Марко Цепенков во многу нешта е исклучителна појава во македонската книжевност и фолклористика, класик на македонскиот 19 век. Класик, затоа што е најистакнат и најплоден собирач и афирматор на македонското народно творештво. И не само тоа туку е и културен и црковно-просветен деец, белетрист и писател. Како деец, многу е значаен за македонската книжевност и култура воопшто. Како писател зазема видно место меѓу новите македонски преродбеници
Повод: 195 години од раѓањето на Марко Цепенков
„Кај што паѓа чоек, таму и станува“, дедо Цепенко
Марко Цепенков е класикот на нашиот 19 преродбенски век. Роден прилепчанец, кој пред 195 години, во својата „Автобиографија“, мудро запиша „мнозина филозофи има гоедари и мнозина гоедари станале филозофи“. Оваа мисла покажува и докажува дека овој наш терзија не е обичен терзија, туку терзија што е и народен мудрец, фолклорист, писател на македонски јазик во 19 век, хроничар и многустран културно-национален деец. Марко Цепенков во многу нешта е исклучителна појава во македонската книжевност и фолклористика, класик на македонскиот 19 век.
Класик, затоа што е најистакнат и најплоден собирач и афирматор на македонското народно творештво. И не само тоа туку е и културен и црковно-просветен деец, белетрист и писател. Како деец, многу е значаен за македонската книжевност и култура воопшто. Како писател зазема видно место меѓу новите македонски преродбеници. На еден начин тој ги поврзува двете епохи (претходниците на Миладиновци и нивните следбеници) и ја најавува следната развојна фаза на преродбенскиот процес, во која се чувствуваат ефектите од илинденската епопеја и културно-лингвистичката програма на Крсте Петков Мисирков („За Македонцките работи“, 1903 г.), Димитрија Чуповски и на Македонското научно литературно другарство формирано во 1902 година во Петроград. Според мене, тој е следбеник на Кирил Пејчиновиќ, а предвесник, првин на Мисирков и Чуповски, а потоа и на Рацин и Конески.
Роден е во Прилеп (има податоци и дека е роден во Крушево) во многудетно сиромашно семејство. Од најрани години го учи терзискиот занает, преку кој обезбедува егзистенција, ама не е „неук терзија“, каков што сакаат да го претстават некои душебрижници од истокот. Напротив. Една година се школувал кај познатиот даскал Константин Динков („Варошка академија“), а година-две и кај Наум Хаџов од Струга. Младоста ја поминал како чирак кај разни мајстори во Прилеп, Струга, Кичево и во Битола. Откако станал самостоен терзија, повел иницијатива за отворање книжарница во Прилеп. Бил активен и како член на црковната општина, каде што бил енергичен борец против грчкото духовно влијание.
Како собирач на народни умотворби, тој е еден од најистакнатите и најзначајни претставници на македонското преродбенско дело во 19 век. Цепенков е гордоста на Прилеп и Македонија, а неговите заслуги треба вечно да се споменуваат и прераскажуваат од секој од нас и од нашите потомци. Инаку, оваа дејност ја започнал под директно и големо влијание на Димитар Миладинов, љубопитно слушајќи ги неговите разговори со татко му Коста, за родољубието, за народните умотворби, за потеклото на Македонците.
Знаеме дека фолклорот и фолклористиката несомнено беа мошне значајни фактори во целиот тек на македонската национална афирмација во 19 век. Се работи за битот, обичаите, верувањата и воопшто духовниот живот на нашиот народ, од една страна, но и за јазикот и уметничката реч, за литературното творештво и за писменото изразување, од друга страна. Токму на овој план, Цепенков е интересен не само како предвесник и современик на преродбенските процеси туку е и еден од најактивните фактори на креирање на овие процеси. Цепенков почна да собира народни умотворби и под непосредно влијание и наговор на Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Како собирач и креатор ни остави обемна и богата збирка од народни умотворби.
Според спомените и белешките на Никола Еничеров, Цепенков бил еден полуграмотен човек, кој ја пребарал целата ризница на народното богатство и го нанижал на богат ѓердан сето интересно за земјата и народниот живот. Бил раскажувач по душа, кој најдобро ја почувствувал изворноста на народниот збор. Од него најавтентично зрачи народниот гениј. Неговиот собирачки и творечки опус трае цели 42 години. Сосема доволен за да можеме да зборуваме за цепенковска традиција. Во нејзината основа се сказните, новелите, преданијата и легендите, анегдотите, приказните за животни и басни, па пословиците, поговорките, песните, како и кратките фолклорни жанри (гатанки, детски игри, детски залагалки) и, секако, и записи за македонски народни обичаи, описи на македонски занаети и др. Тој во сите нив интервенира, со сиот свој усет, инвенција и дарба и преку својот творечки вкус ги стилизира и издига на ниво на наполно индивидуални креации.
Значи не е само регистратор туку и прозаист што им дава посебен дух и стил на тие творби. Така и ја создава својата запишувачка и книжевна школа. Ги објавил делото „Автобиографија“, драмата „Црне војвода“, повеќе песни, „Зборник на народни умотворенија, наука и книжнина“ и др. Дефинитивно е најголемиот и најплоден собирач на македонски народни приказни. Можат да се набројат 5.500 пословици и поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, 400 верувања и клетви, 300 благослови, 350 баења, 2.900 соништа и нивни толкувања, 70 детски игри…
Според запишаниот фолклорно-етнографски, филолошко-културен и социолошко-историски материјал, дедо Цепенко сѐ уште е ненадминат во историјата на Македонија. А според обемот и карактерот на своето прозно дело, тој ги надвишува сите литературни пројави на македонски јазик, сѐ до ослободувањето и создавањето на македонската држава. Тој е следбеник на Пејчиновиќ, Крчовски и Пулевски, кој творечки ја исполни целата втора половина на 19 век и е еден од најздравите темели на класичниот фонд на македонската современа литературна реч.
Марко Цепенков и приказната за Силјан Штркот
Творечкиот пример на Цепенков најдобро може да се прикаже со приказната Силјан Штркот, на која ѝ дава посебно литературно вообличување. Јунакот на оваа приказна е жив народен дух, митски копнеж за слободна егзистенција. Дефинитивно оваа приказна во уметничка форма е филозофски трактат, каде што наоѓаме тврдења дека човекот може да се потпре само врз себе. Нема чуда, нема волшебни и пократки патеки до човечката супстанција. Треба макотрпно да се работи врз себе и врз сопствената личност.
Само така се станува личност во вистинска смисла на зборот. Само такви личности можат скепсата да ја претворат во верба и само такви личности имаат желба рационалното да го издигнат над ирационалното и имаат копнеж да надвладее доброто над злото.
А токму такви се личностите што го запалија огнот на народната просвета и духовните вредности (преродбениците) во Македонија. Токму такви се личностите што ги разгореа огнот на националниот отпор и борбата за национално ослободување на Македонија и Македонците (комитите и војводите на Илинден и борците и хероите на НОБ/НОВ и државотворците на АСНОМ). Сето ова не смееме да го заборавиме, зашто, како што духовито вели Блаже Конески, ако воопшто штрковите го носат породот, ние сме пород на Силјан Штркот. С.К.