- Претседателот на Франција, Емануел Макрон, повторно го посети регионов. Тој беше во дводневна официјална посета на Србија, по пет години апстиненција од директни посети на официјален Белград. Според неговите изјави, посетата е „со амбиција повторно да ja поврзе нишката на едно дамнешно пријателство калено на фронтот на Првата светска војна, со сè уште живи сеќавања на Солунскиот фронт“ и со „верба во силата и виталноста на врските што ги обединуваат Французите и Србите“
- Со интересно обраќање и пораки кон нашиот северен сосед, претседателот на Франција отвори повеќе интересни перспективи на неговото стојалиште за статусот и развојниот пат на Србија, а со тоа и за регионот на Балканот, при што за читателите на „Нова Македонија“ го пренесуваме неговиот став во целост.
- На почетокот издвојуваме еден цитат од неговата колумна што како порака упатена од Макрон длабоко нѐ засега и нас. Имено, тој уште еднаш порачува дека „е време заедно да ја погледнеме историјата без предрасуди, за таа повеќе да не претставува пречка, каква што е денес, меѓу нас и, уште повеќе, меѓу земјите од регионот, кои се поканети да бидат заедно под покровителство на Европската Унија. Историчарите од сите земји членки на ЕУ и од земјите кандидати веројатно би можеле да ни помогнат на тој пат така што ќе се вклучат во колективна работа на тоа“… Осврнувајќи се на ЕУ, тој нагласи дека е потребно Унијата да биде силна и суверена, за да ги брани и промовира своите интереси, притоа почитувајќи го интегритетот! Токму последново, како еден принцип на неприкосновеност и како дел од меѓународното јавно право, е основата на позициите од кои францускиот претседател треба да тргне кога повторно ќе го разгледува францускиот предлог за македонските интеграции во ЕУ, бидејќи актуелниот предлог е целосен антипод и на неговиот став во неговата колумна што следува, а спротивно и на актуелното меѓународно право, меѓународен поредок и на перемпторното, врховно право.
Силна и суверена ЕУ за да ги брани и промовира своите интереси, почитувајќи го идентитетот
Повторно доаѓам во Србија со едноставна порака: Европската Унија и нејзините земји членки треба да имаат силна и демократска Србија покрај себе, а на Србија ѝ треба силна и суверена Европска Унија, за да ги брани и промовира своите интереси, притоа почитувајќи го својот идентитет.
Се разбира, Србија ѝ припаѓа на Европа со својата географија, но повеќе од тоа, таа ѝ припаѓа на Европа со својата историја; историјата на гордата нација што има силен идентитет од кој никогаш не се откажала. Денес размената е многу побогата со земјите од Европската Унија отколку со која било друга земја или група земји. Економските размени, се разбира, од кои речиси две третини се реализираат со Европската Унија, но и размена меѓу луѓето, преку учеството на Србија во програмите „Еразмус плус“ и „Хоризонт Европа“. На полето на уметноста, Србија веќе придонесува на плоден и креативен начин во европскиот културен простор и со нетрпение очекувам да ги откријам богатствата на прекрасните збирки на Матица српска при мојата посета.
И покрај оваа блискост, која и онака е толку силна, перспективата за пристап во Европската Унија не привлекува колку што треба, додека во заднина се мешаат грижите и заморот, особено во однос на темпото на пристапните преговори, но понекогаш исто така еден вид на огорченост, па дури и недоверба во однос на Европската Унија, кои имаат извор во поновата историја и во спротивставените или конфликтни сеќавања.
Време е заедно да ја погледнеме историјата без предрасуди, за таа повеќе да не претставува пречка, каква што е денес, меѓу нас и, уште повеќе, меѓу земјите од регионот, кои се поканети да бидат заедно под покровителство на Европската Унија. Историчарите од сите земји членки на ЕУ и од земјите кандидати веројатно би можеле да ни помогнат на тој пат така што ќе се вклучат во колективна работа на тоа.
Но, има уште една работа: Србија, со право убедена во уникатноста на својата судбина и понекогаш зајакната од предизвиците што таа ги постави пред неа, не треба да се плаши за својот идентитет и својот суверенитет со влезот во Европската Унија.
Тие болни спомени и тие прашања не треба да го одвлекуваат вниманието на граѓаните на Србија од она што е очигледно: нивното место е во Европа, покрај Франција – која не помалку од Србија се грижи за уникатноста на својата историја и култура – во таа заедница што е единственото место во кое ќе можеме вистински да ги одбраниме вредностите што ги споделуваме.
