Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од фактите што ги открива министерот за внатрешни работи Спасовски, втемелени на статистиките, анализите и истражувањата во министерството во врска со искуствата со повратниците (рецидивистите) во криминалот, тој основано заклучува дека повратништвото кон криминалот, меѓу другото, е и резултат од претходна политичка одлука за амнестија…

За законот за амнестија: Политички
пристап што поттикнува рецидивизам кај криминалот

Тежиштето на официјалната верзија на образложението за усвојување на предлог-законот за амнестија е: функционално растоварување на казнено-поправните установи!
Имено, предлогот, кој е веќе во собраниска процедура по скратена постапка, се раководи од желбата на предлагачот на законот, со неговото донесување „да се испразнат преполните затвори, во кои и така има несоодветни услови за престој на лицата осудени за казнени дела“!
Но во јавноста повеќе внимание се посветува на политичкиот аспект, за „политичките придобивки и последици“ од донесувањето и имплементирањето на овој предлог-закон за амнестија. Одредени политички фактори во својата процена тврдат дека со него се заокружуваат измените во Кривичниот законик, кои беа ненадејно предложени и експресно усвоени во Собранието.
Од друга страна, наспроти стремежите на предлагачот (т.е. Владата) за постигнување на гореспоменатите цели, политичката опозиција е на став дека во ваков облик, овој предлог-закон за амнестија не е во интерес на граѓаните, туку во „интерес на криминалот“. Како толку аргументи што генерираат сериозно крајно спротивставени ставови?

Министерот за внатрешни работи, сепак, со расположливи информации од прва рака, тврди дека со овој закон нема да се решат проблемите со пренатрупаноста на затворите

Иако Владата е предлагач на актуелниот закон за амнестија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски подоцна во јавноста излезе со став дека во суштина со него нема да се решат проблемите со пренатрупаноста на затворите. Во едно свое неодамнешно интервју, Спасовски открива дека искуствата од претходните амнестии покажале дека набргу по простувањето на казната, многу од ослободените се враќале во затвор поради повторени престапи.
– Не е стратегиски пристап и не е во интерес на безбедноста криминални лица да се наоѓаат надвор од казнено-поправните установи, на улица, затоа што имавме еден таков случај на закон за амнестија кога за многу кратко време, за скоро три месеци, завршија повторно како повторници, пред сѐ, на кражби, тешки кражби, разбојништва, нарушувања на јавен ред и мир. Во тој правец сметам дека апсолутно нема да се постигне никаква цел – оценува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Спасовски објасни дека, според процените на Агенцијата за извршување санкции, станува збор за околу 260 лица и можеби за околу 400 лица што би добиле намалување на казната. Како аргумент го посочи и фактот дека во првите осум месеци од годинава имало 500 повратници, кои направиле нови кривични дела. Според Спасовски, стратегиски пристап би бил во градење нови затворски капацитети и ставање во функција на алките за пробација за да може некои од лицата да ја издржуваат казната во своите домови.

Спасовски: Како резултат од претходна политичка одлука за амнестија
повратништвото (рецидивизмот) на криминалитетот е зголемено!

