Американските т.н. црни листи и европските извештаи што бележат висока корупција и слабости во владеењето на правото ѝ го нарушуваат кредибилитетот на Македонија пред меѓународните организации, го забавуваат нејзиниот европски пат и ги спречуваат странските инвестиции
Црните листи го оцрнуваат образот не само на поединци туку и на целата држава
Случаите на висока корупција и слабостите на владеењето на правото беа нотирани во неколку извештаи на Европската Унија. Немоќноста на македонските институции беше воочена и од Вашингтон. Институционалните пропусти беа идентификувани со едноставна персонализација на нелегалните дејанија и вперувањето прст кон поединци, кои беа носители на високи функции во јавната власт. Така, поранешни македонски функционери се најдоа на проширената т.н. црна листа на американското министерства за финансии, со образложени за вмешаност во висока корупција.
Црната листа за поединци, всушност, е црвен картон за државниот апарат
Повеќе експерти посочуваат дека е потребна подлабока анализа за развојот на владеењето на правото и борбата против корупцијата во Македонија, бидејќи економските санкции насочени против македонските граѓани ѝ го нарушуваат угледот на Македонија пред меѓународните организации и можните странските инвеститори.
За оваа проблематика, Дрилон Гаши, експерт за меѓународен развој од Вашингтон, во интервјуто за БИРН посочи дека балканските лидери треба да ги разберат американските економски санкции како дополнителна пречка за политичка и економска корупција во нивните општества. Можно е повторно проширување на американската црна листа со економски и патни санкции за балканските лидери, без разлика дали се сегашни или опозициски, посочи Дрилон Гаши за БИРН. Првиот македонски амбасадор во Грција и дипломат од кариера, Љупчо Арсовски, вели дека економските санкции не се изненадување и дека тие се порака дека веќе не можете да влезете во политиката.
Досегашните црни листи се во согласност со надворешната политика на администрацијата на Бајден и имаат цел да го намалат влијанието на радикалните групации и организираната корупција во балканските држави, вклучувајќи и во Македонија. Детектирањето на високата корупција од страна на Вашингтон посочува дека со развојот на демократијата и демократските процеси во нашето општество се развиваат и ретроградните општествени феномени, но истовремено треба да има и развивање ефикасни механизми за нивно спречување. Така, институционалните проблеми ги забележува и Вилма Русковска, која вели дека во државата има многу корупција, не се почитуваат законите и често се злоупотребуваат функциите, но интензивно работиме и даваме сѐ од себе.
Моќта на функцијата се заменува со личната и индивидуалната моќ
Според Љубомир Цуцуловски, честопати моќта на позицијата и функцијата се заменува со личната и индивидуалната моќ, а всушност политичарите треба да му служат на народот.
Високата корупција и невладеењето на правото ги попречуваат демократијата и демократските процеси. Затоа Синоличка Трпкова вели дека ние добро глумиме демократија, имаме повеќе слободи, ама и сиромаштија, што се должи на сериозна системска аномалија.
Економските санкции насочени против македонските граѓани ѝ го нарушуваат угледот на Македонија кај странските инвеститори. Од бизнис-заедницата велат дека сите анализи на домашните и на странските институции покажале дека корупцијата и невладеењето на правото се едни од најпроблематичните сегменти на државата и како такви создаваат лоша економска клима, придонесуваат за уназадување на економијата и го намалуваат чувството на лојалност кон државата.
Експертите посочуваат дека се потребни реформи во судството, бидејќи само на таков начин судиите и обвинителите ќе бидат независни, некоруптивни и отпорни на партиски и други притисоци. Реформите ќе бидат корисни за економската клима и ќе го унапредат македонското општество, а ќе се избегнат и економските санкции како што се т.н. црни листи, кои ѝ го нарушуваат угледот на Македонија.