Македонците во Србија ја аргументираат својата реакција на одлуката за коспонзорирање на Македонија за Резолуцијата на ОН за геноцидот во Сребреница. Тие нагласуваат дека спомената одлука е нелегитимна и спротивна на државните и националните интереси на македонската држава, одлука што ги нарушува традиционалните добрососедски односи помеѓу Македонија и Србија, создава јаз помеѓу македонскиот и српскиот народ, како и штета на македонската национална заедница во Србија. Својата реакција ја проследија со писмен поднесок до претседателката Силјановска
Реакција на македонската заедница од Србија до институциите и до јавноста во земјава
Македонската национална заедница во Република Србија бурно реагира на одлуката на Бујар Османи, македонскиот министер за надворешни работи, со која Република Македонија е еден од коспонзорите за Резолуцијата на ОН за геноцидот во Сребреница. Македонците од Србија нагласуваат дека спомената одлука е нелегитимна и спротивна на државните и националните интереси на македонската држава, одлука што ги нарушува традиционалните добрососедски односи помеѓу Македонија и Србија, создава јаз помеѓу македонскиот и српскиот народ, како и штета на македонската национална заедница во Србија.
Македонија јасно го осудува злосторството во Сребреница, но коспонзорство за геноцид е нејасна формулација
Одлуката за Резолуцијата на ОН за геноцидот во Сребреница беше одлука на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој му дал инструкции на македонскиот амбасадор во Обединетите нации да биде коспонзор и да ја поддржи резолуцијата.
Како и Македонија, и нашиот северен сосед Србија како држава, секогаш јасно го осудувала злосторството во Сребреница од јули 1995 година, но Белград не се согласува со квалификацијата за геноцид. Оттука српската дипломатија се обидува да обезбеди што е можно повеќе држави да отсуствуваат од салата, да се воздржат, односно да гласаат против и на тој начин да не може да се постигне апсолутно мнозинство во Генералното собрание на ОН. Одлуката предизвика лавина реакции од Белград. Најпрво Ивица Дачиќ ја оцени одлуката како дрскост и го запраша Бујар Османи дали сака да поднесе резолуција за геноцидот на Србите во Јасеновац, заедно со Република Србија. Со свој став излезе и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој коментираше дека станува збор за германска идеја, поддржана од НАТО.
– Ја најдоа и Руанда, ги најдоа и Нов Зеланд и Чиле. Пронајдоа и неколку земји што отсекогаш биле спонзори на вакви проекти, како Малезија и Јордан. Кон нив им се придодава и С. Македонија, така што таму нема голема филозофија. Им благодарам за тоа, претпоставувам дека тоа е благодарност за она што го направивме за Скопје. Ја видов и Австрија тука, ништо чудно со оглед на сето она што Шаленберг го прави против нашата земја – изјави Александар Вучиќ.
МНР со техничкиот министер Бујар Османи како раштиман оркестар
Дипломатските кругови во Македонија коментираат дека одлуката на Бујар Османи за коспонзорство за Резолуцијата на ОН за геноцидот е контроверзна од неколку аспекти. Најпрво, самиот министер Османи изјави дека тој лично ја донел одлуката, со што на најдиректен начин потврди дека немало консултации во македонската влада за ова прашање, велат од македонските дипломатски кругови. Од друга страна, одлуката беше донесена непосредно пред претседателските и парламентарните избори во Македонија и оваа одлука треба да се гледа во оваа конотација, односно мобилизирање на албанското гласачко тело за одредени политички партии, што е спротивно на македонските државни и национални интереси. За прашање од оваа природа се потребни пошироки консултации, особено ако се земе предвид дека се нарушуваат традиционалните добрососедски односи помеѓу Република Македонија и Република Србија, велат нашите соговорници.
Со свој став излезе и Горан Илијевски, претседателот на Партијата на Македонци во Србија, кој претходно испрати писмо до новата македонска претседателка Гордана Силјановска-Давкова во кое побара да се огради од „непромислената“ одлука на министерот за надворешни работи Бујар Османи и со тоа да ја поништи одлука за прогласување геноцид во Сребреница. Во писмото исто така се наведува дека одлуката на Бујар Османи им наштетува на односите со Србија и на македонската национална заедница во Србија, која е составен дел на српскиот народ. Бараме итен одговор пред седницата на ОН и нови инструкции до нашиот амбасадор во ОН, се вели во писмото на Горан Илијевски.
Писмен поднесок со реакција до македонската шефица на државата
и усна реакција до јавноста преку „Нова Македонија“
Горан Илијевски, во разговор со нас, ни појасни дека Бујар Османи како министер за надворешни работи, раководејќи се од интересите на Демократската унија за интеграција, без да ги земе предвид државните и националните интереси, прекршувајќи овластувањата и без согласност на македонската влада ја донел одлуката за коспонзорирање за Резолуцијата на ОН за геноцидот во Сребреница.
– Одлуката на Бујар Османи е во спротивност и со резолуцијата што е донесена од страна на македонскиот парламент во 2010 година, во која не се констатира геноцид во Сребреница, туку злосторство. Тоа нѐ поттикна писмено да се обратиме до Гордана Силјановска-Давкова, која е професорка по уставно право и во согласност со своите ингеренции да стави крај на владеењето на незаконието, а првиот чекор во тој правец е токму суспендирање на одлуката за коспонзорирање за Резолуцијата на ОН за геноцидот во Сребреница – вели Горан Илијевски. Д.Ст.