот Зоран Заев вчера уште еднаш порача дека е убеден во исполнување на цензусот, бидејќи нема алтернатива за тоа. Сепак, во случај да нема цензус за претстојниот референдум за договорот за името нагласи дека одлуката ќе ја донесат институциите.
– Ако граѓаните не донесат одлука понатаму продолжуваат институциите. Од тој аспект, не прејудицирам како ќе гласа Парламентот. Сите 120 пратеници може да гласаат за или против. Тоа е процес кој треба да го следиме, рече Заев, дополнувајќи дека е убеден оти огромното мнозинство ќе гласаат „за“, затоа што не може да се постигне подобар договор со Грција.
Тој подвлече дека за референдумот еднаква одговорност има тој лично како премиер, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но и сите граѓани.
Државната изборна комисија (ДИК), која треба да го спроведе референдумот закажан за 30 септември, вчера на првата конститутивна седница во нов состав го усвои Правилникот за негова подготовка, организирање и спроведување.
Со Правилникот е предвидено на референдумот да имаат право на изјаснување и граѓаните кои ги има во Избирачкиот список, а не живеат во Република Македонија, односно дијаспората.
Политичките партии ќе бидат исклучени од овој процес на организирање референдум. Процесот на изјаснување на граѓаните ќе може да биде набљудуван само од граѓански невладини организации.
Вршителот на должноста заменик-помошник државен секретар во американскиот Стејт департмент за Европа и Евроазија, Метју Палмер кој е во тридневна посета на Македонија, по средбата со премиерот Заев, вчера, истакна дека Македонија веќе доби покана од страна на НАТО и јасен пат за отворање пристапни преговори со ЕУ, а референдумот на 30-ти септември, посочи, дека ќе биде важен датум во постигнување на овие стратешки цели .
– Референдумот ќе даде можност на македонските граѓани да го искажат својот став за договорот. Се надеваме дека луѓето ќе излезат и гласаат, ќе го искажат својот став и ќе го направат тоа во слободна атмосфера без дезинформации и обесхрабрување. Ова е историски момент за Македонија. Договорот од Преспа, откако ќе биде ратификуван и спроведен, отвора врата кон европска иднина за Македонија и македонските граѓани, изјави Палмер.
Тој упати порака и до опозицијата да размисли стратешки околку прашањето за референдумот и да ја стават државата на прво место.
– Да размислат која е најдобрата и најсветла иднина за македонските граѓани, особено за младите. Сериозно да размислат што нуди договорот од Преспа, како европска иднина за Македонија и какви можности отвора, како и да размислат како може да ја поддржат оваа европска иднина и перспектива, рече Палмер.
Посетата на Палмер е прва по распишувањето на референдумот. Се очекува дека земјата до плебисцитот на 30 септември ќе ја посетат повеќе влијателни државници и лидери, меѓу кои највисоките претставници на ЕУ и НАТО, германската канцеларка Меркел, канадскиот премиер Џастин Трудо, како и новиот шпански премиер Педро Санчез.