Развојот на настаните меѓу двете најмоќни цркви во православието, како Вселенската патријаршија (ВП) и Руската православна црква (РПЦ), ја отвора и дилемата дали ВП ќе опстои на идејата да ги реши црковните спорови во Украина и во Македонија со признавање автокефална црква или, пак, би можело да се очекува некакво повлекување од целиот процес. Експертите, пак, посочуваат дека засега решавањето на црковното прашање во Македонија ќе остане во втор план, зашто периодов во земјата се актуелни политичките процеси, од кои ќе се чека исходот, па потоа ќе се засилат ангажманите во црковната политика
Како отворениот судир меѓу Руската православна црква и Вселенската патријаршија ќе се одрази врз Македонската православна црква-Охридска архиепископија е клучната дилема што се наметнува откако Руската црква одлучи да прекине да го спомнува името на вселенскиот патријарх за време на литургиите, нешто што, според верските аналитичари, е еден чекор во насока на нов раскол во православието.
Откако вселенскиот патријарх Вартоломеј назначи двајца владици за егзарси во Украина, чија цел е да го подготват теренот за признавање автокефална црква, Синодот на Руската православна црква минатата недела одлучи да не го споменува името на патријархот Вартоломеј за време на литургиите. Во официјалното образложение од Руската црква пишува и дека ги повлекува сите комисии во теолошките дијалози што се одвиваат под претседателство или со претседателство на вселенскиот патријарх.
Ваквиот развој на настаните меѓу двете најмоќни цркви ја отвора и дилемата дали Вселенската патријаршија ќе опстои на идејата да ги реши црковните спорови во Украина, а, секако, и во Македонија, со признавање автокефална црква или, пак, би можело да се очекува некакво повлекување од целиот процес.
Експертите посочуваат дека поради ваквиот развој на настаните, засега решавањето на црковното прашање во Македонија ќе остане во втор план, зашто периодов во земјата се актуелни политичките процеси, од кои ќе се чека исходот, па потоа ќе се засилат ангажманите во црковната политика.
„Нова Македонија“ во неколку наврати анализираше колку македонското и украинското црковно прашање имаат сличности и разлики и дали и како Вселенската патријаршија може да одигра клучна улога во признавањето на МПЦ-ОА, во контекст на нејзините преземени канонски процедури за признавање на автокефалноста на Украинската црква.
Вселенската патријаршија нема да се откаже од намерите
Верскиот аналитичар Бранко Ѓоргевски смета дека Вселенската патријаршија тргнала на пат кон признавањето на Украинската православна црква-Киевски патријархат и нема да се враќа од тоа, посочувајќи дека и одлуката да именуваат двајца егзарси во Украина го потврдува само тоа.
– И двајцата егзарси изјавија дека ќе соработуваат со непризнаената Украинска православна црква-Киевски патријархат и со непризнаената автокефална УПЦ. Тоа покажува дека тие почнале да градат пат за носење конечна одлука од Вселенската патријаршија во однос на признавањето на автокефалноста. Јасно е дека ќе се случи отворена конфронтација меѓу РПЦ и ВП. Сега се гледа дека за ВП решавањето на УПЦ-КП е приоритет – нагласува Ѓорѓевски.
Според него, тој процес ќе следува и за Македонија, но најверојатно ќе се чека резултатот од референдумот и процесот на спроведување на спогодбата од Преспа.
– Прашањето на МПЦ ќе почека, сигурно, да помине референдумот, да се изгласаат уставните промени кај нас и сѐ друго што е поврзано со договорот со Грција. Потоа, сигурно и нашето прашање ќе дојде на ред од страна на ВП. Сигурно патријархот Вартоломеј нема да ги заборави своите изјави во врска со нас, а Вселенската патријаршија очигледно е подготвена и за конфронтација. Ние треба само да чекаме и да прифатиме томос за автокефалност ако нѐ признае ВП. Тоа е, сепак, најзначајно за нас и тоа треба да се прифати – вели Ѓоргевски.
РПЦ и СПЦ треба да ја разберат позицијата на МПЦ
Ваков расплет на настаните, според верските аналитичари, ќе значи и нови поделби во православието, бидејќи Руската црква веќе најави дека никогаш нема да ја признае одлуката за автокефалност во Украина. Идентичен став најверојатно ќе има и за македонската автокефалност, бидејќи Руската црква ќе се солидаризира со Српската православна црква.
Ѓоргевски вели дека Руската, но и Српската црква треба да ја разберат реалната ситуација.
– РПЦ не треба да ни се лути нам, туку треба да ја разбере нашата позиција, исто како и СПЦ. Нивните меѓусебни конфронтации околу принципот на консензус што го воведоа, но не го изгласаа, нека си ги расправаат во иднината, а ние како црква полесно ќе го пробиваме патот, особено ако нѐ признае и Романската православна црква, како и Бугарската црква – вели Ѓоргевски
Заедништво или раскол?
Според црковните канони, кога се служи литургија во православието, за да се изрази заедништво меѓу црквите, се споменуваат сите имиња на сите поглавари на автокефалните цркви. Неспоменувањето на името на одреден поглавар на одредена црква значи дека на некој начин се прекинува заедништвото меѓу одредените цркви. Причините за тоа може да бидат најразлични. Но тоа не значи дека меѓу одредените цркви е прекинато сослужувањето меѓу нивните црковни водачи и свештенството. Сепак, неспоменувањето на имињата на поглаварите се толкува како чекор што може да доведе и до тоа.
Алфеев: Тешко е да се откажеш од своето
Шефот на црковната дипломатија на Руската православна црква, митрополитот Иларион Алфеев, минатата недела ги искоментира состојбите во православието и намерата на Вселенската патријаршија да признае автокефална црква во Украина и во Македонија.
– Зошто не се зафати Цариград со формирање „една локална црква во Америка (САД)“? Зар САД не се независна држава? Но не, се прават сите напори да се задржи барем дел од американското православие во орбитата на Цариград, наместо православните во Северна Америка да се обединат во целосна и моќна автокефална структура. Зошто? Затоа што од своето е тешко да се откажеш, а за туѓото не те боли – напиша митрополитот Иларион Алфеев на својот фејсбук-профил.