Фото: „Нова Македонија“

Со положување цвеќе пред гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ од
страна на голем број делегации и граѓани, вчера беа одбележани 122 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев.
Цвеќе на неговото вечно почивалиште положија претседателката Гордана Силјановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министри во Владата, делегација од Собранието, поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, претставници на дипломатскиот кор, како и партиски делегации, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, здруженија, граѓани…

Одбележани 122 години од смртта на Гоце Делчев

Одбележувањето 122 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода на македонскиот народ – Гоце Делчев, започна со панихида, отслужена од страна на поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, во сослужение со свештениците од Скопската епархија.
Потоа, на свеченото одбележување и чествување на македонскиот национален апостол Делчев, со своите изјави, политичките претставници уште еднаш го истакнаа значењето на македонскиот револуционер и великан на македонското ослободително движење, Гоце Делчев. Притоа беше потенцирано дека пораките на Делчев се актуелни и денес и силно одекнуваат и потсетуваат на идеите со кои се воделе нашите револуционери.
– Денешниот ден нѐ потсетува на тоа колкав голем титан македонскиот народ имал, кој имал не само локално, регионално, туку би рекол и пошироко значење. Неговата борба за Македонија, неговата хуманост, неговото дело, се безвременски и така ќе остане за генерациите што следуваат – изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Притоа тој додаде дека оваа генерација политичари во македонската влада имаат чест да го пренесат сеќавањето за неговото дело на генерациите што следуваат, но истовремено и достојно да го чуваат и да го негуваат.
– Кога велам да го чуваат и да го негуваат, да ја пренесуваат вистината. Онаа вистина каква што вистински се случувала, а не вистината што, за жал, некои се обидуваат да ја искриват и во колективната меморија на македонскиот народ во минатото имаше обид за инженеринг таа вистина да биде поинаква – додаде Мицкоски.
Претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова, која положи цвеќе во црквата „Св. Спас“, во својата изјава искажа почит кон македонскиот револуционер.
– Со длабока почит, по повод 122-годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев, положив свежо цвеќе на неговиот вечен дом во дворот на црквата „Св. Спас“. Денот на смртта на најмаркантната и најсветла фигура на македонското револуционерно национално дело, втемелувачот на македонскиот републиканизам, апостолот на ВМРО, учителот Гоце Делчев, нè потсетува на жртвата којашто нашите предци ја дале за македонскиот народ да живее во сопствена држава за да може културно да се натпреварува со другите народи. Тој не случајно почива тука, во дворот на прекрасната црква „Св. Спас“, на македонска почва и под македонското небо, туку по сопствен аманет да биде закопан во независната македонска држава. Гоце Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина – порача по тој повод претседателката Гордана Силјановска-Давкова. П.Р.