Професор д-р Марјан Бојаџиев неодамна учествуваше на годишното собрание на Женевскиот клуб, чиј е член заедно со истакнати личности од целиот свет. Тој во разговор за „Нова Македонија“ се осврна на целите на непрофитната организација, како и на својот ангажман и придонес во рамките на нејзиното дејствување
Интервју со д-р Марјан И. Бојаџиев, потпретседател на Стопанската комора на Македонија
Женевскиот клуб овозможува промоција на транспарентност, дијалог и етичко управување. Тој е платформа за размена на идеи со општественици од целиот свет и нивно преточување во конкретни акции за општо добро, истакна професор д-р Марјан Бојаџиев, кој неодамна учествуваше на годишното собрание на оваа непрофитна организација, чиј е член заедно со истакнати личности од целиот свет. Тој се осврна и на целите на Женевскиот клуб, како и на својот ангажман и придонес во рамките на организацијата.
– Неодамна се вративте од годишното собрание на Женевскиот клуб. Која е неговата основна цел?
Женевскиот клуб е непрофитна организација што ги проучува геополитичките, економските и социјалните предизвици на современиот свет, без партиска или идеолошка определба. Нашата мисија е да ги унапредуваме мирољубивите односи меѓу државите и да ја поддржуваме глобалната потрага по мир. Наша цел е да го свртиме вниманието на граѓаните, но и на носителите на одлуки кон среднорочните и долгорочните прашања што ја обликуваат иднината на човештвото
– Кои се членовите на клубот и како се избираат?
Членството е составено од истакнати личности од сите континенти – луѓе со значајни менаџерски улоги во невладиниот сектор, академијата, државната управа и бизнис-заедницата. Денес имаме 76 члена. Новите членови се примаат со покана и кооптација од постојните. Се разбира, поголемите земји, на пример САД имаат четири члена. Помалите земји најчесто имаат по еден претставник.
– Во изјавата за мисијата ставате акцент на животната средина. Зошто?
Сметаме дека постои нераскинлива врска меѓу мирот, животната средина и развојот. Оваа интеграција е уникатна позиција на Женевскиот клуб и суштински дел од нашето дејствување.
– Како му се приклучивте на Женевскиот клуб?
Имав чест неколкупати да се сретнам со претседателот Џејмс Боткос на меѓународни настани. Тој љубезно ми упати покана и бев примен во „првиот круг на проширување“ кога клубот имаше околу 30 члена.
– Како придонесувате кон целите на Женевскиот клуб на локално и на глобално ниво?
Мојот професионален и цивилен ангажман се базира на три столба: економски раст – како предуслов за подобар свет, меѓународно вмрежување – поврзување на нашата земја со глобални иницијативи за истражување, иновации и одржливост, како и образование и лидерство – водење преку пример, инспирација на новата генерација професионалци во С. Македонија. Притоа, Женевскиот клуб овозможува промоција на транспарентност, дијалог и етичко управување. Тој е платформа за размена на идеи со општественици од целиот свет и нивно преточување во конкретни акции за општото добро.
– Како Вашата професионална заднина Ви овозможува да имате влијание врз општеството?
Како поранешен ректор и актуелен потпретседател на Стопанската комора на С. Македонија, ја разбирам и поврзувам академијата со бизнисот. Активен сум во повеќе меѓународни организации – „Ротари“, Европската академија за менаџмент, Инвестицискиот форум на Западен Балкан и други. Кај сите нив постои заедничката нишка: стремеж за подобро и поефикасно општество, засновано на хуманост и етички принципи. Верувам дека големината произлегува од скромноста и дека секој од нас може да направи мали чекори за подобар свет. Е.Р.