Законите молчат во време на војна

Во својата анализа, академик Коцарев прави осврт на тековните случувања, задржувајќи се на некои настани во изминатите четири децении. Поранешните војни не ја оправдуваат оваа ниту која било идна војна. Всушност, ништо не може да биде причина за војување, па така ниту борбата за геостратегиска доминација ниту различните политички системи. Но војната во Украина покажува дека големите империи се подготвени да жртвуваат една држава за поголем геополитички интерес. Време e за ново глобално мировно движење, време е големите сили наместо империјалистички светогледи, да практикуваат достоинствено меѓусебно разбирање, при што тие треба, истовремено, да бидат партнери за соработка во промовирање усогласени цели, партнери за преговарање во усогласување различни интереси, соперници во потрагата по технолошко лидерство и ривали што промовираат алтернативни модели на владеење

Во „Чудовиштата на Ајнштајн“, Мартин Ејмис (Martin Amis) предупредува дека трката во вооружување е трка меѓу нуклеарното оружје и нас самите. На повидок е светски поредок, во кој, повеќе од кога било, ќе има дополнително зголемување на воените буџети и ќе донесе закани, насилства, конфликти и оружени агресии. Поредок, во кој ќе се заборават „темелните права на човекот, достоинството и вредноста на човечката личност, рамноправноста меѓу… сите нации, големи или мали“. Поредок, во кој неодложните потреби од соочување со актуелните светски предизвици, на пример, климатските и социјалните предизвици, ќе бидат ставени под тепих. Тие испратија луѓе во борба… дојдоа пеплишта в урна (Есхил, „Агамемнон“). Silent enim leges inter arma, или законите молчат во време на војна (Цицерон), секогаш проследена со непотребни човечки жртви и уништување на светското материјално и духовно богатство. Во годинашниот мартовски број на списанието „Дипломатски свет“ (Le Monde Diplomatique), директорот на редакцијата, Серж Халими (Serge Halimi), пишува за „Парадоксот на војната во Украина“. Така, според него, „нападот на руската армија врз Украина е флагрантно кршење на меѓународното право и повелбата на ОН“, додека „изговорот наведен од претседателот Путин – спречување геноцид – е лажен, а присуството на неонацистите во Украина, иако реален, е намерно претеран“. Халими, меѓутоа, ги нагласува предупредувањата на Русија дека „НАТО ќе постави камп на нејзините граници, прекршувајќи ги обврските за непроширување што САД ги презеде кога се распадна Советскиот Сојуз“. Притоа, тој потенцира дека „откако ја изгуби својата причина за постоење, НАТО требаше да се распадне одамна, наместо да продолжи да биде она што отсекогаш бил, инструмент на стратешката потчинетост на Европа на целите на САД“.

