Омбудсманот, пред целата јавност, храбро го впери прстот кон најголемите светски загадувачи што не ги потпишале глобалните документи за заштита на животната средина. Тој порача дека мора да се најде баланс меѓу развојот и еколошката правда, која е императив во овој век
Граѓаните поднесуваат претставки за квалитетот на воздухот до народниот правобранител
Четириесетина претставки од областа на животната средина оваа година, заклучно со септември, стигнале во канцеларијата на Народниот правобранител, при што половина од нив се за квалитетот на воздухот. Ова го соопшти народниот правобранител Насер Зибери, кој е домаќин на дводневната меѓународна конференција „Народните правобранители и националните институции за човекови права и животната средина“.
Зибери изрази загриженост за состојбата со животната средина во земјава, која „не оди во прилог на уставната заложба за гарантирање на правото на здрава животна средина утврдена во членот 43 од Уставот“. Народниот правобранител ги наведе и трајните штетни последици од загадувањето на животната средина врз животот и здравјето на населението, поврзаноста на загадениот воздух со смртноста и предизвиците со кои човештвото се соочува во последните децении.
Но притоа тој мошне отворено и храбро посочи во домашната јавност, но и упати порака до меѓународната јавност дека „токму најголемите загадувачи на светот не ги потпишале глобалните документи за заштита на екологијата“! Омбудсманот порача дека мора да се најде баланс меѓу развојот и еколошката правда, која е императив во овој век. Н.М.