Поради неуставност на измените на Законот за здруженија и фондации
Измените на Законот за здруженија и фондации предложени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а изгласани едногласно и од страна на владејачкото мнозинство можат да бидат прогласени за неуставни?! Ова значи дека имињата на здруженијата „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ нема да мора да се менуваат?! Во врска со ова се направени консултации со правници и адвокати, кои тврдат дека македонскиот устав е дециден и забранува законите да имаат повратно, односно ретроактивно дејство, освен во исклучителни случаи.
Во македонскиот устав е напишано дека „законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните“.
Министерот за правда Тупанчески иако имал можност да интервенира преку амандмани, пред донесувањето на законските измени, тој не го направил тоа. Според соговорниците, министерот како да го превидел, заборавил или изоставил од предвид принципот на неможност на ретроактивно дејство.
Сето ова остава дополнителен сериозен сомнеж за нашата „силно изразена и непоколеблива политичката волја“ да бидат променети имињата на бугарските клубови во Македонија, кои беа наречени по фашисти и колаборационисти на нацистичкиот Трет рајх и Хитлер во Втората светска војна. Како ќе биде протолкувано ова од македонската јавност?
За потсетување, деновиве беа оформени предмети во Уставниот суд за бугарските здруженијата „Иван Михајлов“ и „Борис Трети“. Во иницијативите поднесени од политичката партија Левица за здружението „Иван Михајлов“ и за здружението „Цар Борис Трети“, чиј подносител е адвокатот Тони Менкиновски, оспорени се статутите и програмите на здруженијата. И во двете иницијативи се наведува дека статутите и програмите на здруженијата се противуставни и дека се насочени кон разгорување национална или верска омраза или нетрпеливост. Н.М.