Аргументите и фактите што ги открива Спасовски, од искуствата со повратниците прекршители по амнестија, наведуваат на заклучок за свесно повторување на грешките, познати како резултат од претходна политичка одлука за амнестија. Искуствата покажуваат дека навидум се затвора еден проблем во општеството, но се отвораат нови. Предвидливоста на состојбите што би се повториле наведува на дилемата дали се работи за безидеен политички прагматизам или можеби за политички мазохизам.
– Носењето на предложениот закон за амнестија нема цел да реши никаков општествен проблем. Решавањето на општествените проблеми, воопшто, се прави по претходни анализи, согледување релевантни податоци и изградена стратегија, врз која мерките што се преземаат би имале смисла. Ваквиот прекутрупа подготвен закон за амнестија, иако се наведува дека е функционално растоварување на затворите, всушност има пред сѐ цел постигнување популистичко влијание во јавноста, од што ќе има бенефиции мала општествена категорија. Со овој закон, привремено би се смириле одредени структури поврзани со политичките партии, кои и го предлагаат законот. Од друга страна, немајќи сила за суштински промени на подобро за животот на граѓаните, преку овој закон за амнестија, власта прави обид да создаде некаков привид за грижа за граѓаните. Но судбината на таквиот обид е да остане привид, празна кулиса за претставата дека се решаваат проблеми во општеството – вели универзитетската професорка Мирјана Најчевска, од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.
Професорката Најчевска е согласна со констатацијата дека состојбата во затворите е тешка, но додава дека е таква веќе 30 години.
– Во 2015 година се изборивме за Закон за пробација, со кој помалите казни би требало да можат да се извршуваат на друг начин, преку дејствување на заедницата, односно да им пружи помош на луѓе што го прекршиле законот, зашто во некоја смисла животот ги принудил на тоа. Тоа е вистинскиот пристап за намалување на пренатрупаноста на затворите. Ниту еден закон за амнестија ниту изградба на нови затворски капацитети не го решаваат проблемот – порачува професорката Најчевска.
Според одредени субјекти, активни на политичката сцена во Македонија, законот за амнестија има доминантно политичко-тактичка цел во креирање нови фактори и состојби во предизборниот период што наближува.
– Сега предложениот закон за амнестија е само втората фаза од договорениот пакет за едно пошироко помилување. Првата фаза беше ненајавената промена на Кривичниот закон, втората фаза е амнестијата на помалите казнени дела, а има подготвено и закон за помилување, кој би се однесувал на осудените за 27 април 2017 г. Дали ќе се дојде до таа трета фаза, односно дали ќе се активира, зависи како ќе помине втората фаза. Една од целите на овој законско-амнестирачки пакет е дезинформација пред меѓународниот фактор дека ќе се обезбедат гласови во Собранието за уставните измени. Другата и мислам поважна цел е предизвикување раскол во опозицијата и креирање нови политички субјекти. Во секој случај, стратегија е катаклизмична – вели Павле Трајанов, лидер на Демократски сојуз и поранешен министер за внатрешни работи.


Опфатот на предложениот закон за амнестија

Со законот за амнестија се предлага лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци целосно да се ослободат од издржување на казната, а осудените со казна затвор над шест месеци да се ослободуваат од издржување на 30 отсто од целокупната казна.
Амнестијата не се однесува на лицата што се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ од членот 353, „несовесно работење во службата“ од членот 353-в, за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење семејно насилство и родово базирано насилство.
Со предложениот закон од државата нема да добијат милост ниту осудените за кривичните дела разбојништво, разбојничка кражба, измама на штета на средства на ЕУ, перење пари и други приноси од казниво дело, примање поткуп, давање поткуп, давање награда за противзаконито влијание и примање награда за противзаконито влијание. Амнестијата не се однесува на лицата што делата што се предмет на амнестија ги сториле по 1 септември 2023 година. Амнестијата не се однесува и на правосилно осудени лица за кои до денот на влегувањето во сила на овој закон е наредено издавање потерница поради недостапност на органите за кривичен прогон.
Со законот се опфатени и македонски државјани што се правосилно осудени на казна затвор за кривични дела пропишани со кривични закони на друга држава и казната ја издржуваат во Македонија, врз основа на пресуда на странски или меѓународен суд, која е признаена со пресуда на надлежен суд во земјава според меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот.


Групата „Блупринт“ се повлече од процесот за изработка на новиот кривичен законик

Групата на граѓански организации за реформи во правосудството „Блупринт“ на прес-конференција соопшти дека се повлекуваат од процесот за изработка на новиот кривичен законик. Александра Цветановска од Македонското здружение на млади правници изјави дека клучната причина за нивното повлекување од процесот се последните измени на Кривичниот законик од 6 септември 2023 година, кои беа предложени од страна на Владата.
– Постапката во која беше донесена и содржината на овие измени во делот на трите клучни дела за борба против корупција е целосно спротивна на владеењето на правото. Измените во трите спорни кривични дела беа донесени со заобиколување на работната група што работи на нов кривичен законик, без консултирање со неа, без соодветно консултирање со стручната јавност, како и без претходно анализирање и проценување на потребата од истото тоа – истакна Цветановска.
Во ваква ситуација и состојба, додаде таа, сведоци сме на дрска злоупотреба на т.н. европско знаменце, европско право и казнени политики во овие рамки. Таа исто така нагласи дека и нивната одлука за неодамнешното повлекување од работната група за изработка на нацрт-предлогот за закон за конфискација на имот во граѓанска постапка е тесно поврзано со нивниот став за повлекување од процесот за изработка на нов кривичен законик.
На новинарско прашање поврзано со излезот од оваа ситуација и дали може нешто да се смени во однос на Кривичниот законик, Ивана Петковска од коалицијата „Сите за правично судење“ рече дека од измените што веќе се донесени и стапени во сила последиците ќе ги трпат и граѓаните и владеењето на правото.