Во очекување на тежок зимски период и неизвесна грејна сезона
Македонските граѓани веќе го чувствуваат новиот бран на поскапувања, кои дополнително го празнат нивниот семеен буџет. Покрај поскапувањето на горивата и електричната енергија, поскапува и огревното дрво, кое е најупотребуван енергент во Македонија. Според одредени податоци, околу 80 отсто од граѓаните го користат огревното дрво за делумно или за целосно затоплување на нивните домови во зимскиот период.
Поради поскапувањето на енергентите, граѓаните се преструктурираат за користење на најевтиниот
Некои од граѓаните уште на почетокот од годинава нарачале огревно дрво од своите постојани снабдувачи, бидејќи се плашеле од драстичното поскапување. Голем дел од нив и авансно ја платиле сумата за нарачаното огревно дрво. Но за годинава е карактеристично тоа што се појавија и граѓани што минатата година ги затоплувале своите домови со електрична енергија, а поради скапата струја, се решиле да се греат на дрво. Токму тие граѓани алармираат дека се изненадени од растот на цената на огревното дрво и дури сега не знаат како ќе ја минат зимата.
Само за илустрација, во споредба со март оваа година, видливо е драстично поскапување на огревното дрво. Во март еден кубик дабово дрво се продаваше по цена од 2.450 денари, а еден кубен метар бука се продаваше по 2.370 денари. Последните информации велат дека цената на огревното дрво изнесува од 3.800 до 4.600 денари за еден кубен метар.
Разбирливо, граѓаните веднаш реагираат на вака високите цени на огревното дрво. Во редакцијата се јави нашата читателка Билјана Стојановска, која ни обрна внимание на оваа појава и која алармира дека ова е поширок, граѓански проблем. Таа го опиша тоа на нејзиниот пример. Имено, таа вели дека во просек секоја зима троши околу 10 кубни метри дрво. Стојановска посочува дека минатата година за огревното дрво издвоиле 30.000 денари од семејниот буџет, а нивниот трошок оваа година ќе изнесува околу 45.000 денари, доколку цената остане на ова последно ниво. А таа тврди дека мали се шансите за тоа и смета дека цената уште ќе расте.
И сопствениците на складиштата за огревно дрво велат дека очекуваат ново покачување
Познавачите велат дека покачувањето на огревното дрво се должи пред сѐ на покачувањето на цената на нафтата, но и на забраната во Србија и во Босна и Херцеговина да извезуваат огревно дрво.
Сопствениците на складиштата за огревно дрво велат новата цена се должи на повеќе фактори, а очекуваат и ново покачување. Арди Јакупи, сопственик на дрварница, посочува дека на поскапувањето во најголема мера влијае цената на нафтата, која постојано расте и на тој начин директно се одразува во нивното работење.
Покрај покачувањето на огревното дрво, се покачи и цената на пелетите. Пред почетокот на пандемијата на коронавирусот, многу граѓани се откажуваа од топлењето на своите домови со дрво и се префрлаа на пелети. Во минатото една вреќа од 15 килограми пелети се продаваше за околу 200 денари, оваа година цената изнесува над 300 денари. Игор Сотировски вели дека месечно трошел по околу 40 вреќи пелети и, во просек, неговиот трошок изнесувал околу 8.000 денари. Сега посочува дека ако се земат предвид постојните цени на пелетите, неговиот месечен трошок оваа сезона ќе изнесува околу 12.000 денари.
Новиот ценовен шок на огревното дрво ги засега сите, но најмногу социјално
загрозените категории
Според Илија Ацевски, социолог и универзитетски професор, од поскапувањето на огревното дрво најмногу ќе бидат погодени оние што живеат во екстремна сиромаштија. Ацевски вели дека бројката на овие граѓани не е за потценување и изнесува околу 15 отсто од вкупниот број жители на Македонија. Според него, овие луѓе се оставени на немилост на длабоката сиромаштија, а поскапувањето на огревното дрво дополнително ќе ја усложни нивната егзистенција.
Во прилог на ваквите тврдења, ако се земат предвид достапните бројки, четиричлено семејство што живее исклучиво од социјална парична помош има месечни трошоци од околу 35.000 денари, а нивните месечни примања изнесуваат 50.000-60.000 денари, што значи разликата е околу 30.000 денари.
Затоа Илија Ацевски вели дека македонското општество дефинитивно мора да преземе одредени активности во полза на граѓаните што имаат ниски пензии и плати, бидејќи тие најмногу го чувствуваат ударот на поскапувањата. Според Ацевски, луѓето се исплашени од поскапувањата на електричната енергија и огревното дрво и посочуваат дека нѐ очекува тежок период и можно радикализирање на македонското општество.
Со свое видување за овој проблем со соопштение излезе политичката партија Левица. Во нивното соопштение се вели дека Македонија е на прагот на нов бран поскапувања и севкупно осиромашување на населението. Огревното дрво пред почетокот на следната грејна сезона ќе поскапи за 20 отсто, а пелетите веќе се продаваат по речиси 50 отсто повисока цена. Цената на еден кубен метар дабово дрво во приватните складови достигнува и до 5.000 денари.
Во врска со динамичното поскапување на огревното дрво, пелетите и брикетите и спречувањето на овој тренд, граѓаните информираат дека постојат и политичка иницијатива и предлог до надлежните државни институции. Имено, политичката партија Левица итно побара од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да воведе привремена забрана за извоз на огревно дрво за да се намали недостигот од дрвна маса, што директно се одрази и на производителите на пелети. Тие во својата иницијатива нудат и формалноправни решенија што ќе ја ублажат кризата што ѝ се заканува на Македонија. Д.Ст.
Фатени 12 дрвокрадци во Струшко
Во саботата, во шумскиот појас на планината Караорман, во атарот на струшкото село Мислодежда, се преземени координирани мерки од страна на полициски службеници од Единицата за брзо распоредување, Регионален центар за гранични работи – Запад, СВР – Охрид, Шумска полиција и ЈП „Национални шуми“, при што од слобода се лишени 12 лица, на возраст од 23 до 49 години, од кои осум албански и четири државјани на Македонија. Тие биле затекнати при нелегална сеча на огревно дрво, при што на самото место биле пронајдени повеќе кубни метри исечена дрвна маса, теренски возила, камиони, трактори, моторни пили и секири. Лицата се приведени во полициска станица, возилата со нелегално исечените дрва се одземени и предадени на Шумската полиција, а по целосното документирање на случајот против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава.