Зеќирија Ибрахими е нов претседател на Алтернатива, одлучија денеска кандидатите на вонредниот изборен конгрес кој се одржа во Куманово. Тој рече дека партијата е пред нов предизвик и сега од позиција на власт мора да испорача конкретни резултати и успех во борбата против корупцијата, економијата, промени во образованието, социјалната сфера.
– Тоа се јавни определби. Јас уште еднаш воочив дека ние како партија сега сме во искушение и нов предизвик да покажеме конкретни резултати во Владата, бидејќи не можеме уште да се оправдаме од позиција на опозиција, туку да испорачаме конкретни успеси, борба против корупцијата економски развој, квалитетен социјален живот, особено зборував за неопходноста за измени во образовниот систем, бидејќи според нас сиромаштијата и отсуството на доброто образование се главните виновници за состојбата во која сме сите ние во нашата држава – изјави Ибрахими.
Вонредниот изборен конгрес се одржа откако досегашниот претседател Африм Гаши поднесе оставка од лидерската позиција и беше назначен за претседател на Собранието.
– Денеска на изборниот конгрес на Алтернатива со само еден глас воздржан бев избран за претседател на Алтернатива во идниот период. Во говорот се заблагодарив на делегатите на конгресот, зборував за нашите програмски определби, за начелата врз кои ќе делува партијата не само во органите и како политички субјект, туку и во рамки на Владата на Република Северна Македонија – додаде Ибрахими.
Тој се заблагодари на кандидатите и на досегашниот претседател
На конгресот немало промена во однос на политичката програма на субјектот и се задржала програмата усвоена на претходниот конгрес во 2022 година. На денешниот вонреден изборен конгрес присуствуваа претставници од повеќе политички партии, дел од владиното мнозинство. Пред присутните се обратија, Беким Сали, Африм Гаши и Биљал Касами.