Ставени во контекстот на рекапитулација на предизвиците на ЕУ, се добива впечаток дека земјите од Западен Балкан, во блогот на Борел, повторно се обвинети за неодговорност спрема својата европска судбина, како совршено алиби за поттурнувањето под тепих на политиката на проширување, како на самата Унија така и на земјите-членки на ЕУ поединечно
ЕУ во потрага по совршено алиби за поттурнување под тепих на политиката на проширување
Пред крајот на 2021 година, Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, осврнувајќи се во својот новогодишен блог на најважните настани во годината што изминува, одговорноста за застојот во проширувањето на Унијата, практично ја префрли на земјите-кандидатки од Западен Балкан.
– Порастот на реториката и акциите што предизвикуваат поделби низ Западен Балкан, особено во Босна и Херцеговина, ги попречуваа напорите за приближување на тие шест земји кон нивната европска иднина – наведува Борел во својот преглед на годината што изминува, опишувајќи ја како „година на транзиција“, во која „геополитичките промени се интензивираа со политиката на моќ, која повеќепати ги доведуваше во прашање ЕУ и нејзините вредности“.
Пишувајќи и за другите предизвици на Унијата, како хибридните судири, во кои ЕУ мора да продолжи да ги поддржува Украина и Молдавија „во издржувањето на притисокот на Русија“ и да го задржи „непопустливиот пристап“ кон Белорусија; преку комплексниот однос со Кина, како „партнер, конкурент и системски ривал“, Борел како позитивен исчекор на Унијата во годинава што изминува ги наведува обновените односи со САД, односно со администрацијата на претседателот Џо Бајден и водечката улога на дипломатијата на ЕУ во борбата против климатските промени на Конференцијата на ОН за климата (КОП26) во Глазгов…
Земјите од Западен Балкан неодговорни?!
Ставени во контекстот на рекапитулација на предизвиците на ЕУ, се добива впечаток дека земјите од Западен Балкан, во блогот на Борел, повторно се обвинети за неодговорност спрема својата европска судбина, како совршено алиби за поттурнувањето под тепих на политиката на проширување, како на самата Унија така и на земјите-членки на ЕУ поединечно. Притоа како водечките личности во ЕУ како да не сакаат да го согледаат својот дел од одговорноста за растечкиот тренд на реториката на поделби на Западен Балкан, токму поради нивниот, како што велат нашите соговорници, „дискретно игнорирачки и дистанциран однос спрема регионот“.
– Ваквата процена на состојбите во регионот (што ЕУ сега го нарекува Западен Балкан, кој го замени терминот Југоисточна Европа) е само уште една илустрација за невизионерскиот интелектуален капацитет на политичарите што се на водечките позиции во ЕУ. Сегашниот состав на политичари и лидери во Европа, се чини се сведува на технократи и бирократи што не можат или не сакаат да ја видат големата слика на Европа, не само на актуелниот состав на ЕУ. Секаде, во секоја држава има поделби во општествата, но дали тие ќе ескалираат во деструктивни размери, зависи од тоа дали се стимулирани од надворешни влијанија. Сите земји од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, на некој начин (преку референдум или друга политичка форма) се определиле за иднина во ЕУ, но се чини дека Унијата е неподготвена да се справи со современите предизвици на актуелниот миг (пандемијата, економската, енергетската, па и културолошката криза), а и да опстане на сопствените програмски определби и платформи, кои во својата базична верзија не стимулираат поделби. Во овој миг, во ЕУ доминираат себични и кратковидни политики, за да биде стагнирана политиката на проширување – вели историчарката Наташа Котлар.
Сѐ позабележително отсуство на европерспектива на Западен Балкан
Поранешниот македонски вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски смета дека сѐ позабележителното отсуство на европерспектива на Западен Балкан се должи на клишеата во кои западнале политиките на ЕУ за регионот.
– Евроинтеграциите на земјите од регионот, реално се доведени во состојба на отсуство на перспектива. Приказната на Македонија со датумот за почеток на преговори за членство во ЕУ се претвори во гротеска. Преговорите на Србија и на Црна Гора се вртат во круг… Нема конзистентност во политиките на ЕУ спрема сите земји-кандидати за членство од регионот. Од едни се очекува едно, а во други се форсира нешто сосема спротивно. И понатаму, самата ЕУ ги поттикнува стереотипите за жртви и агресори… Самата ЕУ треба да излезе од таквите клишеа и да му пристапи на регионот искрено и без предрасуди. Не може ЕУ со оптиката од пред 30 години да го перцепира регионот и според таквата перцепција да ги условува евроинтеграциите. Сите земји си имаат свои легитимни прашања, свои легитимни интереси во актуелниот (гео)политички миг, а ЕУ на таквите предизвици во преговорите со земјите-кандидатки треба да пристапи со друга оптика и, секако, со уважување. Политиките на ЕУ спрема регионот на Западен Балкан треба да се ресетираат и Унијата да се ангажира посветено во преговорите, соодветно на спецификите и прашањата на секоја земја-кандидат – вели амбасадорот Ивица Боцевски.