Повеќегодишни ненадминати проблеми на лицата со физичка попреченост во Битола
„Подобро ќе ми беше доколку се наоѓав во затвор во Шутка отколку дома. Повеќе од две години сум затворена дома во станот на шести кат, поради тоа што не работи лифтот, и иако имам огромни болки со забите не можам да одам на забар бидејќи лифтот не работи, а мене од шестиот кат нема кој да ме симне долу“.
Вака неодамна ни ја раскажуваше својата мака 38-годишната битолчанка Соња Димитриевска, која е инвалид и која поради дефект на лифтот повеќе од две години не може да излезе од својот стан за да оди на стоматолог.
Но и покрај нејзините очајни молби и барања, како и апелите на станарите, засега нема ништо од поправката на лифтот. Тој и натаму е расипан и е надвор од употреба, па поради тоа Соња Димитриеска мора и натаму ни крива ни должна да седи дома затворена.
Ова е само една од многубројните животни приказни на лицата со физички попречености во Битола. Тие, како што ни рекоа, најблаго речено, се чувствуваат како заробеници во својот град. Едноставно за нив градот Битола е во најголем дел непристапен и недостапен.
Според прим. д-р Нико Јанков, претседател на здружението „Мобилност“ –Битола, дури 90 отсто од објектите во градот под Пелистер и во Пелагонискиот Регион се непристапни и недостапни за лицата со физички попречености.
Симона Јовевска, која и самата е со инвалидитет, а од пред неколку години е вработена во Општина Битола, вели:
„(Не)пристапноста е голем проблем за нас во Битола. Поради тоа што е Битола град со старо градско јадро и што најголемиот дел од објектите се стари, градени во едно друго време, во кои не се можни некои поголеми градежни зафати за приспособување на пристапите за нас, сепак зачудува тоа што и во новите градби при градењето не се води многу сметка за нас и не се гради според законот. Ние не можеме да се движиме до најголемиот број институции, установи, деловни објекти, станбени згради. Загрижува тоа што иако сите начелно се согласуваат со нас и имаат разбирање за нашите проблеми, за жал, многу малку се води сметка за нас“.
Со нејзините зборови се согласува и Билјана Тодоровска, која ги споделува истите проблеми.
– Битола воопшто не е пристапна. Ние едноставно се чувствуваме како да не постоиме и како никому да не му е грижа за нас – вели Тодоровска.
– И покрај тоа што со Законот за градба, кој е донесен во 2006 година, се предвидува при изградбата на новите јавни објекти и установи да се мисли и за лицата со физичка попреченост и притоа не само надворешниот влез да биде пристапен туку тие да можат слободно да се движат и во внатрешноста на објектите, за жал, никого не го интересира тоа и инвеститорите си градат по свое без да ги почитуваат законските прописи – вели прим. д-р Нико Јанков.
Не е тоа проблем само за лицата со физички попречености туку и за родителите што имаат деца со инвалидност.
– Ако може да се најде разбирање за оние објекти што се стари и кои се адаптираат, да не може да се изведат услови за нас, сепак за новите градби тоа е законска обврска, но знаете како е кај нас… Проблемот не е во законите што постојат, туку во непочитувањето на Законот за градба и Правилникот за непречен пристап до објектите од страна на институциите – додава д-р Јанков.
Тој додава дека во Битола, здружението „Мобилност“ во последните над 35 години значајно инсистира состојбите со пристапноста да се подобрат, но институциите не учествуваат со адекватен одговор на нивните барања.
За да се подобри состојбата со пристапноста, здружението „Мобилност“ заедно со едно грчко здружение го изработи проектот „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“, кој се имплементира како дел од програмата за прекугранична соработка со Грција ИПА-интеррег, која е кофинансирана од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички.
Целта на проектот беше да мотивира трансформација на прекуграничниот регион во пристапна туристичка дестинација, бидејќи побарувачката за пристапен туризам постојано се зголемува, а потенцијалот го имаме и тука, само треба да го искористиме. Во рамките на проектот се изработени три студии за легислативата и законските обврски за пристапност, фактичката состојба на терен во Пелагонискиот Регион и за насоките како да се надминат бариерите за сите лица со попречености.
– Со овој проект, кој е пилот-проект и претставува одлична основа за понатамошен развој, ние направивме еден мал чекор кон подобрување на пристапноста до културното наследство со туристичката сигналитика за 10 најзначајни културно-историски споменици во Битола, кои се веќе предадени во Општина Битола и ќе бидат поставени пред: Хераклеја, НУ „Завод и музеј“, Офицерскиот дом, киното „Манаки“, Католичката црква, Саатот, црквата „Св. Димитрија, „Исак џамија“, „Јени џамија“ и Безистенот. Покрај тоа, беа изработени и печатени туристички водичи со Брајово писмо на македонски, англиски и на грчки јазик, со тактилни слики, исто така наменети за лица со оштетен вид.
Промовираните ИКТ-алатки за пристапен туризам, заедно со претстојните обуки за туристички работници каде што ќе биде претставен и прирачник за осмислување и оформување туристички понуди за лица со попречености, дополнително ќе ја зголеми туристичката понуда во нашиот град, но и во целиот прекуграничен регион – вели д-р Јанков, кој се надева дека ова ќе стигне до ушите на надлежните да се направат одредени приспособувања за да можат да функционираат овие лица.
– Инаку, вака не ќе можат да одат ни на спортски настани, кино, кафеана, а да не зборуваме за самите институции, кои не им се пристапни – заклучува тој.
Инаку, д-р Ирена Ружин, членка на екипата што ги подготви прирачникот и студијата, вели:
„Увидот во пристапноста на туристичките капацитети и објектите од областа на културата покажа дека многу од нив (сопственици/ надлежни) не ја познаваат законската регулатива, многу мислат дека се пристапни, а не се според стандардите. Повеќе од 90 проценти изразија подготвеност да научат како да станат пристапни за лицата со попреченост. Проблемот за пристапноста на културното наследство е што имаме големи пречки во адаптирање на влезовите и тоалетите по стандардите“.
Според упатените, решавањето на проблемите на лицата со физички попречености за нормално функционирање лежи само во почитување на законските прописи при новите градби и изградба на надворешни лифтови таму каде што е можно.