Неделава треба да се комплетира работното тело за уставни измени
Оваа недела треба да биде позната целосната листа на експерти и членови на работната група за уставни измени, откако претходно Министерството за правда ги објави имињата на претставниците на политичките партии, на претседателот на државата, како и на други државни институции.
Опозицијата одби да номинира свои претставници во ова работно тело со образложение дека овој пратенички состав не го добил мандатот од граѓаните да прави уставни измени.
Некои од уставните експерти порачаа дека процедурата за уставни измени треба да се одвива во Собранието, поточно во собраниската Комисија за уставни прашања и решенијата да се бараат низ една поширока дебата, во која би била вклучена и јавноста.
Намерата на владејачкото мнозинство е целата постапка да се заокружи до крајот на годината за кога и се предвидува да финишира скринингот, по што, ако Уставот е сменет, ќе се премине на отворање на преговарачките поглавја. Како што стојат работите во овој момент ова е малку веројатно сценарио зашто опозицијата, чии гласови се клучни, не дава зелено светло за измени на Уставот.
Во јавноста со големо изненадување беше примен податокот за номинирање претставник во оваа работна група од страна на македонското министерство за надворешни работи, бидејќи неговите ингеренции се креирање на надворешната политика на земјава, а не занимавање со уставни решенија. Реакциите најмногу доаѓаат од страна на опозицијата бидејќи, според неа, ваквиот потег кореспондира со барањето на бугарскиот технички министер за надворешни работи Николај Милков, кој отворено побара и тие да бидат вклучени со свои идеи за уставните измени и внесувањето на Бугарите во македонскиот устав.
Иако македонското МНР го одби тоа со образложение дека тоа е внатрешна работа на државата, сепак без одговор остана прашањето што бара тогаш претставник од министерството што треба да се грижи за надворешните прашања на државата. Имајќи ги предвид досегашните искуства во водењето на преговорите со Бугарија, како и тајноста на целата постапка, не е исклучено претставникот на МНР да биде еден вид медијатор во тоа работно тело што ќе дава сугестии кое решение е, а кое не е за бугарската страна.
Не случајно бугарскиот претседател Румен Радев цело време оперира со терминот „македонски Бугари“, со што се задржува позицијата од декларацијата усвоена во бугарското Народно собрание, во која јасно е истакнато дека не постои македонски народ и македонски јазик, односно дека Бугарите вештачки се поделени во две држави.
Шефот на македонската дипломатија ја отфрли оваа идеја, со напомена дека Бугарите можат да бидат впишани во Уставот само како „дел од бугарскиот народ“.
Додека јавноста го чека комплетирањето на работната група за уставните измени, она што се издвојува во прв момент е целосното прекршување на процедурата кога станува збор за процес на пристапување на измени на Уставот, кој е јасно дефиниран со сите чекори и постапки што треба да се направат. Втор клучен момент е работењето врз предлог-иницијатива за уставни измени без јавноста да биде запознаена за какви уставни измени станува збор (содржина), кои би биле прецизно дефинирани, потоа дискутирани и претресени на повеќе нивоа и изготвени во согласност со сите политичкоправни и експертски препораки и согледувања.
Во овој момент познати се имињата само на дел од претставниците во таа работна група што ќе работи на уставните измени, но не е познато што би опфаќале тие уставни измени, каде и како ќе бидат внесени Бугарите во Уставот, што ќе подразбира тоа подоцна во функционирањето на државата и нејзиниот карактер, какви финансиски импликации ќе има тоа по буџетот, но и какви импликации ќе има врз безбедноста и стабилноста во државата, имајќи предвид дека Бугарите не признаваат македонски народ, македонски јазик и македонска историја.
Без оглед на најавите дека во овој момент не е добро да се расправа и за други измени на Уставот во делот на барањето на албанската етничка заедница, тоа не смее да се исклучи бидејќи во напорите да се обезбеди двотретинско мнозинство секој глас ќе биде важен, а поучени од македонската практика, секој глас си носи и своја цена, па така, цената може да бидат и дополнителни измени во Уставот во пакет со внесувањето на Бугарите.
Аналитичарите сметаат дека постапката мора да се води крајно транспарентно, за да не се повтори негативното искуство како со Преспанскиот договор.
– Јавноста треба да биде целосно информирана и запознаена што сè ќе опфаќаат тие уставни измени. Сите работи мора да се решаваат во Собранието. Кај нас упорно се дезавуира Собранието како единствено место каде што треба да се дискутираат тие работи. Впрочем, Собранието е тоа што треба или не треба да изгласа уставни измени и тоа е единственото легитимно место за отворање јавна дебата, дебата во која ќе се вклучат експерти од разни области, невладини организации, целото општество да знае што се носи, да нема никакви тајни – потенцираат познавачите на состојбите.