Фото: Игор Бансколиев

ЗЛАТКО АПОСТОЛОСКИ, НАЦИОНАЛЕН Н КООРДИНАТОР  ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА НАСИЛЕН ЕКСТРЕМИЗАМ И БОРБА ПРОТИВ ТЕРОРИЗАМ

Во неодамнeшната анализа на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) за постоењето крајнодесничарски и екстремистички организации и групи на Западен Балкан, сублимирано во интерактивна мапа, беа наведени 11 субјекти во Македонија, чии активности, според истражувачите на БИРН, припаѓаат на таквата категоризација. Меѓу 71 формална и неформална организација, квалификувани како крајнодесничарски и екстремистички на интерактивната мапа на БИРН, во Македонија се препознаени 11, додека во целиот регион како такви во Босна и Херцеговина се детектирани 21, во Србија 20, осум во Косово, седум во Црна Гора и четири во Албанија. При претставувањето на интерактивната мапа, во Сараево, беше наведено дека е тешко да се следи дејствувањето на овие групи и организации, зашто најчесто не се регистрирани и нивните активности може да се следат само онлајн. Своевидна противречност на ова објаснување е составот на списокот на организациите квалификувани како екстремни во Македонија, од кои значителен број се транспарентно законски регулирани и активни на политичката сцена во земјата со децении.
„Нова Македонија“ веќе пишуваше за ова истражување за екстремизам и тероризам и тогаш упативме прашање до националниот координатор за спречување насилен екстремизам и за борба против тероризам во македонската влада, Златко Апостолоски. Тогаш го поставивме прашањето: Дали безбедносните институции во земјава оперираат со одредени сознанија што би можеле да ги потврдат наводите и квалификациите од регионалното истражување за дејствување на наведените организации од позиции на екстремизам во Македонија? Поради обврски на националниот координатор, одговорот го добивме по објавувањето на првичниот текст, па сега го објавуваме во целост.
– Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и за борба против тероризам во рамките на своите стратегиски определби ги има препознаено заканите од секаков вид екстремизам во Република Северна Македонија, вклучувајќи го и десничарскиот екстремизам. Во Стратегијата за спречување насилен екстремизам 2018-2022 година, предвидени се многубројни активности за следење и превенирање десен, лев, верски и други видови екстремизам на подрачјето на државата. Покрај тоа, заканите од сите видови екстремизам се препознаени и во новите стратегии што се во фаза на изработка, а се за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам.

Свесни сме дека актуелните случувања придонесуваат за растење како на десниот така и на левиот екстремизам, поради што во новите национални стратегии предвидуваме посилна превенција и одговор на овие предизвици. Наведените десничарски организации во истражувањето на БИРН, препознаени се со нивната активност и на подрачјето на Република Северна Македонија и поради тоа се предвидени активности во националните стратегии за поширок превентивен одговор на овие здруженија и организации. Наедно, безбедносно-разузнавачките агенции, во координација со Националниот комитет, ги следат овие здруженија и организации и преземаат адекватни мерки и активности за спречување евентуални нарушувања на безбедноста во земјата – се наведува во одговорот од канцеларијата на националниот координатор за спречување насилен екстремизам и за борба против тероризам.
Инаку, во списокот на БИРН со 11, според нив, крајнодесничарски и екстремистички организации се наведени: „Андон Јанев-Ќосето“ – Велес, МПЗ „Владо Георгиев-Черноземски“, „Единствена Македонија“, „Тврдокорни“ (Тврдокорни), селафиската исламска заедница „Дар ал-Хадис“ – Скопје, „Бојкотирам“, „Христијанско братство“, ТМОРО – ВЕП, ТМРО (Трајно македонско радикално обединување), „Балист“ (Балисти), Светски македонски конгрес (СМК).
Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, кој е на наведената листа на БИРН за крајнодесничарство и екстремизам, веќе ги отфрли овие квалификации како обид за политичка дискредитација и побара од македонската дирекција на оваа истражувачка мрежа, СМК да биде отстранета од интерактивната мапа.