ЕУ го паркира Западен Балкан онаму каде што му е местото:
Последните сигнали што доаѓаат од ЕУ само потврдуваат дека Брисел ги паркира земјите од нашиот регион таму каде што припаѓаат – во Западен Балкан. И на тоа паркиралиште ќе останеме збиени на подолг рок, веројатно следните неколку декади, сѐ додека како држави целосно не се реформираме во сите области за да не ги кочиме и реформите на самата Унија. Дотогаш нема да има целосна ЕУ-интеграција на државите-кандидати, туку само надвор од ЕУ регионално интегрирање во пакет, што подоцна, во некоја иднина би бил асоциран во некаква нова форма на ЕУ
Многу генерации Македонци се родија, пораснаа и станаа полнолетни чекајќи го датумот кога Македонија ќе стане членка на Европската Унија. Речиси две декади исти празни надежи и ветувања, а веројатно многу од овие генерации и ќе се пензионираат чекајќи го влезот во европското семејство.
ЈАСНИ СИГНАЛИ ОД БРИСЕЛ: ДА СЕ ПРОДЛАБОЧИ РЕГИОНАЛНАТА ИНТЕГРАЦИЈА
Последните сигнали што доаѓаат од ЕУ само потврдуваат дека Брисел ги паркира земјите од нашиот регион таму каде што припаѓаат – во Западен Балкан. И на тоа паркиралиште ќе останеме збиени на подолг рок, веројатно следните неколку декади, сѐ додека како држави целосно не се реформираме во сите области за да не ги кочиме и реформите на самата Унија. Дотогаш нема да има целосна ЕУ-интеграција на државите-кандидати, туку само надвор од ЕУ регионално интегрирање во пакет, што подоцна, во некоја иднина би бил асоциран во некаква нова форма на ЕУ.
Вака неколку соговорници, од бриселската администрација, неофицијално ни ги протолкуваат последните чекори на Брисел, поврзани за ЕУ-интегрирањето на Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија.
Во истиот контекст, соговорниците на поедноставен начин ни ги пренесуваат и пораките што произлегуваат и од ставовите на претседателката на европската комисија, Урсула фон дер Лејен, кога неодамна ги промовираше таканаречените четири столба во однос на политиките на ЕУ кон Западен Балкан и кон Македонија. Во нив е нагласено дека „целта е да се доближи Западен Балкан до единствен европски економски пазар, да се продлабочи регионалната економска интеграција, да се забрзаат фундаменталните реформи во земјите во регионот и да се зголемат претпристапните фондови“. За нашите соговорници повеќе од јасно е дека ЕУ воопшто не размислува за брзо проширување и примање нови членки. Вакви пораки доаѓаат и од Германија и од Франција, како носечки земји-членки и креатори на политиките во Унијата.
КОЈ ЈА ПЕЕ ЛЕБЕДОВАТА ПЕСНА
Се разбира, политичките лидери од регионот не сакаат да го видат тоа, уште помалку да го соопштат пред своите граѓани, иако пораките од ЕУ се повеќе од јасни и во суштина се сведуваат на поголема регионална интеграција. И тоа за нив станува сѐ помалку важно дали регионалните иницијативи за интегрирање би се нарекле Берлински процес или Отворен Балкан… Сѐ додека тие процеси се живи, туркани од Брисел или Вашингтон, ќе претставуваат еден вид „Дантево чистилиште“ или, пак, тампон-зона во која Западен Балкан ќе созрева пред целосно да се интегрира во ЕУ. Според соговорниците од Брисел, тоа ќе биде подолг процес, додека ЕУ биде начисто каде ќе дојде со своите внатрешни реформи. Секако, тие додаваат дека регионот на Западен Балкан нема да биде напуштен од ЕУ.
– Ќе има и повеќе пари од европските фондови, но клучната и најважна порака е потребата од коренити реформи во сите сфери во земјите од Западен Балкан – нагласуваат тие.
На крајот, соговорниците од свој агол на гледиште однадвор, малку пообјективен од нашиот, поради неинволвираноста во настаните, без којзнае какви емоции, со доза политичка проникливост искажаа став дека ги разбираат во целост државните лидери од регионот (Албанија, Србија, Македонија) како од петни жили се трудат да прикажат дека динамичниот процес на интегрирање „не е мртов“. Секако дека таквите изјави во овој момент се насочени „за внатрешна употреба“, кон своите граѓани. Никој од нив, велат соговорниците, не сака да биде запаметен како неуспешен лидер, а рака на срце, и Брисел ќе помогне впечатокот за нив да остане подобар, но за големата цел, ќе се почека уште малку (повеќе).