Фото: Пексел

Вкупниот број на заболени од западнонилска треска во Грција достигнал 76 од почетокот на летово, а заразени од овој вирус има и во соседна Србија

Во соседството забележани случаи на зараза што ја пренесуваат комарци

Двајца починати од западнонилска треска и 21 нов случај на заболени од вирусот што го пренесуваат комарци се регистрирани за една седмица во Грција, според неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ). Вкупниот број на заболени од западнонилска треска кај јужниот сосед достигнал 76 од почетокот на летово, а забележани се вкупно десет смртни случаи кај постари лица на возраст помеѓу 61 и 92 години. Потврдените случаи се во северниот, западниот и централниот дел на Грција, како и во Епир и островите во Јонско Море, а претходно биле забележани и на Пелопонез и во областа Атика.
Заразени од овој вирус има и во соседна Србија, при што главно станува збор за туристи што се враќаат од летување во Грција или жители во места околу реката Дунав.
Во Грција лани биле регистрирани 162 случаја, додека 23 лица починале од западнонилска треска. Најголемо присуство на болеста во Грција било забележано во 2018 година, кога имало вкупно 317 заболени и 51 починато лице.

Ситуацијата во Македонија е стабилна

Ситуацијата во Македонија засега е мирна, со што во текот на годинава се пријавени вкупно два лабораториски потврдени случаи на западнонилска треска во државата, според досегашните информации. Првиот случај беше регистриран во април кај жител на општината Василево, на територијата на Центарот за јавно здравје во Струмица, а вториот случај беше забележан во Кочани минатиот месец, при што заболениот се заразил за време на туристичко патување во Тунис во јуни, како што потврди Институтот за јавно здравје. Двата случаја всушност се импортирани, според ИЈЗ.
Западнонилската треска е заболување што го пренесуваат комарци. Кај помалку од еден отсто од инфекциите кај луѓето може да се манифестира со тешки невролошки симптоми. За да се превенираат убоди од комарци, надлежните препорачуваат граѓаните да носат соодветна облека, која ќе остава што помалку откриени делови од телото. Исто така, се препорачува користење заштитни средства во облик на лосион, стик, аеросол-спреј или крем за кожата и облеката што ги одбиваат комарците. Н.М.


Забележан прв случај на новиот сој на мајмунски сипаници надвор од Африка

Ширењето на мпокс го става светот на штрек

Шведска го потврди својот прв случај на позаразна варијанта на мпокс, вирусна инфекција што се шири преку близок контакт, што е прво забележување на заразата надвор од Африка, пренесува „Гардијан“.
– Заболениот се заразил додека бил во дел од Африка каде што имало жариште на болеста – изјави на прес-конференција Оливија Вигзел, генерална директорка на шведската агенција за јавно здравје.
Таа додаде дека пациентот добил нега и упатства во согласност со препораките на здравствената агенција.
– Појавата на случај на европскиот континент може да го поттикне брзото меѓународно ширење на мпокс. Случајот во Шведска веројатно значи десетици неоткриени случаи во Европа – изјави Лоренс Гостин, експерт за јавно здравје и универзитетски професор од САД.

СЗО одново прогласи вонредна состојба

Светската здравствена организација (СЗО) по вторпат во последните две години прогласи вонредна состојба за јавното здравје од меѓународно значење поради мпокс (т.н. мајмунски сипаници). Одлуката следува откако беше утврдено жариште на болеста во Демократската Република Конго, кое се прошири и во соседни држави, со 90 регистрирани случаи. Годинава во Африка се регистрирани над 14.000 случаи на новиот сој на мајмунски сипаници, при што досега починале најмалку 524 лица, според генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус. СЗО извести дека случаите на мајмунски сипаници се присутни во 13 африкански држави, додека се шири и нов сој на вирусот. Досега повеќе од 96 отсто од сите регистрирани случаи и смртни случаи се во една земја – ДР Конго.
Кина вчера објави дека ќе почне со проверка за мпокс на луѓето и стоките што влегуваат во земјата во текот на следните шест месеци.

Новиот сој на мпокс полесно се шири

Претходно годинава научниците објавија дека се појавила нова форма на смртоносната форма на мпокс, која може да усмрти до 10 отсто од заразените. Таа била забележана во рударски град во ДР Конго, при што беше упатено предупредување дека може полесно да се шири. Мпокс најчесто се шири преку близок контакт со заразени луѓе.
Мајмунските сипаници се вирусно заболување што предизвикува исип со меурчиња. Се пренесува преку физички контакт со заразени лица или животни, како и преку контакт со контаминирани материјали. Иако повеќето пациенти закрепнуваат, болеста може да биде опасна за деца, бремени жени и лица со ослабен имунитет. Р.С.