Србија целосно го има своето место во покровителството на Европската Унија: местото што го има како голема централна земја на овој регион, која е способна не само да биде главен градител на иднината на помирувањето и соработката во регионот туку, доколку сака, да биде и сила на инспирација и движечка сила. Се осврнувам и на рамката што ја нуди Европската политичка заедница за почнување заеднички иницијативи: следниот самит што ќе се одржи во Унгарија наесен ќе биде важен состанок во таа смисла.
Кога повторно избувна војната на нашиот континент, иницирана од Русија, која следи брутален план за освојување во Украина, идејата дека Србија може да го бара својот пат во вечната игра на балансирање меѓу силите, кои во неа ќе гледаат само пион за жртвување на шаховската табла, е само илузија: само под покровителство на ЕУ – унија на суверени држави што ја делат истата визија за нивната иднина – Србија ќе може да остане Србија.
Затоа што, како и Франција, убеден сум, Србија се стреми кон независност и суверенитет, кои може да ѝ ги даде само Европската Унија, поседувајќи ги средствата за својата стратегиска автономија. Заедно ќе ја изградиме оваа стратегиска автономија обезбедувајќи си себеси средства за осигурување на нашата безбедност и зајакнувајќи ја нашата одбранбена соработка.
Но, ќе го изградиме и во областа на индустријата, во сите сектори каде што треба да се обединиме за да бидеме поотпорни на безмилосната меѓународна конкуренција, во областа на критичните суровини, лековите, вештачката интелигенција на пример. Тука Србија исто така игра клучна улога во рамките на проширената и зајакната Европска Унија.
Прашањето што во овој момент ѝ се поставува на Србија, но и на сите нас Европејците, дури и повеќе од прашањето за неопходното одржување на обединет фронт против Русија, е прашањето за типот на општеството во кое утре ќе сака да живее нашата младина. За тоа прашање, не се сомневам, младите во Србија ќе го имаат истиот одговор како младите во Франција.
Бидејќи за граѓаните на Франција, како и за граѓаните на другите земји членки, а наскоро и за граѓаните на Србија, Европската Унија е и ќе остане една од најсилните бариери против популизмот, демагогијата и екстремизмот, како и единствена област на економски просперитет и има капацитет да биде релевантна наспроти нашите конкуренти во глобализацијата. Европската повелба за човекови права, европските договори усвоени од земјите членки по сопствена волја и европските судски тела задолжени за нивната имплементација денес претставуваат основа што ги штити правата. Затоа што речиси 70 години ја градиме демократијата на континентално ниво, на цврсти основи што го исклучуваат враќањето на погубните националистички рефлекси.
Патот кон нормализацијата ја зачувува суштината, можноста Србите да живеат во Косово, почитувајќи го законот, но не откажувајќи се од својот идентитет.
Во 2019 година, кога зборував за прашањето за Косово, зборував за потребната храброст да се постигне компромис. Убедени дека оваа храброст постои во Србија, ние, заедно со Германија и нашите европски партнери, со поддршка на Соединетите Американски Држави, сакавме да му помогнеме на регионот да избегне еднострани потези, неизмерени изјави, подигање тензии, чии главни жртви се луѓето што живеат на тој терен, особено српското малцинство во Косово.
Патот што го предложивме кон потребната нормализација ја зачувува суштината: можноста Србите да живеат на Косово почитувајќи го законот, но без да се откажат од својот идентитет или од природните врски со Србија; но и постоењето на гаранции за зачувување на српското културно и верско наследство.
Овој пат е асфалтиран: сè што го забавува напредокот на тој пат е на сметка на луѓето што живеат таму. Убеден сум дека овој компромис е во согласност со интересите на Србија и, имајќи ги предвид силните чувства на Србите за ова прашање, почитувајќи ги, ја поканувам Србија и ги поканувам младите во Србија да изберат мир и да ја изберат иднината. Јас лично ќе останам ангажиран, како што сум сигурен дека ЕУ во целина ќе остане во имплементацијата на охридските договори и, пред сѐ, во формирањето заедница на општини со српско мнозинство.
Би сакал да завршам со зборовите дека мојата денешна посета на Белград, новите фази што ги поставуваме за нашата билатерална соработка, вистинското стратегиско партнерство што го градиме, апелот што го упатив за решителен ангажман на Србија за приклучување кон Европската Унија, сето ова претставува една порака за доверба во нашата заедничка иднина и наедно најдобар начин да го негуваме и продлабочиме нашето толку скапоцено пријателство.