На крајот, Халими заклучува дека парадоксално „резултат од инвазијата на Украина… ќе доведе до зајакнување на западната воена алијанса“, но и дека е „морално неприфатливо… украинскиот народ… да ја плати цената за опасните шеми на американската суперсила.“ Во денешниов текст ќе се обидам, колку што е можно пообјективно и понепристрасно, да понудам осврт на тековните случувања, задржувајќи се на некои настани во изминатите четири децении. Притоа, би сакал да потенцирам дека пишувањето за едни настани, а не за други, не е направено со тенденција да се намали важноста на вторите. Но во ваков кус текст, неопходно беше да се определам само за некои од нив, па подолу е мојот избор. Михаил Горбачов, на своето прво патување во странство во 1985 година (во својство на генерален секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз), во Париз ја изнесе својата идеја за „заеднички европски дом“, следејќи ја традицијата на Петар Велики (1682-1725), кој се обиде да ја донесе Русија во чекор со Европа. Во согласност со идејата, Горбачов на самитот во Рејкјавик (октомври 1986 г.) предложи да се елиминираат 50 проценти од нуклеарното оружје во рок од пет години, а остатокот во следните пет години. Потоа, се согласи на договор (декември 1987 г.) за елиминација на 1.846 советски ракети, двојно повеќе од бројот на американските ракети. По падот на Берлинскиот ѕид, ноември 1989 година, Горбачов ја поддржа идејата за Германија како неутрална или како членка и на НАТО и на Варшавскиот сојуз, како дел од паневропската безбедносна структура заснована на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), создадена на конференција во Хелсинки во 1975 година. Горбачов не беше сам во застапувањето на паневропската опција. На 31 декември 1989 година, Франсоа Митеран, којшто се залагаше за поголема и понезависна од САД Европа, ќе рече: „Европа повеќе нема да биде таква каква што ја знаеме повеќе од половина век. До неодамна зависна од две велесили, таа, како враќање дома, ќе се врати на својата историја и географија. Очекувам да видам европска конфедерација во вистинска смисла на терминот – која ќе ги собере сите држави на нашиот континент – што ќе се случи во 1990-тите, со Хелсиншкиот договор како нејзина почетна точка“. За да ја избегне советската изолација, Митеран предложи паневропска структура заснована на концентрични кругови: 12-те членки на Европската економска заедница би го формирале активното јадро во рамките на проширената структура за соработка, која би ги вклучила и земјите од Варшавскиот пакт. Вацлав Хавел, по изборот за претседател на Чехословачка, побара распуштање на двата воени сојузи и заминување на сите странски трупи од Централна Европа. Во април 1990 година, претседателот Војчех Јарузелски од Полска се согласи со предлогот на Горбачов за привремено засилување на војниците од Варшавскиот пакт во Источна Германија за да се даде време за создавање паневропска безбедносна структура. Настаните во 1990-тите, меѓутоа, не одеа во прилог на паневропската идеја. Германија се обедини на 3 октомври 1990, во февруари 1991 година Унгарија, Полска и Чехословачка ја основаа Вишеградската група, Варшавскиот пакт се распадна во јули 1991, а колапсот на СССР во декември 1991 година дефинитивно значеше збогум на паневропскиот сон. Интервенцијата во 1999 година на НАТО во поранешна Југославија, без овластување на ОН, само покажа колку Русија е маргинализирана.

НАТО во фази ги вклучуваше земјите од поранешниот источен блок, а потоа и поранешните советски републики на Балтикот. Добриот познавач на американско-руските односи Џорџ Кенан (George Kennan), инаку искусен дипломат, амбасадор во СССР и во Југославија, професор на „Принстон“ и еден од инспираторите на надворешната политика на Америка од времето на Студената војна, веднаш по ратификацијата на Сенатот за проширувањето на НАТО во 1998 година до границите на Русија, ќе рече: „Мислам дека тоа е почеток на нова студена војна… трагична грешка. Нема никаква причина за ова“. По доаѓањето за претседател на Русија, во 2000 година, Владимир Путин, обраќајќи се пред Бундестагот во 2001 година, ја повика Европа да го обедини „својот потенцијал и оној на Русија, вклучувајќи ги нејзините човечки, територијални и природни ресурси и нејзиниот економски, културен и одбранбен потенцијал.“ Во 2001 година, по 11 септември, Русија предложи антитерористичка коалиција инспирирана од сојузниците што ги поразија силите на Оската во Втората светска војна. Три месеци подоцна, САД го објавија своето повлекување од договорот за антибалистички ракети од 1972 година потпишан од Леонид Брежњев и Ричард Никсон. На 43-та Минхенска безбедносна конференција, во февруари 2007 година, Путин се осврна на американскиот унилатерализам: „Сега тие се обидуваат да ни наметнат нови линии на поделба и ѕидови – овие ѕидови можеби се виртуелни, но тие сепак делат, оние што го пресекуваат нашиот континент.“ Годината 2014 – сто години по почетокот на Првата светска војна, беше пресвртна. На 22 февруари 2014 г., претседателот на Украина, Виктор Јанукович, ја напушта државата, додека, пак, во март 2014 г., Автономната Република Крим објави независност од Украина. Во анализа за весникот „Вашингтон пост“ со наслов „За да се реши кризата во Украина, започнете од крајот“, десетина дена пред референдумот на Крим, на 5 март 2014 г., Хенри Кисинџер ќе предложи четири принципи за решавање на кризата: (1) Украина треба да има право слободно да ги избира своите економски и политички сојузи, вклучувајќи и со Европа, (2) Украина не треба да влезе во НАТО, (3) Украина треба да биде слободна да создаде влада во согласност со изразената волја на нејзиниот народ, но таа треба да се грижи, на внатрешен план, за помирување меѓу различните делови на нивната земја, додека на меѓународен план, таа треба да застапува позиција споредлива со онаа на Финска и (4) Русија треба да го признае суверенитетот на Украина над Крим, но Украина треба да ја зајакне автономијата на Крим, што вклучува отстранување на сите нејаснотии за статусот на Црноморската флота во Севастопол. Роберт Вејд (Robert H. Wade), професор на Лондонската школа по економија и политичка наука, во трудот со наслов „Реинтерпретирање на конфликтот во Украина: Повик за етничка подреденост и егзистенцијални непријатели“, објавен во 2015 г., предочува дека украинската криза, иако на Запад генерално се претставува како војна меѓу Русија и Украина, всушност е „граѓанска војна со меѓународна интервенција“, заклучувајќи дека западните влади гледаат на кризата „како начин да се зајакне кревката западна алијанса под раководство на САД преку спроведување на најстариот генерален концепт во социологијата: заедничкиот надворешен непријател поттикнува внатрешна соработка.“ За руските аналитичари, пак, во годината 2014: „Епската потрага на Русија кон запад конечно заврши. Повторените и неизбежно неуспешни обиди да се стане дел од западната цивилизација, да се влезе во ‘доброто семејство’ на европските нации конечно запре“.

Во 1992 година, Министерството за одбрана на САД ги изложи своите стратегиски цели за постсоветската ера, според кои, САД „мора повторно да се фокусира на спречување на појавата на кој било иден потенцијален глобален конкурент“. За ова пишува Клер (Michael Klare), професор по студии за мир и светска безбедност, во трудот (од март 2022 година) со наслов „Со Русија во војна во Украина, Америка се врати (и никогаш не замина)“. Согледувајќи ги промените во американската надворешна политика, според него, „избрзаното, неорганизирано повлекување на САД од Авганистан“ и „нејзиниот мускулен одговор на военото трупање на Русија околу Украина“, всушност „се посебни аспекти на една стратегија – да се врати статусот на Америка како најголема светска суперсила“. Поранешните војни не ја оправдуваат оваа ниту која било идна војна. Всушност, ништо не може да биде причина за војување, па така ниту борбата за геостратегиска доминација ниту различните политички системи. Но војната во Украина покажува дека големите империи се подготвени да жртвуваат една држава за поголем геополитички интерес. „Ова е војна на Путин. Но Америка и НАТО не се невини минувачи“ – е наслов на еден неодамнешен осврт во весникот „Њујорк тајмс“. За Украинците најважно е кој го повлече чкрапалото, а тоа, за жал, неминовно ќе придонесе за нарушување на односите меѓу двата братски народи. Распаѓањето и раѓањето империи секогаш е болно. Професорот Фергусон (Niall Ferguson) во текстот објавен во списанието „Економист“ во август 2021 г. објаснува зошто, според негово мислење, крајот на американската империја нема да биде мирољубив. Која од трите, според Вендт (Alexander Wendt), емпириски култури на анархијата во меѓународните односи ќе преовладее: Хобсовата (каде што доминира непријателството), Локовата (каде што доминира ривалството) или Кантовата (каде што доминира пријателството)? Време e за ново глобално мировно движење, време е големите сили наместо империјалистички светогледи, да практикуваат достоинствено меѓусебно разбирање, при што тие треба, истовремено, да бидат партнери за соработка во промовирање усогласени цели, партнери за преговарање во усогласување различни интереси, соперници во потрагата по технолошко лидерство и ривали што промовираат алтернативни модели на владеење. „Не знам како ќе се води Третата светска војна, но можам да ви кажам што ќе користат во Четвртата – камења!“ порача Алберт Ајнштајн.